Ова е вистината за Сребреница: Директорот на Музејот на жртвите на геноцидот испрати писмо до амбасадорите

Директорот на Музејот на жртвите на геноцидот во Белград, Дејан Ристиќ, испрати писмо до сите амбасадори акредитирани во Србија, во кое предупреди дека нацрт-резолуцијата за „геноцидот“ во Сребреница, за која денеска треба да се разговара на затворен состанок во ОН, е „пример за искривување на историјата и селективни сеќавања“ на настаните на територијата на поранешна Југославија.

Во писмото Ристиќ предупреди дека усвојувањето на таа резолуција „значително ќе ги поткопа и загрози децениските напори за постигнување мир и историско помирување на сите три народи кои со векови живеат на територијата на Босна и Херцеговина.

  • Ако се стремиме кон мир, треба заедно да работиме на сеопфатна, неселективна и објективна култура на сеќавање. Токму поради оваа причина, ги повикуваме владите на земјите-членки на ОН да ги разгледаат бројните опасности што би произлегле од евентуалното усвојување на споменатата нацрт-резолуција, чие објавување веќе предизвика длабоки поделби и во босанско-херцеговското општество како и во рамките на целиот Западен Балкан – вели Ристиќ.

Тој потсети дека за време на внатрешниот вооружен конфликт во Босна и Херцеговина, од 1992 до 1995 година, биле убиени околу 100.000 луѓе од сите националности, и дека во контекст на „масакрот“ во Сребреница во јули 1995 година, биле убиени нешто повеќе од 8.000 Бошњаци.

  • Иницијативата да се издвојат нешто повеќе од 8.000 жртви, од вкупно 100.000 жртви на вооружениот конфликт во Босна и Херцеговина, во рамките на предложената нацрт-резолуција, е пример за искривување на историјата и селективно сеќавање на ова трагично поглавје од минатото на Западен Балкан – рече Ристиќ.

Тој предупреди дека ваквите иницијативи можат да создадат општествен амбиент во кој страдањата на една етничка група „се обележуваат и вреднуваат повеќе од другите, односно се воспоставува еден вид хиерархија на жртви и злосторства“.

  • Таквиот пристап би бил вознемирувачки и загрижувачки за сите заедници погодени од споменатиот вооружен конфликт – Србите, Хрватите и Бошњаците. Ваквите обиди може да доведат до силна дестабилизација на мирот и стабилноста, не само во Босна и Херцеговина, туку и во целиот регион – изјави директорот на Музејот на жртвите на геноцидот.

Иницијатори на резолуцијата за која Генералното собрание на ОН треба да гласа на 2 мај се Германија и Руанда, а во документот се предлага 11 јули да биде прогласен за Меѓународен ден на сеќавање на „геноцидот“ во Сребреница.

Нацрт-резолуцијата бараше „секое негирање на геноцидот во Сребреница“ да се осуди „без резерва“, додека членките на ОН се повикани да ги зачуваат утврдените факти и да развијат соодветни програми преку нивните образовни системи, со цел да се спречи ревизионизмот и геноцидот во иднината.