Граѓаните сакаат длабински, а не површни информации
25 март 2025Што очекуваат граѓаните, а што добиваат од медиумите? Одговорите на ова и други прашања ги дава четвртото истражување на Институтот за комуникациски студии (ИКС) „Практики и перцепциите на граѓаните во поглед на информирањето и справувањето со дезинформациите“.
Истражувањето го спроведе Институтот за демократија „Социетас цивилис“ преку телефонска анкета во периодот од 5-ти до 25-ти февруари 2025 година, на 1.000 полнолетни испитаници на територијата на Северна Македонија.
Истражувањето покажува дека 51% од граѓаните во земјата се информираат неколку пати во текот на денот, додека 27% го прават тоа еднаш дневно. Нешто помал процент (17%) од испитаниците се информираат неколку пати во текот на неделата, додека 5% воопшто не покажуваат интерес за општествените случувања. Во однос на социодемографските карактеристики на испитаниците, статистички значајни разлики има само во поглед на возраста - повозрасните лица од 55 до 64 години (61%) и пензионерите (69%) практикуваат да се информираат неколку пати дневно, а кај помладите возрасни групи тој процент е околу 40%.
Што преферираат жените, а што мажите?
Телевизијата, социјалните медиуми и онлајн-порталите остануваат најчести извори на информации, а помалку од 10% се потпираат на лични контакти за добивање вести.
На прашањето - од каде најчесто ги добиваат информациите за случувањата во земјата и во светот - на испитаниците им била дадена можност да наведат до три извори на информации. Речиси две третини од нив како еден од изворите за информирање ја навеле телевизијата (72%), потоа социјалните медиуми (55%) и онлајнпорталите (38%). Само 9% од испитаниците одговориле дека нови информации добиваат од социјалното опкружување - колегите, пријателите и роднините.
Во поглед на разликите според социодемографските карактеристики на испитаниците, значајни разлики има во однос на полот - жените (76%) почесто од мажите (67%) ги користат телевизиските програми како извор на информации, а мажите (43%) почесто ги користат онлајнмедиумите во споредба со жените (32%). Социјалните медиуми остануваат главен извор на информирање на најмладите граѓани (38%), за оние од 25 до 34 години (36%) и кај граѓаните од 35 до 44 години (37%). За разлика од нив, кај повозрасните граѓани речиси половина од испитаниците (45,8%) најчесто ги користат телевизиските канали како главен извор на информации.
Теми од интерес
Кои теми најмногу ги засегаат или ги интересираат граѓаните? Во одговорите на ова прашање здравјето и случувањата во здравствениот сектор се поважни за далеку поголем број граѓани (38%) од случувањата поврзани со јавните финансии (19%), образованието, науката и технологијата (14%) и прашањата околу животната средина и просторното планирање (13%). Нешто помалку важни за граѓаните се темите поврзани со земјоделството (9%) и локалните прашања (5%).
„Од аспект на возраста, најмладата група граѓани од 18 до 24 години најмногу ги интересираат темите поврзани со образованието, науката и технолошкиот развој (28%) и во здравствениот сектор (27%), додека информациите поврзани со јавните финансии се најатрактивни за граѓаните од 35 до 44 години (27%). Возрасните граѓани од 55 до 64 (46%) и мнозинството пензионери (57%) најмногу се интересираат за темите поврзани со здравјето и здравствениот сектор“, се вели во истражувањето на ИКС.
Повеќето граѓани (41%) веруваат дека медиумите понекогаш објавуваат вести што се од нивен интерес, 31% сметаат дека медиумите редовно и навремено објавуваат детални информации, а нешто помалку, 21%, сметаат дека медиумите ретко информираат за темите што се од нивен личен интерес. Шест проценти од испитаниците воопшто не сметаат дека медиумите објавуваат вести за темите што нив ги интересираат.
Една третина се сомневаат, исто толку проверуваат
На прашањето каква е нивната перцепција за тоа колку медиумите длабински анализираат и информираат за темите што се од нивен интерес на основа на што тие би добиле доволно знаење или увид во случувањата, големо мнозинство од испитаниците (74%) споделуваат мислење дека медиумите пренесуваат само основни или површни информации, без длабинска анализа. Спротивно на тоа, само 26% од испитаниците се задоволни со начинот на кој медиумите ги пренесуваат информациите.
Што се однесува до доверливоста на медиумите, перцепцијата за тоа е поделена: една третина од испитаниците (29%) се сомневаат во сѐ што објавуваат медиумите, идентичен процент (29%) ја проверуваат истата вест во други релевантни медиуми, а 21% тргнуваат со претпоставката дека доколку нешто е објавено, тогаш е точно. Мал дел граѓани во процесот на примање информации проверуваат кој ја издал веста (8%) или се советуваат со некој што има поголемо знаење на темата (7%), а само 2% проверуваат дали авторот на веста е наведен во продолжение. Минимални 4% од испитаниците безрезервно веруваат дека сѐ што е објавено во медиумите е точно.
Кој шири дезинформации
Што се однесува на способноста за препознавање дезинформации, 41% сметаат дека понекогаш успеваат, 29% веруваат дека секогаш можат да ја детектираат вистинитоста на информацијата, а 11% признаваат дека воопшто не можат да ги разликуваат лажните од вистинитите информации. Во однос на изворите на дезинформации, 36% од испитаниците сметаат дека политичките партии се главниот извор на ширење дезинформации, 12% ја посочуваат медиумската сфера, а 4% ги наведуваат државните институции.
Според истражувачите, на прашањето кој најмногу шири дезинформации во Македонија, има значајни разлики во одговорите на испитаниците во 2022 и 2025 година. Во истражувањето реализирано во 2025 година паднат е процентот на испитаниците што сметаат дека медиумите или политичките партии издвоено се виновни за ширењето дезинформации во државата. Сепак, процентот на испитаниците во 2025 година (47%) што сметаат дека и медиумите и политичките партии и државните институции ја делат одговорноста за ширењето дезинформации е значајно повисок од оној во 2022 година (13%).