Смилев: Каменот од блиску доаѓа – Грците не нѐ чепнаа но нашите нѐ тресеа на граница

Официјална делегација на Левица, предводена од претседателот Димитар Апасиев, вчера го посети градот Кукуш (Егејска Македонија) – родното место на апостолот на македонското револуционерно движење и положија цвеќе на местото каде се претпоставува дека некогаш се наоѓала родната куќа на Гоце Делчев.

Во денешната објава на својот профил, еден од делагатите и член на Централниот комитет на партијата, Игор Смилев, со своја изјава ја опишува ситуацијата на граничниот премин:

Ме прашуваат дали сме имале проблеми со Грците на граница или во Кукуш. Неее, каменот од блиску доаѓа, нели? Со нашите на граница имавме проблеми – целосен претрес, фенерчиња, ентериерно и партерно уредување на возилото. Уште примерок од урина не дадовме… ама и ние упорни ѕвериња – упорно чисти, ништо не носевме, освен остатоци од кафе, кифли и сликата од Гоце која безбедно се врати во Републиката.

На крајот од изјавата тој со сарказам пишува дека не е ни изненаден од ваквиот третман на македонските граничари:

П.С. Да бидам искрен, и не очекував црвен тепих да ни постелат, оти тој денес им е зафатен за постилање.