Претпазливост на Волстрит, индексите стагнираа

На Волстрит берзанските индекси останаа речиси непроменети во средата, по нестабилното тргување, додека инвеститорите ги анализираат кварталните деловни резултати на американските компании.

Индексот Dow Jones загуби 0,11 отсто, на 38.460 поени, додека S&P 500 зајакна 0,02 отсто, на 5.071 поен, а индексот Nasdaq 0,10 отсто, на 15.712 индексни поени.

По два дена раст, пазарот се смири бидејќи инвеститорите ги следат деловните извештаи на компаниите. Повеќето од нив постигнаа подобри резултати од очекуваното. Додуша, резултатите на „Tesla“ беа послаби од очекуваното, но цената на акцијата скокна за 12 отсто бидејќи производителот на електрични автомобили најави производство на нови, поевтини модели на возила и преструктуирање, односно отпуштање на неколку илјади работници.

„Meta Platforms“, мајка компанијата на социјалната мрежа Facebook, објави подобри резултати од очекуваните, но во продолженото тргување по затворањето на Волстрит, цената на нејзината акција потона за повеќе од 11 отсто. Имено, инвеститорите ги загрижи пораката на менаџментот дека инвестициите годинава би можеле да достигнат 40 милијарди долари.

Во наредните денови во фокусот на инвеститорите ќе бидат деловните извештаи на компаниите, меѓу кои и на технолошките гиганти „Alphabet“ и „Microsoft“.

Во четврток, пак, ќе биде објавен извештајот за бруто домашниот производ (БДП) на САД во првиот квартал, а во петок извештајот за инфлацијата, што може да влијае на насоката на пазарот. До неодамна, се очекуваше дека Fed агресивно ќе ги намали каматните стапки оваа година, почнувајќи од јуни. Сепак, сѐ појасно е дека централната банка на САД нема да брза со намалување на каматните стапки бидејќи инфлацијата е сè уште покачена. Затоа, сѐ повеќе се шпекулира дека процесот на намалување на каматните стапки би можел да започне дури наесен.

Внимателно вчера се тргуваше и на европските берзи. Лондонски FTSE индексот ослабе за 0,06 отсто, на 8.040 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,27 отсто, на 18.088 поени, а париски CAC 0,17 отсто, на 8.091 поен.