Се одржа првиот Национален студентски форум, усвоени Резолуција и Повелба за права на студентите

На Националниот студентски форум, пред усвојувањето на Резолуцијата, присутните студенти следеа три панел-дискусии на кои се разговараше за еволуцијата на студентскиот активизам во Македонија и во регионот, како и за корупцијата во високото образование, која беше посочена како еден од најгорливите проблеми во академската заедница, пишува новинската агенција Мета.

Намалување на финансискиот товар на студентите и забрзана дигитализација на универзитетите, беа главните пораки што беа упатени од првиот Национален студентски форум во земјава што вчера се одржа во Младинскиот културен центар (МКЦ) во организација на Форумот за образовни промени.

На настанот беа усвоени Резолуцијата на Студентскиот форум и Повелбата за студентски права – два важни документа кои понатаму се очекува да бидат прифатени и спроведени на национално ниво.

Претходниот ден, во петокот, седум универзитети од Македонија потпишаа заедничка декларација за формирање на национално студентско тело, кое треба да биде легитимна неформална платформа преку која ќе се засилат капацитетите на студентските претставници во застапувањето на нивните барања кон институциите.

Студентската резолуција, како што посочи извршниот директор на Форумот за образовни промени, Бленди Ходаи, ја истакнува посветеноста на студентите активно да учествуваат во решавањето на итните прашања и нивниот глас да се слушне во процесите на донесување одлуки на сите нивоа.

„Форумот за образовани промени во последниот период направи истражување во однос на тоа колкави финансиски импликации имаат студентите за да завршат четири или пет години факултет во земјата и видовме дека финансискиот товар е многу поголем од тоа што знаеме дека е само партиципацијата за семестар, но за да се реши финансискиот товар потребно е да имаме бесплатно високо образование во првиот циклус на студии. Вториот проблем кој многу се адресира е фактот што нашите универзитети, особено државните, не се дигитализирани воопшто освен ‘Гоце Делчев’ и тоа е една голема мака на студентите затоа што секоја година кога треба да се пријават и да се прават записи на семестри, студентите чекаат три саати ред на студентски прашања, а тоа не треба да се случува“, рече Ходаи.

Резолуцијата содржи четири области: Студентски права и студентски стандарди, Дигитализација на услугите во јавните универзитети, Финансирање на високото образование и Квалитетно образование.

Во документот, студентите ги повикуваат Министерството за образование и наука (МОН) и Владата да создадат нов, добро дефиниран модел на исплата на стипендии, дополнет со конкретни датуми за исплата.

Од универзитетите се бара да ја прифатат дигитализацијата со целосно усвојување на електронскиот индекс и постепено укинување на физичкиот до почетокот на академската 2025/2026 година, но и да инвестираат во силна дигитална инфраструктура.

Од МОН и другите институции се бара до крајот на годинава да изготват стратешки и акциски план за тоа како да ги зголемат средствата за образование, а процентот од БДП што се одвојува за образованието периодично да се зголемува.

Преку Резолуцијата, студентите бараат надворешна евалуација на универзитетите од страна на Европското здружение за обезбедување квалитет во високото образование за да се поттикне подобрување на стандардите.

Покрај ова, преку Резолуцијата, студентите се залагаат за пренос во живо на состаноците на универзитетските Сенати за да се обезбеди транспарентност во нивната работа.

„Бараме од институциите – МОН и Владата да почнат да креираат план за да ги направат Скопје и другите градови што имаат универзитети, да бидат студентски градови, по примерот на Софија, Бугарија, каде што цените се прилагодени на потребите на студентите, студентите плаќаат поевтино, да не им биде тешко да го поминат месецот“, изјави Ходаи.

Тој ги повика студентските собранија да бидат порадиклани во своите барања кон институциите.

На последната дискусија говорниците зборуваа за корупцијата во високото образование, за која исто така беше заклучено дека е еден од најгорливите и најголеми проблеми во академската заедница.