Иран во ОН го предупреди Израел да не презема натамошни воени дејствија

Иран во четвртокот пред Советот за безбедност на Обединетите нации порача дека Израел „мора да биде принуден да го запре секој натамошен воен авантуризам против нашите интереси“, додека генералниот секретар на светската организација Антонио Гутереш предупреди дека Блискиот исток е во „момент на максимална опасност“.

Израел се закани дека ќе возврати на иранскиот напад со ракети и беспилотни летала на 13-ти април, кој беше изведен како одговор на израелски напад врз комплексот на амбасадата во Дамаск на 1-ви април во кој беа убиени шест ирански офицери воени советници во Сирија, од кои двајца високо рангирани генерали на бригадите „Кудс“ на Корпусот на гардата на исламската револуција (IRCG).

Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан ги опиша нападите врз Израел како „апсолутно неопходни“ во заднината на „нападот врз амбасадата и неприкосновениот суверенитет“ на неговата земка. Рече дека Исламската Република Иран го изгубила трпението со „континуираната неактивност на Советот за безбедност“, пренесува DPA.

Израел повеќе од деценија, без да ја негира или да ја преземе одговорноста, изведува удари врз ирански интереси на Блискиот исток. Покрај тоа, Техеран редовно ја обвинува еврејската држава и нејзините тајни служби дека преку џихадистите од сунитското или курдското малциство во самиот Иран изведуваат терористички напади.

„Во случај на каква и да е употреба на сила од страна на израелскиот режим и кршење на нашиот суверенитет, Исламската Република Иран нема да се двоуми да ги искористи своите фундаментални права за да обезбеди решителен и соодветен одговор, така што тамошниот режим ќе зажали за своите постапки. изјави Амир-Абдолахиан пред Советот за безбедност.

Коментарите на шефот на израелската дипломатија следеа откако командантот на иранската Револуционерна гарда претходно во четвртокот рече дека Иран може да ја преиспита својата „нуклеарна доктрина“ по израелските закани.

Амир-Абдолахиан ги критикуваше и САД, Обединетото Кралство и Франција дека сѐ уште не го осудија израелскиот напад.

На состанокот на Советот за безбедност на ОН за Блискиот исток, генералниот секретар Антонио Гутереш повика на максимална воздржаност.

„Крајно време е да се стави крај на крвавиот циклус на одмазда. Крајно време е тоа да се запре. Меѓународната заедница мора да работи заедно за да спречи какви било активности кои би можеле да го турнат целиот Блиски Исток преку работ, со разурнувачки ефект врз цивилите“, апелираше Гутереш.

Претходно во четвртокот во Советот за безбедност, израелскиот амбасадор во ОН, Гилад Ердан, го критикуваше присуството на Амир-Абдолахиан во светската организација.

„Тој е тука за да ви се потсмева. Тој е тука за да ви покаже на сите, додека сте во костуми и дипломатски дотерани, дека неговата земја може да нападне друга земја-членка во сабота, и дека во четврток може да дојде овде за да ви одржи на сите лекција за човекови права и меѓународно право“, рече Ердан без да го спомене нападот со иранската дипломатска мисија во Дамаск.