Вести Македонија

Приватните специјализанти од утре привремено го ставаат штрајкот во мирување, но не се откажуваат од барањата

Со куфери во рацете и хартиени билети во еден правец, вака денеска приватните специјализанти дојдоа пред Министерството за здравство. Тие оддржаа мирен протест под мотото „5 до 12 за македонското здравство“.

„Имаме статистички податоци дека повеќе од 70% од студентите на Медицинскиот факултет активно учат германски јазик што не е коинциденција. Сигурно станува збор за еден план на емиграција бидејќи гледаат една сива и безнадежна иднина во својата земја“, вели д-р Александра Георгиева, претседателката на Здружението на лекари специјализанти.

Од утре привремено штрајкот го ставаат во мирување и се враќаат на работа. Но секој вторник за време на паузата ќе излегуваат во паркот пред Интерните клиники за да потсетат дека не се откажуваат од нивните барања.

„Во знак на изразување на револт што нашите барања се уште не се прифатени, приватните специјализанти од следната недела, секој вторник за време на својата пауза, во 11 часот ќе се собираат во паркот пред интерните клиники, со цел да покажеме дека сме тука, постоиме и чекаме да се решат нашите проблеми“, вели д-р Христина Илиоска – Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина.

Тие велат дека штрајкот немал никаква политичка позадина како што ги обвинуваат надлежните политичари туку едноставно биле доведени до работ  на егзистенција.

„Просечната плата во Македонија во 2018 година изнесуваше 24.000 денари, а на приватен специјализант 26.000 денари, а денеска просечната плата изнесува 40.000 денари, а приватниот специјализант се уште зема плата од 26.000 денари. Како имаше слух да се покачат одредени примања за 78%, а нема слух да се покачат платите на лекарите за помалку од 30%“, додава  претседателката на Здружението на лекари специјализанти.

Приватните специјализанти недела дена штрајкуваа и бараа вработување со здравствено осигурување и просечна плата, а од Министерството за здравство им одговорија дека нивниот статус ќе се решава по изборите.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Обид за физички напад врз претседателката на Уставниот Суд

Дејан Дејан

Крени глас: Со позитивна енергија против врсничкото насилство

Дејан Дејан

Ахмети, ги обвини СДМ и ВМРО-ДПМНЕ за прегласувањето во седумте избирачки места

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе