Линкови за пристапност

Кон бугарскиот клуб „Цар Борис Трети во Охрид“ стрелано со огнено оружје, трет инцидент


„За настанот известен е Јавен обвинител од ОЈО Охрид, по чии насоки се преземаат мерки за расчистување на случајот“, изјави Стефан Димоски, портпарол на полицијата во Охрид.
„За настанот известен е Јавен обвинител од ОЈО Охрид, по чии насоки се преземаат мерки за расчистување на случајот“, изјави Стефан Димоски, портпарол на полицијата во Охрид.

Бугарскиот културен клуб, Цар Борис Трети, кој пред повеќе од еден месец беше отворен во Охрид, е повторно оштетен, откако кон просториите било пукано со оружје.

Според полицијата, утврдено било дека на стаклото од надворешната врата и на стаклото од излогот на канцеларијата има две оштетувања направени од оружје. Канцеларијата на клубот е затворена, а полицијата трага по сторителите.

„За настанот известен е Јавен обвинител од ОЈО Охрид, по чии насоки се преземаат мерки за расчистување на случајот“, изјави Стефан Димоски, портпарол на полицијата во Охрид.

Ова е трет инцидент откако е отворен клубот, но прв со употреба на оружје, откако претходно беше искршен излогот и оштетена таблата со името на Здружението.

Бугарската новинска агенција БГНЕС, објави „Само во просториите на клубот внатре биле пронајдени осум чаури. Се појаснува дека има снимка, на која се гледа автомобилот од кој се пукало“.

Нов напад, овојпат со огнено оружје врз бугарскиот клуб во Охрид
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:11 0:00

Граѓаните на Охрид се загрижени за последните случувања и сметаат дека ова не е начин за решение на проблемот.

„Ова не се решава со употреба на огнено оружје и со сила. Тоа мислам дека оди во прилог на Бугарија, за да не претстават дека сме нецивилизиран народ, не ги почитуваме законите”, вели граѓанин на Охрид.

Историчарот, Александар Литоски смета дека именувањето на бугарските клубови во Северна Македонија со имиња, на соработници на фашизмот не се оправдани и оти ова што се случува е резултат на сето тоа: „Некои работи е очекувано да се случуваат, бидејќи од бугарска страна постојано стигнуваат провокации и непрестајно се води политика, која во основа е анти-македонска. Мислам дека сите што посериозно се занимаваат со политика и со посериозни анализи, ова треба да им е добар сигнал, дека ваквата политика на Бугарија не е добредојдена во Македонија, особено со провокациите со имињата на докажани фашисти на нивните т.н. културни клубови“.

Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија најстрого го осуди како што велат од таму овој вандалски чин. „Особено загрижува фактот што овие вандалски активности се повторуваат во многу краток период, имајќи предвид дека пред само неколку дена, на 20 ноември, бевме сведоци на уште еден вандалски чин кога беше оштетен излогот на клубот. Ваквите настани се целосно неприфатливи, можат да загрозат човечки животи, и ги засилуваат ретроградните процеси кои се во спротивност со европските интеграции на земјава“, велат од МНР.

Од МНР ги повикуваат институциите да ги пронајдат сторителите.

„Ги повикуваме надлежните институции да ги истражат околностите под кои се случија овие вандалски активности и да преземат итни мерки за откривање на сторителите, како и да преземат дополнителни превентивни активности со цел да се обезбедат соодветни услови за непречено одвивање на активностите на овој и сите други граѓански клубови и здруженија во земјава. Сите граѓани на Република Северна Македонија имаат еднаква слобода на здружување заради остварување на нивните права и уверувања, што преставува и законски и уставно загарантирани човечки, граѓански права и слободи - државата како веродостоен кандидат за членство во ЕУ тоа мора да го обезбеди“, додаваат од МНР.

Бугарското МНР, пак, на македонската амбасадорка во Софија, Агнеза Руси ќе и врачи протесна нота.

„Министерството за надворешни работи очекува надлежните органи во Република Северна Македонија во најкраток можен рок да преземат активности за откривање и изведување на лицето на правдата на сторителите на злосторството врз клубот Цар Борис Трети. Во врска со случајот на средба во Министерството за надворешни работи ќе биде повикана вонредната и ополномошната амбасадорка на Северна Македонија, г-ѓа Агнеза Руси-Поповска, на која ќе и биде врачена протестна нота“, соопштија од МНР на Бугарија.

За бугарскиот претседател, Румен Радев, последните случувања во Охрид се неприфатливи и се чин на агресија, која се децении се газела во Северна Македонија кон Бугарија и бугарскиот народ. Според него патот на земјава кон ЕУ, минува преку вклучување на Бугарите во Уставот, односно преку признавање на нивните права.

Инаку отворањето на бугарскиот клуб, кој го носи името на поранешниот соработник на фашизмот, уште од самиот почеток го следат огромни реакции. Додека клубот официјално се отвораше во Охрид се одржаа протести, кои беа подржани од опозициските партии Левица и ВМРО ДПМНЕ. Претседателот на Клубот, Томе Блажески, тогаш рече дека ги почитувале сите закони на државата.

„Ние сме почитувачи на ликот и делото на Цар Борис Трети и уште пред една година го отворивме здружението со сите документи со целата почит кон државата и институциите и законите. Се беше нормално. Нас никој не стопира или не забрани. После една година почна да се политизира целата работа и се крена глас против нас. Немаме некои нацистички, неонацистички или фашистички движења, а доколку имаме нас нека не судат. Ниту сме помислиле да направиме некаква провокација, ниту ништо“, рече тој.

XS
SM
MD
LG