Чешка: Денес и утре вториот круг од претседателските избори, Павел е јасен фаворит

од Radmila Tasevska

Пензионираниот генерал на НАТО, Петр Павел, независен прозападен кандидат близок до владејачката коалиција, ќе биде фаворит во вториот круг од претседателските избори во Чешка, каде денес и утре ќе се натпреварува со поранешниот премиер и претседател на најсилната опозициска партија АНО, Андреј Бабиш.

Според обложувалниците, парите вложени на генералот Павел претставуваат сигурна добивка, бидејќи тој има десет пати поголема веројатност да стане претседател на Чешка од неговиот ривал Бабиш, пренесува Ројтерс.

Последниот телевизиски дуел на кандидатите за претседателската функција во четвртокот вечерта беше неочекувано млак и наликуваше на приспивна песна, што е остар контраст со претходниот тек на кампањата, кога не се штедеа остри зборови, оценува порталот респект.цз.

Петр Павел, кој ја започна својата воена кариера во комунистичка Чехословачка и продолжи во структурите на НАТО, се појави со програма во која беше истакнато членството на Чешка во ЕУ и НАТО и поддржа натамошна воена поддршка за Украина, пренесува Ројтерс.

Павел сака еврото да ја замени чешката круна како валута, а во исто време се залага за хомосексуални бракови во Чешка.

Андреј Бабиш, кој беше премиер на Чешка од 2017 до 2021 година, важи за еден од најбогатите луѓе во земјата.

За време на кампањата, тој се обиде да го претстави Павел како кандидат на владејачката коалиција и ја спореди актуелната економска состојба со периодот кога беше премиер, користејќи го слоганот „Во времето на Бабиш беше подобро“, пренесува порталот сезнам.цз.

Во последниот дел од кампањата, Бабиш се обиде да игра на стравот од војната во Украина меѓу исплашените гласачи, кои веќе се соочуваат со тешка економска ситуација во земјата, наведува Ројтерс.

Гласањето започнува денес во два часот попладне, а завршува во сабота во два часот попладне, а се очекува името на новиот претседател на Чешка да биде познато в сабота во доцните попладневни часови.

Слични содржини