Борба со растечката инфлација: Италија воведува данок од 50 отсто на дополнителниот приход на енергетските компании

66

Владата на Италија планира да воведе данок од 50 отсто на дополнителните приходи што ги заработуваат енергетските компании од растот на глобалните цени на нафтата и гасот, објави Ројтерс, цитирајќи преглед на нацрт-буџетот на земјата за 2023 година.

Според извештајот, овој данок ќе се наплаќа на делот од приходот што една компанија го остварила во 2022 година, за кој е утврдено дека е најмалку 10 отсто поголем од просекот што компанијата го имала во периодот од 2018 до 2021 година.

Сепак, данокот ќе биде ограничен на 25 отсто од вредноста на нето средствата на компанијата, која е евидентирана до крајот на 2021 година.

Според условите предвидени во буџетскиот план, се проценува дека цел на новиот данок ќе бидат околу 7.000 компании кои произведуваат и продаваат природен гас, струја и нафтени деривати, јавува Раша тудеј.

Министерството за финансии на Италија минатата недела презентираше поинаква верзија на предлог-буџетот, со данок од 35 отсто наместо 50 отсто, а кој требаше да се пресметува по остварена добивка, а не врз основа на приход.

Сегашниот данок за енергетските компании во земјава е 25 отсто.

Конечната верзија на буџетот допрва треба да биде официјално објавена.

Италија се бори со нагло растечката инфлација, која минатиот месец достигна највисоко ниво во последните 40 години од 11,9 отсто на годишно ниво, најмногу поради високите цени на енергијата, кои скокнаа за 71,1 отсто на годишно ниво, покажаа официјалните податоци.