Русин рече дека Русија направила проблеми со Украина, па доби 5 години принудна работа

од Симе Стоиков

Руски државјанин е осуден на пет години прунудна работа затоа што одговарал на новинарски прашања на улица за војната во Украина за Радио Слободна Европа/Радио Слобода, финансирано од САД.

Тој беше осуден за „намерно ширење лажни информации“ за руската армија. Казната на Јуриј Коховец (39) ја соопшти службата на градскиот суд во Москва.

Новинарите на РСЕ му пријдоа на улица во јули 2022 година и го прашаа дали мисли дека е неопходно да се намалат тензиите меѓу Русија и земјите од НАТО.

„Се разбира дека ни треба (деескалација), но сè зависи од нашата влада. Нашата влада е таа што започна сè… Русија е таа што ги создаде сите овие проблеми“, изјави Коховец за РСЕ и додаде:

„Не гледам проблем во НАТО, тие не планираат да нападнат никого“.

Тој исто така рече дека руските сили убиле цивили во киевското предградие Буча „без никаква причина“. Москва ги отфрла обвинувањата дека извршила воени злосторства во Украина.

Коховец првпат беше приведен од властите за наводен „хулиганизам“ во март минатата година, а подоцна беше обвинет за кршење на еден од широкиот опсег на закони за цензура за време на војната усвоени од Русија набргу по започнувањето на инвазијата на Украина во февруари 2022 година.

Оттогаш, најмалку 19.855 луѓе се уапсени во Русија поради изразување антивоени ставови, според групата за човекови права ОВД-Инфо.

Коховец делумно ја призна вината, а делумно тврдејќи дека неговите ставови не се мотивирани од „политичка омраза“, соопшти ОВД-Инфо.

РСЕ е новинарска куќа што ја покрива Источна Европа, Централна Азија, Кавказ и Блискиот Исток и е финансирана од американската влада.

Руските власти ја означија како „странски агент“ во 2017 година и „непожелна“ организација во февруари оваа година, потег со кој се забранета во Русија и може да се гонат оние кои ја читаат или споделуваат нејзината содржина на интернет.

Слични содржини