Вести Македонија Топ вести

Бојмацалиев и Тошковски се обвинуваат, граѓаните два месеци чекаат пасош

Министерот и дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Панче Тошковски и Митко Бојмацалиев си ја префрлаат топката за тоа кој е крив за застојот со издавање пасоши.

Додека не дојде Тошковски, пасошите се издаваа во законскиот рок од 15 дена по сликањето, обвини дополнителниот заменик министер Бојмацалев, кој на таа позиција е по предлог на СДСМ. Тошковски, кој е технички министер на 100 дена пред изборите, по предлог на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека ако претходното раководство обезбедело повеќе машини за сликање, немаше да се чека 2 месеци.

Бојмацалиев денеска соопшти дека над 100 илјади луѓе се сликале, а не ги добиле пасошите во законскиот рок. Граѓаните треба да ги добијат документите 15 дена откако ќе се сликаат, а сега луѓето кои се сликале уште во февруари не може да си ги подигнат документите, вели тој.

„Со доаѓањето на техничката влада, министерот направи некои реформи од само нему познати причини коишто не донесоа никаков резултат. Според последните сознанија и бројките кои ги побарав, над 100 илјади граѓани ги немаат добиено своите пасоши во законскиот рок. Не е само да ги сликаме граѓаните, да им ги земеме парите, а да не им ги дадеме пасошите. Граѓаните чекаат негде 2,5 месеци за одредени документи, кои уредно си ги платиле и се сликале“, рече Бојмацалиев, кој денеска го посети Центарот за обука на МВР во Идризово.

Техничкиот министер Панче Тошковски вели дека 30 илјади обрасци за пасоши вчера стигнале во Македонија. За застојот го обвини претходното раководство на МВР.

„Доколку претходниот менаџмент на МВР обезбедел најмалку уште 2-3 машини, кои ќе можеа да принтаат, не по 3 илјади, туку по 6 илјади патни исправи на ден, во тој случај немаше да се чека по два месеци, ќе се чекаше многу пократко, но фактот е таков каков што е. Би ги замолил сите политичари во наредниот период да не расфрлаат пердуви и да не ја манипулираат јавноста“, соопшти Тошковски.

Собранието минатиот месец донесе измени на изборниот законик за да им овозможи да гласаат и граѓаните со истечени лични документи, затоа што поради гужвите не стигнале да извадат нови на време.

Од кај Народниот правобранител претходно соопштија дека граѓаните поднесуваат претставки до нив и дека во моментов бараат решение за проблемот.

Според статистиките на МВР, досега за пасош со новото име Република Северна Македонија се сликале скоро 1,5 милиони граѓани, за лична карта скоро 1 милион и 250 илјади граѓани, а за возачка дозвола над 647 илјади граѓани.

Срѓан Стојанчов

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЗНАМ со повик до гласачите – гласајте масовно и изберете претседател по сопствено убедување

Дејан Дејан

Македонија на 36 место според слободата на медиумите

Дејан Дејан

Чуварите во прилепскиот затвор масовно „се разболеа“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе