Експлозии во два аеродроми во Русија, оштетени стратешки бомбардери (Видео)

Ниту Русија ниту Украина не коментираат за причините за големите експлозии


Нападот на аеродромот „Енгелс-2“ кај Саратов

 

Два руски аеродроми каде се подготвуваше голем напад врз Украина беа погодени со беспилотни летала.

Во воздухопловната база „Енгелс-2“, во близина на градот Саратов во југозападна Русија, на 5 декември во раните утрински часови се урна дрон од непознато потекло. Во експлозијата беа оштетени два бомбардери „ТУ-95“, кои претходно беа користени за напади врз украинската инфраструктура.

На социјалните мрежи се појавија неколку видеа од нападот на воздухопловната база „Енгелс-2“. На едно од нив се слуша звук на летечки објект. Околу 42-та секунда од видеото се гледа светлината од експлозијата, а 19 секунди подоцна до камерата стигнува звукот од самата експлозија.

Инаку, минатата недела беа објавени сателитски снимки на кои се гледа како бомбардерите во воздухопловната база „Енгелс“ се подготвуваат за нов напад врз Украина. На фотографиите се гледа како авионите „Ту-95“ и „Ту-160“ се полнат со гориво и се вооружуваат со крстосувачки ракети. Воените аналитичари предупредија дека нападот од „големи размери“ врз Украина и нејзините ранливи енергетски мрежи најверојатно ќе биде „неизбежен“.

Утринава во 6 часот и 30 минути е регистрирана уште една експлозија на рускиот воен аеродром во близина на градот Рјазан, на околу 200 километри југоисточно од Москва. По експлозијата на резервоарот за гориво дошло до пожар. ТАСС јавува дека три лица загинале, а уште најмалку пет се повредени. Рускиот весник „МК“ објави дека од експлозија на резервоар со гориво е оштетен и авион.

Киев не ја презеде одговорноста за експлозиите, но се верува дека стои зад десетици слични напади врз бази и складишта за снабдување на западната граница на Русија.

„База“, руски медиум со извори во безбедносните служби, објави дека рускиот аеродром во Енгелс бил нападнат со „пловечка муниција“ чија цел била пистата на воздухопловната база. „Астра“, друг независен руски медиум, тврди дека во експлозијата биле оштетени два бомбардери со нуклеарно оружје „Ту-95“. Никој од нив не го спомена изворот на својата информација.

Кремљ соопшти дека Владимир Путин бил информиран за инцидентите.

Локалните власти во регионот Саратов соопштија дека безбедносните служби ги истражуваат извештаите за експлозија во воздухопловната база „Енгелс“.

Не е познато дали Украина има некаква „лебдечка муниција“ што би ѝ овозможила да удри стотици километри подалеку од линијата на фронтот на конфликтот, иако има извештаи за развој на такви беспилотни летала.