Македонката Светлана Мојсов меѓу 100-те највлијателни личности во светот според магазинот „Тајм“

Македонката Светлана Мојсов, светски познат научник чие истражување за хормоналните предизвикувачи за производство на инсулин доведе до револуционерни третмани за дијабетес и дебелина, е меѓу 100-те највлијателни личности во светот за годинава, според најновиот избор на американскиот магазин „Тајм“.

Таа се најде во овој престижен избор заедно со уште двајца научници, Џоел Хабенер и Ден Дракер, во сегментот „Пионери“, меѓу други влијателни личности како Америка Ферера, Лесли Локо, Офелија Дал, Кенеди Одеде и други.

Како што пишува Алис Парк, виш дописник на „Тајм“, во образложението за изборот на Мојсов, Хабенер и Дракер, појавата на ефикасни лекови за слабеење како што е Вегови (Wegovy ) е кулминација на долгогодишната тимска работа.

Научниците во Европа и во САД, кои први работеа на лекови за дијабетес, направија критична врска помеѓу инсулинот и инкретините, дел од семејството на цревни хормони познати како глукагони, со што им помогнаа да разберат како да управуваат со нивото на шеќер во крвта и тежината.

 

Во годинашнава листа на магазинот „Тајм“ во категоријата на највлијателни лидери се сопругата на починатиот руски опозиционер, Јулија Навални, кинескиот премиер Ли Џијанг, полскиот премиер Доналд Туск, аргентинскиот претседател Хавиер Милеи и италијанската премиерка Џорџа Мелони меѓу лидерите.

Покрај нив, помеѓу највлијателните лидери се и бразилската министерка за животна средина и климатски промени, Марина Силва, директорот на ЦИА, Вилијам Барнс и шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак.

Во изборот на највлијателните личности на американскиот весник се најдоа и јапонскиот режисер Хајао Мијазаки, британската пејачка со албанско потекло Дуа Липа, британскиот актер Дев Пател и австралиската пејачка Кајли Миног.

Текстот Македонката Светлана Мојсов меѓу 100-те највлијателни личности во светот според магазинот „Тајм“ е превземен од МАКФАКС.