Образовно „филмско“ сценарио на Универзитетот „Апостол Павле“ – Охрид (втор дел)

Продолжува сценариото на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ – Охрид (УИНТ), со влијание на (НЕ)избор на ректор од страна на Сенатот на УИНТ – Охрид.

Па така, со сите малверзации, прекршувања на законските прописи на Универзитетската изборна комисија (УИК), избрана од Сенатот, со  кој претседава  претседателот на Сенатот Расим Салковски, кој воедно е и член на универзитетската изборна комисија (УИК), Атанас Христов (главен лик) – претседател на (УИК) и други пет лица на УИК… констатираат дека кандидатите за избор на ректор – професор Устијана Речкоска Шиковска и кандидатот Анастас Џуровски, ги исполнуваат условите согласно законските прописи за кандидат за ректор за периодот 2024-2027 година.

По ова „филмско образовно сценарио“ на Универзитетската изборна комисија на УИНТ – Охрид, со ваквите незаконски постапки на дел од седумчлената универзитетска изборна комисија, кандидатката за ректор професор д-р Устијана Речкоска Шиковска на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ – Охрид, поднесува претставка до Државниот просветен инспекторат со барање да се изврши вонреден инспекциски надзор, со иницирање злоупотреба и неправилности во постапка за избор на ректор од страна на универзитетската изборна комисија, во врска прифаќање на пријавата на професор Анастас Џуровски, кандидат за ректор со некомплетна документација (на кого во документацијата му фали Одлука за потврдување на избор во редовен професор, донесена од Сенатот на универзитетот УКЛО – Битола што произлегува од чл.173 ст.(2) од ЗВО, и доставената Програма за работа во мандатниот период 2024-2027 година, која програма не е своерачно потпишана од страна на самиот кандидат), кој аплицирал за ректор на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ – Охрид.

По извршениот вонреден инспекциски надзор на Државниот просветен инспекторат, констатиран во Записник бр.ИП1 09-1172 од 28.12.2023 година, од страна на Советниците-Државни просветни инспектори Мирјана Насковска и Тони Илиев, тие „не утврдиле пропусти во законската постапка“ и предметот го затвораат? Што е нестручен, непрофесионален, тенденциозен и под влијание катастрофален записник. Срам за Државниот просветен инспекторат!

За ваквите паушални констатации на државните просветни инспектори, по доставен Записник бр.ИП1бр.09-1172 од 28.12.2023 година, иницијаторот на преставката кандидатот Устијана Речкоска Шикоска, бара од Државниот просветен инспекторат и од Републичкиот инспекциски совет, да се изврши дополнителен инспекциски надзор и да се изземат Советниците-Државни просветни инспектори Мирјана Насковска и Тони Илиев.

На 5.01.2024 година, се врши дополнителен вонреден инспекциски надзор на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ – Охрид, од страна на Советникот-Државен просветен инспектор Даниела Кироска. Од Записникот ИП1 бр.09-02 од 09.01.2024 година, од повторното преиспитување на Советникот-Државен просветен инспектор Даниела Кироска, таа констатира дека: кандидатот за ректор на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ – Охрид, Анастас Џуроски, нема доставено Одлука за редовен професор потврдена од сенатот на УКЛО-Битола што е спротивно на член 173 став 2 од ЗВО. Исто така и во однос на Програмата за работа не е своерачно потпишан од кандидатот за ректор Анастас Џуроски.

Наместо Советникот-Државен просветен инспектор Даниела Кироска, по констатираните неправилности од Записникот ИП1 бр.09-02 од 09.01.2024 година, да достави управен акт решение за отстранување на неправилностите на Универзитетот, инспекторот тоа не го прави, туку ја насочува иницијаторот на преставката Устијана Речкоска Шикоска и Универзитетот, своите законски права да ги бара на Управен суд на Република Македонија. Со тоа Советникот-Државен просветен инспектор Даниела Кироска прави законски пропуст и елементарно непознавање на законската регулатива – НОН СЕНС. Со што го потврдува незаконското работење и рушење интегритетот свој и на институцијата со одбегнување на законската работа на инспекторот. За ваквите свесни законски пропусти, под итно треба надлежните институции да и’ ја одземат лиценцата за работа! Срам за Државниот просветен инспекторат.

За овој прв дел на образовното „филмско сценарио“ на Универзитетот „Свеи Апостол Павле“ – Охрид (УИНТ) види повеќе:

Дали има злоупотреба со влијание за (не)избор на рекотр на УИНТ – Охрид

Управниот суд на Република Македонија донесе Пресуда и го уважи тужбеното барање на професор д-р Устијана Речкоска Шикоска

После сите образовни „филмски сценарија“, истите „актери“ преку Сенатот на УИНТ-Охрид на седница одржана на 30.1.2024 година, носат Одлука и го поништуваат јавниот Оглас за избор на ректор арх.бр.04-685/1 од 27.11.2023 година и на истата седница на Сенатот на УИНТ носат Одлука за објавување на нов оглас за избор на ректор на УИНТ за истиот мандатен период 2024-2027, без постоење на оправдана причина и во време кога тече постапката за избор на кандидат по распишаниот оглас од 27.11.2023 година. Таквата Одлука на Сенатот на УИНТ-Охрид е донесена спротивно на член 117 од Статутот на универзитетот и таа Одлука нема ниту правна, ниту доказна заснованост, туку тоа е направено од свои лични и лукративни причини на двајцата-претседателот на Сенатот, Расим Салкоски и претседателот на изборната комисија Атанас Христов во договор и корелација со Нинослав Марина.

Управниот Суд на РМ донесе Пресуда со која се уважи тужбеното барање на тужителката Устијана Речкоска-Шикоска, односно со Пресудата се поништува Одлуката на Сенатот бр. 02-100/3 од 30 Јануари 2024 година, како незаконита.

Ново сценарио со „фантом“ во ликот на некој си Александар Стефкоски од Охрид

Овој непознат лик Александар Стефкоски од Охрид (читајте анонимка) доставува пријава до Државниот просветен инспекторат, која ја заведуваат во архивата на инспекторатот под бр.09-1173 од 12.12.2023 година, со испитување меѓу другото за: „…избор на професор д-р Устијана Речкоска Шикоска во звање редовен професор во врска што во конкурс со наведена од повеќе од една наставно-научна област и несоодветен учебник…“. Директорот на државниот просветен инспекторат, поточно ВД директорот Халит Фератов, ги задолжува советниците државни просветни инспектори Мирјана Насковска и Тони Илиев, да извршат вонреден инспекциски надзор на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ – Охрид (УИНТ).

Инспекторите Мирјана Насковска и Тони Илиев од извршениот вонреден инспекциски надзор сочинуваат Записник број ИП1бр.09-1173 од 18.12.2023 година, меѓу другото, а во однос на наводите на иницијативата (читајте анонимка во некој си Александар Стефковски од Охрид) констатираат: „за избор во звање редовен професор од увидот во Записник од извршениот редовен инспекциски надзор од 28.03.2022 година од страна на Државниот просветен инспекторат (Да биде појасно за читателската публика и академската фела тој инспекциски надзор го извршиле Државните просветни инспектори Африм Саљиу-Раководител на секторот на инспекциски надзор и Советниците-Државни просветни инспектори Даниела Кировска и Зоран Ристески) констатирале дека по наводите во иницијативата (анонимецот Александар Стефкоски од Охрид) веќе е постапено и нема нови наводи за понатамошно постапување и согласно член 11 од Законот за постапување по предлози и преставки (Сл.весник на РМ бр.82/08, 56/09 и13/13) нема да се постапува по наводите…“.

Ново сценарио со влијание на Советникот – Државен просветен инспектор Даниела Кироска, по преставка на (анонимка на Александар Стефкоски од Охрид)

До Државниот просветен инспекторат (по втор пат) се доставува преставка од страна на (анонимно лице) Александар Стефкоски, со адреса Охридати бр.3 пам2/4 Охрид. Во Записникот ИП1 бр.0905/2-166 од 08.02.2024 година, чудно, ама вистинито, а тоа е задолжението за извршување на вонреден инспекциски надзор е издадено од раководителот на инспекциската служба, Сенат Сулејмани? Му поставувам прашање на ВД директорот на Државниот просветен инспекторат: Дали зад ова задолжение стои некоја манипулација, од причина што секогаш задолженијата за инспекциски надзор ги издавал и потпишувал директорот на инспекторатот?! Барам одговор ВД директоре Халит Фератов? Ве прашувам: Дали директоре, Вие го потпишавте патниот налог за вршење на вонреден инспекциски надзор на инспекторкта Даниела Кироска по претставка од страна на (анонимно лице) Александар Стефкоски (по втор пат) да се оди на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ – Охрид? Дали има злоупотреба… по втор пат, а, цел на инспекцискиот надзор повторно е меѓу другото во однос на: „неправилности при изборот во наставно-научно звање во редовен професор на професор д-р Устијана Речкоска Шикоска… со наводи дека два т.н.научни трудови на професор д-р Устијана Речкоска Шикоска се плагијати…’ Иако по барање на инспекторката неа и се доставени докази во фазата на инспектирањето, дека не станува збор за никакви плагијати, и соодветно се доставени до неа два извештаи од лиценцираниот софтвер на МОН за проверка на плагијати, за двата трудови каде е добиен извештај со резултат од 2,86% (отсто) и 3,28% (отсто) совпаѓање, што апсолутно го потврдува дека согласно ЗВО нема ни збор за таква работа, бидејќи за да има некаков сомнеж за плагијаризам потребно е од минимум 35-40% (отсто) совпаѓање!

Барање за изземање

И покрај барањето за изземање од постапување на просветниот инспектор Даниела Кироска до ВД директорот на Државниот просветен инспекторат, Халид Фератов, со кој била известена правната служба на УИНТ-Охрид, дека инспекторката Даниела Кироска ќе врши инспекциски надзор на 15.02.2024 година, во врска Преставка доставена од лице насловено како Александар Стефкоски против кандидатот за ректор професор д-р Устијана Речкоска Шикоска и покрај известувањето дека се работи за анонимна достава и дека таква адреса во Охрид не постои (проверите во ОВР-Охрид). И покрај барањето на професор д-р Устијана Речкоска Шикоска, согласно член 72 од Законот за инспекциски надзор, да не се постапува на таквата анонимна преставка, каде што го запознала директорот на Државниот просветен инспекторат, Халид Фератов, како и инспекторката Даниела Кироска, со образложение дека: „во врска со мојот избор во звање редовен професор од Ваша страна (Државен просветен инспекторат) се извршени два (2) инспекциски надзори и тоа: на 28.03.2022 година – редовен, и на 18.12.2023 година – вонреден, по претставка од „фантомот“ Александар Стефкоски, и дека Државниот просветен инспекторат констатирал дека по наводите во иницијативата пак доставена од измисленото лице Александар Стефковски веќе било постапено порано и нема нови наводи за понатамошно постапување, па согласно член 11 од Законот за постапување по предлози и преставки нема да постапува по наводите (Записник ИП1бр.09-1173 од 18.12.2013 година) иако Државниот просветен инспекторат го има“. Вие не ја почитувате законитоста!

Непочитување на Законот за општа управна постапка (ЗОУП) (Сл.весник на РМ број 124/15 и 65/18) Консолидиран текст… Изземање

Член 26 став 1 стои: По приемот на барањето од член 25 став (2) од овој закон или известување од член 25 став(1) на овој закон, претпоставениот, односно колегијалниот јавен орган, е должен да решава за работата  најдоцна наредниот ден од денот на приемот на барањето, односно известувањето.

Во членот 26 став (2) стои: Во случај на изземање, овластеното службено лице без одлагање се заменува со друго службено лице, а доколку тоа не се направи, претпоставениот ја презема одговорноста за предметот.

Во членот 27 стои: Управно дејствие преземено од службено лице кое требало да биде изземено, како и управно дејствие преземено од колегијалниот јавен орган чиј член требало да биде изземен се незаконски.

Игнорирајќи го барањето за изземање инспекторката Даниела Кироска на 15.02.2024г. во просториите на УИНТ-Охрид врши вонреден инспекциски надзор по претставка од анонимното лице, а притоа кршејќи ги основните начела и принципи на управната постапка, оневозможува да присуствува професор д-р Устијана Речкоска Шикоска и да биде запозната со наводите по анонимната претставка и во врска со тоа правото да се даде одговор и свои забелешки.

Тенденциозноста на инспекторката Даниела Кироска

Инспекторката со таквото нејзино поведение и постапување ги прекршува одредбите од Законот за инспекциски надзор (ЗИН) и Законот за општа управна постапка (ЗОУП) и дава основано сомнение дека инспекторката Даниела Кироска е тенденциозна во конкретниот случај и има намера да и попречи на професор д-р Устијана Речкоска Шикоска во нерамноправна состојба со другите кандидати за избор на ректор на УИНТ-Охрид.

Ваквиот непрофесионален однос на инспекторката дава и создава основано сомнение дека за испекторирањето од страна на Даниела Кироска на 15.02.2024 година, е иницирано од трети лица, кои имаат некаков лукративен интерес за да и попречи во евентуален избор за ректор.

Кој го контролира државниот просветен инспекторат?

Што констатирале инспекторите по извршен редовен инспекциски надзор во 2022 година!

Од редовниот инспекциски надзор извршен на УИНТ-Охрид, на државните просветни инспектори: Африм Саљиу- раководител на секторот за инспекциски надзор – Главен инспектор, Даниела Кировска – Советник Државен просветен инспектор и Зоран Ристески – Советник Државен просветен инспектор, а цел на надзорот, согласно Годишната програма била следење на состојбата во високообразовната установа, а по однос на спроведени постапки за избор во наставно-научни, наставно-стручни, наставни и соработнички звања, согласно член164-178 од Законот за високо образование (Сл.весник на РМ бр.82/18,бр.178/21), кои се спроведени во период од последните пет (5) години, согласно член 206 став 3 од ЗВО. Од извршениот редовен инспекциски надзор со Записник ИП1 бр.09-444 од 28.03.2022 година, од наодот за утврдената фактичка состојба меѓу другото за д-р Устијана Речкоска Шикоска (редовен професор) констатирале: „Во досието на д-р Устијана Речкоска Шикоска најдени се документи и тоа: Диплома бр.2837 од 14.02.1997година за завршено високо образование (VII/1 степен) издаден од Електротехнички факултет при УКИМ во Скопје, Диплома бр.173 од 12.02.2004 година за завршено постдипломски магистерски студии при УКИМ-Скопје, Диплома бр.3030 од 21.11.2011 година за завршени докторски студии и стекнат доктор на технички науки, издаден од Електротехничкиот факултет при УКИМ-Скопје. При проверка на документацијата се утврди дека истата при изборот во звање редовен професор има објавено шест (6) научни труда во референтни публикации и има објавено рецензиран учебник „Вовед во Информатика“ од 2006 година.

Изборот на Д-р Устијана Речкоска Шикоска во наставно-научно звање редовен професор  по предмети од научната област 21202-Информациони системи и мрежи и 21208-друго Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“-Охрид е извршено согласно Законот за високо образование (Сл.весник на РМ бр.82/2018)“.

Кои се „новите факти“ на инспекторката по непостоечкиот анонимец?

Дека не станува збор за „нови факти“ и околности, говори фактот што Државниот просветен инспекторат постапувал и констатирал со Записник ИП1 бр.09-444 од 28.03.2022 година, како и постапувајќи по Претставка, поднесена од лице анонимно (непостоечко) Александар Стефковски во која претставка предмет бил истиот учебник „Вовед во информатиката“ со истите наводи и во дополнителната претставка и составил Записник бр.09-1173 од 18.12.2023 година, при што констатирал: „…дека по наводите на иницијативата од лицето Александар Стефкоски, веќе е постапено и нема нови наводи за понатамошно постапување па согласно Законот за постапување по предлози и претставки инспекторатот констатирал дека нема да се постапува по наводите…..“. Ве прашувам инспекторке Даниела Кироска: Дали ги согледавте забелешките кои ви беа доставени за учебникот „Вовед во информатиката“?Дали согледавте дека учебникот покрај тоа што има ISBN 9989-57-434-0 број поседува и број COBISS. K-ID 65985290 – Информатика-Високошколски учебници. Неспорно е дека учебникот „Вовед во информатиката“ е учебник кој се користи во високото образование.

Како е воопшто можно да тврдите, колешке инспектор Даниела Кироска, кои покрај тебе и двајца други инспектори (Африм Саљиу и Зоран Ристески) кои сте ја спровеле постапката во 2022 година, сте оцениле и утврдиле дека книгата „Вовед во информатиката“ е рецензиран учебник, а сега дека нешто променето?! Што значи  оваа констатација: „…се изнесени нови факти и околности кои не биле познати во предходното постапување, односно водење на постапка…“, дали тоа значи дека тројца инспектори во 2022 година, постапувале несовесно и утврдиле дека учебникот е рецензиран, а не бил? Од доставените материјали и претходно се гледа дека има соодветни двајца рецензенти за овој учебник и тоа: реномираните професори од таа област – професорите д-р Аксенти Грнаров и професор д-р Замир Дика. Дали учебникот е рецензиран сигурно се проверувани сите овие околности наведени во преставката… И нешто друго инспекторке Кироска во твојот тенденциозен Записник,  констатирате во овој дел од наводите Државниот просветен инспекторат се огласува за ненадлежен односно истиот не е стручен орган, И сега гледајте АПСУРД инспекторке Кироска ќе доставите инспекциски акт со што ќе дадете „Задолжение за формирање стручна комисија од високообразовната институција која ќе подготви соодветен извештај…“.

Го поставувам прашањето: Врз која законска основа Државниот просветен инспекторат ќе ја задолжи високообразовната институција, односно Универзитетот да формира стручна комисија? Каква е таа стручна комисија? Треба да знаете колешке Кироска, согласно ЗВО, Рефератот за избор со предлог за избор во редовен професор е изготвен  од стручна комисија, односно рецензентска комисија која ја формирал Универзитетот, со што колешке Кироска тоа треба да го знаете (читајте го ЗВО), не може да постои друга стручна комисија над рецензентската комисија, освен во фаза  на Приговори на реферат за избор во звање, кој се поднесува во утврдени рокови од објавувањето на реферат во Билтен на Универзитетот или во случаи определени за лица кои не се избрани-член 177 од Законот за високо образование(Сл.весник на РМ бр.82/18 и 178/21).

На крај од вториот дел на ова образовно „филмско сценарио“ на УИНТ  „Свети Апостол Павле“ – Охрид, анонимниот лик Александар Стефкоски, со адреса Охридати бр.3 пам2/4 Охрид, се има сомнеж дека се крие во главните ликови на универзитетот „Свети Апостол Павле“ – Охрид, и сомнеж дека сценариото се крчка и во Бизнис центарот „Палома Бјанка“ во Скопје, каде што Универзитетот за информатички науки „Свети Апостол Павле“ – Охрид, неговото раководство има свои канцеларии, со финансиски средства на МОН. Предмет за финансиско испитување на институциите.

На потег се  институции МОН, ДПИ, ДИТ, Републичкиот инспекциски совет, Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка!

Ова  образовно „филмско сценарио“ наскоро ќе има и трето образовно полувреме на ова трагично високо образование во Македонија!

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес