Авр ја одложи шампионската забава на ПСЖ

ПСЖ со победа вечерва на домашен терен над Авр требаше да ја прослави новата шампионска титула во француското првенство, но „светците“ ќе почекаат најмалку еден ден за забава откако одиграа само 3-3 на овој натпревар. Тимот на Луис Енрике може да биде и пресреќен од ваквиот исход ако се знае дека до дванаесет минути до крајот имаше негатива од два гола, но благодарение на Хакими и на Рамос стигна до бод.

Шпанскиот стратег го ротираше тимот во пресрет на полуфиналето од Лигата на Шампионите со Борусија Дортмунд, а гостите знаеја како да го казнат тоа, ги искористија своите шанси и го шокираа големиот фаворит. Опери круниса еден одличен контранапад на Авр со прекрасен погодок за водство од 0-1, но кога Баркола погоди за израмнување се чинеше дека ПСЖ ја враќа контролата над натпреварот.

Тоа се промени кога Ајув ги врати гостите во водство, а во 60. минута Авр поведе и со 1-3 со пеналот на Туре. Енрике уште при 1-2 го внесе во игра Мбапе, потоа при 1-3 влегоа и Рамос и Шкринијар. На 2-3 намали Хакими, а потоа во 95. минута блесна и Португалецот Рамос, кој со прекрасен гол со глава донесе радост на „Паркот на принцовите“, спречувајќи втор пораз на ПСЖ оваа сезона.

ПСЖ би можел утре да ја прослави шампионската титула доколку Монако не триумфира на гостувањето против Лион, со што „светците“ би останале со 12 бода предност во однос на „кнезовите“, на три кола до крајот на сезонава.

Се вчитува...