Кошаркарите на Уникаха првпат во својата историја ја освоија Лигата на шампионите на ФИБА, откако во финалето во белградската Арена го победија Тенерифе со 80:75 (16:10, 22:17, 24:29, 18:19).

Најзаслужен за овој триумф беше поранешниот кошаркар на Карпош соколи, Кендрик Пери, кој со 17 поени го предводеше својот тим до победата, а потоа со солзи во очите го напушти теренот.

Американецот со црногорски пасош го постигна најголемиот успех во кариерата, почнувајќи од Австралија во 2014 година, па завршувајќи со настапи за голем број АБА-лигиши, како Карпош Соколи, Мега, Цедевита, Будуќност…

На скопскиот тим му ја донесе и единствената титула во историјата, со трофејот во Купот на Македонија, а од тогаш, неговата кариера тргна во нагорна линија.

-Имаше моменти кога сакав да ја напуштам кошарката, мислев дека не сум доволно добар, а сега кога гледам да бидам шампион на ова ниво, тоа е нешто сериозно. Многумина не ја добиваат оваа можност и јас сум благодарен за секоја секунда, секое достигнување, секоја пречка… Моите соиграчи, моето семејство, сопругата ми даваат огромна поддршка и благодарен сум што можам да бидам во оваа ситуација како вечерва, истакна Пери низ солзи пред доделувањето на трофејот.

Кошаркарот од Флорида студирал на државниот колеџ Јангстон од 2010 до 2014 година и точно десет години откако ја напуштил родната земја, го запишал своето име во историјата на Лигата на шампионите на ФИБА.

Уникаха го освои ова натпреварување за првпат во својата историја и го додаде во низата европски трофеи, покрај пехарот во Еврокупот, освоен во 2017 година. Во осмата сезона од Лигата на шампионите на ФИБА, шпански тим триумфираше по петти пат, бидејќи до сега трофеите на таа земја ги носеше Тенерифе и Бургос – и двата со по две титули. Во натпреварот за третото место, Мурсија претходно го победи Перистери со 87:84.