Жешки пораки пред крајот на кампањата

Кампањата финишира со заострена реторика меѓу Европскиот фронт и ВЛЕН. Директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, во Отворено писмо до јавноста одговори на прозивките од ДУИ и СДСМ

Кампањата и за претседателските и за парламентарните избори завршува денеска (6-ти мај) на полноќ и почнува изборниот молк пред двојните избори на 8-ми мај. До полноќ партиите ќе можат да ги испратат последните пораки до гласачите, а вечерва на ТВ „Канал 5“ ќе биде и последното тв-соочување меѓу претседателските кандидати Гордана Силјановска-Давкова и Стево Пендаровски.

Последните денови од кампањата поминаа во заострена реторика по прашањето кој ќе биде легитимен претставник на Албанците во новиот владин состав – Европскиот фронт или коалицијата ВЛЕН (Вреди), која е префериран партнер од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа тема ги вжешти пораките што се разменија во триаголникот Европски фронт – ВМРО-ДПМНЕ – ВЛЕН.

Бујар Османи од Европскиот фронт посочи дека исклучиво граѓаните го избраат легитимниот претставник во владата.

„Господинот Мицкоски може да ги повика ‘ВЛЕН’ на гости, во кафеана. Може да ги повика во рамки на коалицијата ‘Македонија повторно твоја’ и да ја подели власта со нив. Aко е тоа цел, дека ‘ВЛЕН’ ќе биде во владата како дел од Коалицијата ‘Македонија повторно твоја’ тоа е сосема легитимно, тоа е нивна одлука. Но претставник на Албанците, Турците, Бошњаците, Ромите, ќе бидат тие што ќе ја добијат нивната волја“, порача Османи.

Изет Меџити, лидер на една од партиите во Коалицијата ВЛЕН, испрати порака до Османи.

„Бујар, знам дека уживавте во вечерите и кафињата во Будимпешта со вашиот омилен лидер на ВМРО – Никола Груевски, кога во својство на емисар на Али Ахмети баравте начин да го прогласите вашиот пријател Никола Груевски за невин и да го вратите во Скопје. Не грижи се Бујар, ВЛЕН не оди во партиските штабови и хотелите на Мијалков да пие кафе и да ги моли за да бидат дел од Владата, како што правиш ти, Артан, Мендух и вашите пријатели деновиве. Новата влада Бујар ќе ги претставува Албанците, Турците, Бошњаците, Ромите и Бадентер. Новата влада, пак, нема да ја претставува ДУИ, која сите ја напуштија, ниту Никола Груевски, кој избега од правдата“, напиша Меџити на неговиот профил на Фејсбук.

 

Напред кон ЕУ, не назад кон режим

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети од синоќешниот митинг на Европскиот фронт во Тетово ја истакна важноста од членството на земјата во ЕУ.

„Одовде испраќаме порака дека овој толку етаблиран Европски фронт има историска мисија да ја зачлени земјата во ЕУ. Јас никогаш не сум кажувал нешто, што не сум можел да го направам. Денес сум уште посилен со моите браќа од Европскиот фронт дека местото на оваа земја ѝ е во ЕУ (…) За нас, од Европскиот фронт, е света работа земјата да чекори напред и напразно се обидуваат силите, кои сакаат да нѐ запрат“, порача Ахмети.

Социјалдемократите повикаа на општа мобилизација на сите напредни граѓани, за да не се случи враќање назад, во немири, внатрешни поделби и конфликти.

„Само силна СДСМ во Парламентот може да спречи враќање на темното режимско минато кога ВМРО – ДПМНЕ 11 години авторитарно владееше со државата“, истакна претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на митингот во Струмица.

„Ако тие дојдат до власт, во 2030 година ќе ги гледаме Црна Гора и други држави како седнуваат на столчињата во Брисел, а со ВМРО на власт, нашето повторно ќе остане празно (…) Доаѓањето на ВМРО на власт ќе стави крај на независните медиуми, на независното судство, правдата и правичноста, на сметка на зголемените меѓуетнички тензии. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ играат опасна игра. Она што е во наша корист е тоа дека сите знаеме како изгледа владеењето на режимот“, рече Ковачевски.

 

Галески: Сигурно е само дека Македонија ќе биде повторно твоја

Луке Галески, член на ИК и Директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, денеска во Отворено писмо до јавноста одговори на прозивките кои доаѓаат од ДУИ и Бујар Османи дека кампањата и слоганот на ВМРО-ДПМНЕ биле шовинистички, и на оние од СДСМ дека „Македонија повторно твоја“ значело враќање на „режим“.

„’Македонија повторно твоја’ е огледалото на неговата немоќ (на Османи-н.з.) да се спротивстави на концептот кој го надминува она што досега го претставуваше ДУИ, партија која ја монополизираше темата, но и ја киднапира слободата да се говори за правата на Албанците од еден поинаков неполитички и чисто граѓански апсект, ним многу поважен. Затоа што, на крајот кога ќе се сведат сметките, не е важно колку Артан или Бујар ќе повторат ЕУ, ЕУ, туку колку ќе може народот да си ги плати сметките и да обезбеди пристојна живечка за своите семејства. И ќе треба да им објаснат на Албанците како е можно тие да живеат со 200 денари на ден, а Артан и Бујар со по 2000 евра на ден. И колку да ја продуцираат темата на поделба на граѓанското ткиво и да јаваат на бранот на Македонци и Албанци, на западна и источна Македонија, на лев и десен брег на Вардар во Скопје, иако звучи клише, тие зборови ја потврдуваат вистината и овојпат дека нема ваша и наша, нема сдсмовска, вмровска, има само една Македонија“, пишува Галески.

Во однос на тврдењата на СДСМ за повторно враќање на режимот, ги посочува нивните „епски битки“ и двојните аршини – тогаш кога протестирале за заштита на пеперутките во Пештани, а денес молчат за Онкологија.

„Тогаш кога протестираа за кучето Идриз, а денес молчат за 14 живи изгорени во модуларната болница во Тетово. Венко им е визионерот и најдобриот избор во 4-та ИЕ, а тогаш протестираа за малечката Тамара. И тогаш кога славеа за укинатата радиодифузна такса, а денес кога си подмолчуваат за двоцифрената инфлација. И тогаш кога велеа дека ја бранеле слободата, а денес кога отворено се караат и се пресметуваат со медиуми и новинари“, пишува Галески.

Наведува дека е вештачка и неприродна наметнатата амнезија дека ДУИ, која денес е партнер на СДСМ, исто така била власт во критикуваниот период.

„И го немате правото за да говорите за слобода и демократија, затоа што во времињата кога најмногу говоревте за правда и право, тогаш најмногу крадевте и во исто време ја газевте правдата“, пишува Галески.

 

Будно да се следи избирачкиот процес

За крадење предупреди и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој завчера посочи дека до претставниците на меѓународната заедница, до ОБСЕ и ОДИХР доставиле список на избирачки места каде што во определен временски интервал, гласањето било во просек помалку од една минута, што наведува на тоа дека таму имало бројни нерегуларности.

„Да бидам попрецизен – полнење на кутии и на тие избирачки места, чудно но вистинито, терминалите за отчитување на отисок од прстот не работеле во тој период“, рече Мицкоски.

 

За тоа било информирано и МВР, со цел на определените избирачки места да го зголеми бројот на безбедносните сили.

 

„Генерално станува збор за избирачки места во скопски Сарај, Липково, Арачиново и така натаму. ДУИ преку своите политики не ги освојува гласачите, туку таа буквално, под притисок и со мерки и средства кои што се недозволени во демократијата, ги добива гласовите. Така што, слободно можете оној резултат од првиот круг на Европеецот Османи да го поделите со два и ќе ја добиете реалната поддршка на ДУИ, која што повеќе од 20 години на два начина добива гласови. Најпрвин со епската манипулација и повикување на 2001 година, паралелно со тоа местење тендери, и втората – преку притисок, закани, уцени и поткуп“, рече Мицкоски.

Тој упати повик до меѓународната заедница будно да го следи процесот.(dw)

Back to top button
Close