Институтот за комуникациски студии (ИКС) го објави шестмесечниот извештај во рамките на истражувањето „Мерење на политички штетни наративи“

Институтот за комуникациски студии (ИКС) го објави шестмесечниот извештај во рамките на истражувањето „Мерење на политички штетни наративи“ (ШТЕТ-НА), кој претставува сублимат на податоците од мониторингот на комуникациските практики на политичките актери во кои се идентификувани штетни наративи и нивното пренесување во медиумите во периодот септември 2023 – февруари 2024 година. Станува збор за пресек на резултатите од трите двомесечни извештаи од мониторингот, кој се прави со цел да се увидат трендовите во штетната комуникација и медиумското информирање и да се детектира дали и како се менува токсичната реторика со наближувањето на изборите.
Анализата на извештаите за шесте месеци покажа дека штетни наративи содржеле над една третина од вкупниот број објави на политичките партии и на политичките лидери. Партиите и лидерите преку непоткрепени обвинувања и ставови најчесто користат штетни наративи со кои се обидуваат да ја поткопаат довербата во институциите на системот и вршат пристрасно селектирање на податоците за да се наведе јавноста на погрешни заклучоци. Речиси со иста фреквенција тие користат напади на личноста односно демонизација, поттикнуваат поделби и популизам.
Трите најчесто употребувани штетни наративи што ги пропагирале политичките актери се истите оние што се најчесто нотирани во прилозите на ТВ-станиците и во објавите на онлајн медиумите: (1) поткопување на довербата во институциите, (2) пристрасно селектирање и (3) напади на лична основа/демонизација на политички противници. Понатаму, според зачестеноста, следуваат дезинформациите, како и поттикнувањето поделби и популизмот.
Истражувањето ШТЕТ-НА, ИКС го спроведува со истражувачи и експерти од областа на комуникациите и медиумите. Предмет на мониторинг се 10-те политички партии и нивните лидери чии партии имаат најмалку двајца пратеници во парламентарниот состав 2020-2024 година, како и фејсбук-комуникацијата на членовите на Владата. Кај медиумскиот мониторинг се следат 11 онлајн-медиуми и 9 телевизиски станици.
За последно споменатото издвојуваме дека при мониторингот кај телевизиските станици беа забележани вкупно 484 прилози со штетни наративи. ТВ Алфа е со најголем број прилози со штетни наративи – 182, а ТВ 24 вести е со најмал број – 15 прилози. Истовремено, кај онлајн медиумите беа забележани вкупно 1.236 прилози со штетни наративи. Онлајн медиум со најмногу објавени прилози е Република – 265 прилози, а онлајн- медиум со најмалку објавени прилози со штетен наратив е Нова ТВ – 32 прилози.
Ова истражување се реализира во рамките на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија: Користи факти“, поддржан од Британската амбасада во Скопје.
Шестмесечниот извештај можете да го прочитате на следните линкови:
Целосна верзија: https://respublica.edu.mk/wp-content/uploads/2024/04/stet-na-shestmesechen-izveshtaj-celosen-izvestaj.pdf Кратка верзија: https://respublica.edu.mk/wp-content/uploads/2024/04/stet-na-shestmesechen-izveshtaj-kratok-izvestaj-1.pdf П.Р.