Избор Македонија Охрид Празници ТОП ВЕСТИ

Календар на МПЦ: Преподобен Теодор Сикеот

Охрид, 5. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници денеска го одбележуваат денот посветен на Преподобен Теодор Сикеот.

Роден е во селото Сикеа, заради што го нарекоа Сикеот. Уште како десетгодишно момче се предаваше на строг пост и сеноќна молитва, по примерот на старецот Стефан, којшто живееше во неговиот дом. Неговата мајка, Марија, беше богата вдовица и сакаше својот син да го посвети на воената служба.

Но, во сон ѝ се јави свети Георгиј и ја извести дека Теодор Му е наменет на служба не на земниот туку на небесниот Цар. Свети Георгиј многупати му се јавуваше и на самиот Теодор или за да го поучи или за да го спаси од некоја опасност во којашто би западнал од злобните демони.

Имаше и неколку виденија на Пресвета Богородица. Неговиот подвиг со суровоста ги надминуваше подвизите на сите живи подвижници на неговото време. Телото си го измачуваше со жед и глад и со железни вериги и сеноќно стоење на молитва. Сè само за да ја врзе душата со љубовта кон Бога и да ја направи господарка над телото. На неговата љубов милостивиот Господ одговори со љубов. Му подари голема моќ над нечистите духови и над сите болести и маки човечки.

На сите страни се прочу како чудотворен исцелител. Заради големата чистота и духовност и против неговата волја беше избран за епископ Анастасиополски. На епископската служба помина единаесет години, а потоа Го измоли Бога да го ослободи од таа служба за повторно да му се посвети на својот омилен подвиг. Потоа се врати во својот манастир, каде што на старост Му ја предаде својата душа на Господ заради Кого доброволно многу страдаше. Се упокои во почетокот на царувањето на царот Ираклиј, околу 613 година.

Тропар

Светлината тивка те збогати со дарови неискажливи во слава Нејзина, за да се излеваат преку тебе, свети Теодоре, над родот човечки, и како чудотворец пред нашите очи те претстави, кој брзо нашите молби пред Господ ги принесува. Радувај се ти, кој заштитен од плаштот на великиот Георгиј, угодник на Пресветата, Христос со благодатна плаштаница те обви, и за нас моли се пред Преблагиот Владика. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука