ЕСМ понуди за 7,5 отсто повисока цена на тендерот за набавка на електрична енергија на ЕВН Хоум – Ќе поскапи ли струјата?

0
180

57 евра за мегават час е цената по која ЕСМ ќе ја продава произведената струја на ЕВН Хоум за првите шест месеци наредната година.

Оваа сума од која најмногу зависи какви сметки ќе плаќаат домаќинствата од 1ви јануари е за 7,5% поскапа од сегашната која е 53 евра за мегават.

Заврши тендерот на Универзалниот снабдувач на кој, освен што ЕСМ понуди повисока цена, за прв пат нема да испорача 100% од потребните количини, објави Канал 5.

„За покривање на останатите 5% од вкупно планираните количини, ЕВН Хоме доби најповолна понуда од АД ЕСМ, со купопродажна цена на електрична енергија од 120,01 евра за мегаватчас. Освен АД ЕСМ, на тендерот учествуваше и Соле24 ДООЕЛ. За покривање на загубите на електрична енергија, Електродистрибуција доби најповолна понуда од АД ЕСМ, и тоа по цена од 105 евра за мегаватчас. Претходно оваа цена изнесуваше 100 евра за мегаватчас.“ ЕВН Хоум.

Дали ова ќе значи и повисоки сметки за струја од први јануари, останува неизвесно.Во пресметката за цената влегуваат и цените од МЕПСО, МЕМО и Електродистрибуција. Овој пат математиките за тоа колку ќе изнесуваат цените во блок тарифите ќе ги прави ЕВН, но под надзор на Регулаторна, која ќе мора да ги одобри.

Додека се чека новата цена, она што е извесно е дека од утре 170 илјади домаќинства ќе перат и готват на евтина тарифа и преку ден од 13 до 15 часот. Тоа се сите кои имаат дигитални броила. Останатите 650 илјади стари струјомери ќе треба рачно да се менуваат. ЕВН нив ќе ги прилагодува во текот на декември.

За најголемиот дел од граѓаните кои ги анкетиравме струјата е скапа, но велат дека со враќањето на дневната евтина тарифа колку толку ќе им се намалат давачките.

Од ЕВН објаснуваат дека граѓаните за кои од утре ќе стартува дневната евтина тарифа на самиот струјомер ќе може да видат дали им врти по ниска или висока тарифа.

„На LCD екранот на броилата се појавува ознака Т1 (за висока тарифа) и Т2 (за ниска тарифа), што значи дека во зависност од периодот на денот се појавуваат и се активни соодветните ознаки на екранот. Имено, корисникот може да препознае дали му е сетирано броилото на евтина тарифа од 13 до 15ч. после 1-ви декември, доколку му се појави соодветната ознака за евтина тарифа во наведениот временски период.“ ЕВН Хоум.

 

извор: Канал 5