Во фоајето од ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, на 29 март од 13 часот, ќе биде отворена изложбата на големите јапонски мајстори за дрворези „Јапонскиот лебдечки свет-UKIYOE“, што го отсликува светот од 17 и 18 век.

Изложбата пред публиката ќе биде претставена во рамки на проектот за соработка помеѓу ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, Амбасадата на Јапонија во Македонија, Здружението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт“- Скопје,  Музеј на град Скопје и неформалната мрежа на музеи МузеумЛинк – раководена од Јасминка Намичева, кустос советник. Таа е по повод 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Јапонија и Македонија. Ќе биде организирана и цртачка работилница за ученици, од кои по завршувањето на циклусот патувачки изложби, ќе биде поставена изложба.

Преку 30 копии-принтови од цртежи од најпознатите јапонски мајстори на дрворези од 17 и 18 век, до публиката, ќе допре шармот на „светот кој лебди“ кој е всушност отслик на подемот на трговската класа во градот Едо (денешно Токио) во периодот од раниот 17 век, и нивната  хедонистичка филозофијата која ги подржува моментните задоволства на животот, при тоа славејќи ја убавината на природата преку претставите на месечината, снегот, црешовиот цвет или јаворовиот лист. Раскошните квартови во Едо, во кои самураите и граѓаните ја сочинувале новата градска класа, која се натпреварува во елеганцијата и рафинираниот вкус, стануваат неисцрпна тема на дрворезите на ukiyoe мајсторите.

На изложбата се претставени најзначајните мајстори на  ukiyoe,-Хишикава Кишибеи наречен Моронобу, кој во раниот 17 век, бил првиот сликар кој започнал со ukiyoe дрворези на кои портретирал енергични жени од Едо. Златното доба на оваа графичка практика, од доцниот 17 и 18 век, е претставено на изложбата, преку делата на Тори Кијонага и Китагава Утамаро, како и преку неколку дела на прочуениот Шараку, кој ги портретирал актерите од кабуки театарот…

Вниманието на Европа кон укијое уметноста било за прв пат свртено со претставувањето на јапонски принтови во 1867 на Интернационалната изложба во Париз.