ЗА ДВА МЕСЕЦА СЕ ДЕФОРМИРАШЕ АСФАЛТОТ НА НОВИОТ КРУЖЕН ТЕК ВО БИТОЛА, А СПОМЕНИКОТ НА ВОЈВОДАТА ТУРУНЏЕВ УШТЕ ГО НЕМА

    ЗА ДВА МЕСЕЦА СЕ ДЕФОРМИРАШЕ АСФАЛТОТ НА НОВИОТ КРУЖЕН ТЕК ВО БИТОЛА, А СПОМЕНИКОТ НА ВОЈВОДАТА ТУРУНЏЕВ УШТЕ ГО НЕМАНа изведувачот му е даден рок за отстранување на недостатоците, инаку нема да биде исплатен (Фото: СДК.МК)

    Споменикот на војводата Александар Турунџев никако да стигне до новиот кружен тек што кај старата Ветеринарска станица го изгради Општина Битола. Иако улицата беше асфалтирана во ноември, а во јануари беше констатирано дека има деформации на асфалтот, таа уште не е коригирана. Изведувач е компанија од Демир Хисар, а вредноста на договорот изнесува 11,7 милиони денари, плус анекс од 2,2 милиона денари. Од Општината велат дека изведувачот нема да биде исплатен додека не ги отстрани недостатоците.

    На кружниот тек се констатирани деформации на вториот слој асфалт и истиот треба да се извади и да се нанесе нов слој. Службите во Општината одржаа состанок со изведувачот, на кого му е даден рок за отстранување на недостатоците. Тој нема да биде исплатен за завршената работа додека не бидат отстранети“, соопштија од Општината за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Градоначалникот Тони Коњановски рече дека ќе бара одговорност од сите изведувачи кои направиле пропусти.

    Нема да дозволам неодговорност и непродуктивно трошење на ниеден општински денар. Секој изведувач мора да гарантира и да изврши квалитетна работа, затоа што во спротивно, штетите нема да бидат на товар на граѓаните и општината, туку на изведувачите“, рече Коњановски.

    На седница на Советот одржана деновиве имаше бурна дискусија за инстраструктурните зафати.

    Можеме да го видиме згрешениот кружен тек за кој ни се смее цела Македонија. Можеме да видиме дека се склучувани анекси, зашто очигледно, состојбата на терен не се совпаѓала со состојбата предвидена со проектот. Битола има нова населба која досега се викаше Недопирливи, а отсега може да се вика Недопраени“, рече Габриела Илиевска од Поинаку, претседателка на Советот.

    Советниот од Пoинаку, Иван Чулакоски, на 7 февруари го објави записникот од извршениот технички преглед на кружниот тек, направен на 26 јануари, добиен преку барање за слободен пристап до инфорамции. Во записникот пишува недостатоците со асфалтот да се отстранат кога ќе има поволни временски услови за да не дојде до повторување на оштетувањата. До денес корекцијата не е направена.

    За да се направи кружниот тек беа исечени повеќегодишни дрвја, а дел од возачите коментираат дека премините се тесни. Сличен проект планираше и ексградоначалникот Владимир Талески во 2017, но се откажа поради протестите на граѓаните кои се спротивставија на сечата. Тогаш се изработи споменикот на војводата Турунџев, кој остана во општинскиот двор.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира