Локалните власти вчера соопштија дека водата во гостиварскиот водовод е согласно стандардите и дека може да се користи за пиење и готвење. Вината што деновиве во градот беше забрането користење на водата од градскиот водовод, според градоначалникот, е поради резултатите на приватна акредитирана лабораторија, на која општината повеќе не и верува
Од приватната лабораторија „Проанализ“ од Струмица велат, ако на градоначалникот не му е, нам ни е грижа за здравјето на гостиварци и повторуваат – водата во Гостивар не е за пиење
Во водата за пиење во Гостивар има бактерија ешерихија коли, објави локалната самоуправа кога пред две недели ги повика жителите да на ја пијат водата од чешма.

Таман се подобрија резултатите, стигна нова забрана, но поради друга причина – присуство на манган во водата за пиење. Во неизвесност дали да пијат вода од чешма и кога е исправна или не, гостиварци полека се навикнаа да купуваат вода од продавница.




360°:Се плашите да ја користите водата од чешма?
„Да. И за готвење. Не готвам од неа. Рекоа ешерихија коли. Таа најопасна бактерија е. Сега манган. И за готвење не бива.“
рече жителка на Гостивар.
„Ја користевме, но сега донесоа одлука да не се пие и не сме пиеле. Сега веќе не знам дали е за пиење или не“.
вели жител на Гостивар.
„Само бизнис за да се продава водата по продавниците. И тие веднаш ја кренаа цената. Таа што беше 25 денари ја направија 30-35 денари.“
рече жител на Гостивар.
„Над водовод и во Вруток кај изворот градени се хотели, мотели. Каде одат тие тоалети, тие купатила?
вели друг жител на Гостивар.
„Подобро да доплатиш 100 евра само водата да е чиста, за мене не е проблем затоа што имам 70 години, но за мали деца што пијат, има фонтани низ градот, децата пијат од таму, што се случува“.
рече жител на Гостивар.
И додека граѓаните повеќе не се сигурни во кого да веруваат, се случува дополнителен заплет. Општината има најмено приватна компанија од Струмица која врши редовно следење на квалитетот на водата.

„Во последните неколку недели имавме неколку пати вакви ситуации, кои се базираат на анализите направени од компанијата која е ангажирана од страна на комуналното претпријатие на Гостивар.Овие резултати првпат како што беа пренесени од приватната компанија така и се постапуваше.“
рече Лимани.
Но, кога ќе се открие загадување на водата, обврска да прави испитувања има и локалниот Центар за јавно здравје.
„Паралелно со тие мостри се земени и од Центарот за јавно здравје кои покажале дека водата е за пиење и не содржи недозволени количини манган, така што имаше дилема кои резултати се точни. Јас, лично, повеќе им верувам на надлежните институции во овој случај, Центарот за јавно здравје. Истото се повтори вчера, мострите земени од Центарот за јавно здравје Гостивар и Скопје се добри, водата е за пиење и може да се користи и во неа нема недозволени количини манган“.
додаде Лимани.
Па, бидејќи резултатите на државните органи не ги потврдиле наодите на приватната компанија, градоначалникот Лимани решил да ја разреши дилемата со наредба до директорот на Јавното претпријатие „Комуналец“ – да го раскинат договорот со приватната лабораторија „Про-анализ“ од Струмица.
„Не сакам да прејудицирам дека има некаква позадина, но навистина кажав дека се сомневам во автентичноста на резултатите. Зошто се случува и која е причината, не знам добро, но исто така се откри дека третите мостри што ги зеде Центарот за јавно здравје се добри. Затоа, вчера, врз основа на мострите кои покажуваат дека водата е за пиење, побарав од директорот на општинското претпријатие да преземе мерки и врз основа на резултатите што ги имаме, соработката со таа приватна фирма се прекинува и отсега анализите на водата ќе ги прави Центарот за јавно здравје Гостивар“.
вели Лимани.
Од јавното претпријатие „Комуналец“ за „360 степени“ потврдија дека го раскинале договорот со приватната лабораторија, согласно упатствата од градоначалникот.

„Го раскинавме договорот со лабораторијата што ги направи анализите, нема да продолжи да ги прави анализите бидејќи сите други лаборатории покажаа дека се во ред, додека од таа лабораторија ни излегува со проблем.Некаде од почетокот што правеле анализи досега, од кога имаа договор, направени се три анализи некаде. Од сите овие трианализи, сите беа да не се пие водата“.
рече Дервиши.
„360 степени“ ја контактираше и приватната лабораторија „Про-анализ“ од Струмица. Раководителот Зија Саидов ги отфрла тврдењата на локалната власт во Гостивар и вели – ние сме акредитирана лабораторија со најсовремена опрема и методи.

„Ние стоиме зад нашите резултати. Општина Гостивар, ако на градоначалникот и на директорот на комуналното на Општина Гостивар не им е од значење животот и здравјето на населението на Гостивар, на мене ми е стварно значаен бидејќи имам пријатели, роднини, другари што работат. И да немам роднини и пријатели, значи, ние сме за таа работа, да ја контролираме водата за да има почиста вода.“
рече Саидов.
Според Саидов, гостиварската локална власт треба да го најде и отстрани вистинскиот проблем, а не нивните анализи.
„Они треба да се ангажираат и стручно да видат што и како може тоа да го решат. Не е решен проблемот со раскинување на договорот со „Проанализ“. Јас кажувам и стојам зад анализите и резултатите. Водата не е за пиење. Додека не излезат добри резултати, водата не е за пиење“.
вели Саиодв.
Да не остане судирот само на релација општина – приватна лабораторија, во дебатата веќе е вклучен и Центар за јавно здравје од Тетово. Тамошниот раководителот на Одделението за хигиена и здравствена екологија, Ратко Давидовски, кој патем е и советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Тетово, за „Телма“ изјави.

„Нашите резултати ги потврдуваме во лабораторија во Лондон. Така што верувам во нашите стручни служби кои ги вршат анализите и знаејќи дека Гостивар не е манганогено подрачје, претпоставувам, јас сега шпекулирам, или се случил некој инцидент или, пак, не се точни резултатите од лабораторијата.“
вели Давидовски.
Вчера, гостиварци беа известени дека смеат да ја пијат и да готват со водата од градскиот водовод. Анализите направени во лабораторијата на Јавната здравствена установа – Скопје за бактериолошката и физичко-хемиската состојба на водата, покажале дека таа е безбедна, соопшти локалното јавно комунално претпријатие.

Сосема друго прашање, според разговорите што ние ги направивме со жителите, е дали ќе им веруваат.