Какаото на светскиот пазар е во сериозна криза, се очекува цените на чоколадото да се зголемат насекаде

Големите африкански фабрики за какао во Брегот на Слоновата Коска и Гана ја прекинаа обработката затоа што не можат да си дозволат да ја купат сировата билка во облик на зрно, а тоа значи дека цените на чоколадото ширум светот веројатно ќе се зголемат, соопштија четири трговски извори, а јавува Ројтерс.

Производителите на чоколадо веќе ги зголемиле цените за потрошувачите поради тоа што во двете земји кои произведуваат речиси 60% од какаото во светот претходеле три години на лоша жетва, а се очекува иста да биде и овогодинешната.

Цените на какаото се зголемиле повеќе од двојно во текот на минатата година и достигнале бројни рекорди на сите времиња.

Производителите на чоколадо велат дека не можат да произведуваат чоколадо со сурово какао и се потпираат на преработувачите за да го претворат зрното во путер од какао и течност од какао од кои може да се направи чоколадото. Меѓутоа, преработувачите велат дека не можат да си дозволат да го купат зрното.

Според изворите на „Ројтерс“, еден од најголемите преработувачи на зрното во Брегот на Слоновата Коска „Transcao“, престанал да го купува поради цената, но сè уште ја обработуваат залихата. Од почетокот на сезоната во октомври, компанијата постојано со недели ја прекинувала работата и затвориле повеќе погони.

Меѓународната организација за какао очекува глобалното производство да падне за 10,9% оваа сезона. Ова значи дека преработувачите и фирмите за чоколадо ќе треба да користат залихи на какао за целосно да ги покријат своите потреби, а оттаму очекуваат до крајот на сезоната, глобалните залихи да паднат на најниско ниво во последните 45 години.

Дополнително, од „Waterridge of Tropical Research“ велат дека пазарот на какао може да забележи нов дефицит следната сезона врз основа на сериозноста на болеста на зрното во Западна Африка.

Инаку, пазарот на какао четири последователни години забележува дефицит, што не било случај уште од доцните 1960-ти.