Петар Андоновски, писател

„Не кажувам“ е најновиот роман на Петар Андоновски, кој влезе во најтесниот избор од десет романи во конкуренција за наградата „Роман на годината“.
Петар Андоновски дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Автор е на книгите: „Ментален простор“ (поезија, 2008), „Очи со боја на чевли“ (роман, 2013), „Телото во кое треба да се живее“ (роман, 2015), „Страв од варвари“ (роман, 2018) и „Лето во кое те нема“ (роман, 2020).

„Не кажувам“ не се чита поинаку, туку само во еден здив… Како течеше процесот на пишување?
– Ниту еден од моите романи не сум ги пишувал на ист начин, секој нов роман е ново пишувачко искуство, ,,Не кажувам“ е мој петти роман, а прв што го пишував и препишував. Една од поубавите работи во пишувањето е неизвесноста, никогаш не знаете каде ќе ве однесе патот, еднаш пред вас се отвора море со безброј островчиња во него, другпат пишувањето е мало гратче на Медитеранот и секоја уличка ви е иста и постојано се вртите во круг. Иако ,,Не кажувам“ е мал по формат, сепак беше тегобен за пишување, најтешко ми беше да го кажам она за кое сите молчиме.
Колку живи, а колку имагинативно составени се ликовите во ,,Не кажувам“?
– Книжевноста е огледало на животот и на времето во кое живееме, па ликовите во ,,Не кажувам“, колку и да изгледа дека се ликови какви што има само во книжевноста, сепак се наши соседи, луѓе што ги среќаваме во супермаркет, луѓе со кои секојдневно се разминуваме.
Интересни мисли поттикнувате во вашиот последен роман, уште во првите страници. „Таму каде што завршував јас, почнуваше тој.“ Колку често налетуваме на ликови во кои можеме да се препознаеме себеси?
– Една од темите во ,,Не кажувам“ е и отуѓеноста меѓу партнерите, семејството, меѓу луѓето генерално. Нашите односи се сведуваат на социјалните мрежи и на апликациите за запознавање и секс-средби, на апликациите не можете да размените поглед, допир, некој да ви предизвика пеперутки во стомакот, затоа сѐ помалку има емпатија и сѐ потешко ни е да се препознаеме во другиот.
Како дојдовте до идејата да отворите тема што на нашето поднебје сѐ уште е на бојното поле на осудувањето и предрасудите?
– Темите што ги обработувам и во ,,Не кажувам“ и во другите мои романи или многу малку или воопшто не се присутни во нашата книжевност, а се важни и треба да се зборува за нив. Ако книжевноста во 21 век не е ангажирана, ја губи смислата. Писателот има должност да зборува за теми за кои никој друг не зборува. Предрасудите најчесто доаѓаат од незнаење, затоа е важно да се пишува и зборува за табу-темите, само така ќе успееме да го победиме мракот на незнаењето во нас.
Понекогаш општествените норми ни се поважни од среќата на нашите деца. Зошто понекогаш ја вртиме главата и не сакаме да ја прифатиме среќата на нашите деца или блиски?
– Многупати родителите мислејќи дека им прават добро на своите деца, не ни забележуваат дека ги задушуваат и дека ги прават несреќни. Соња (лик во приказната) е типична мајка што мисли дека знае што е најдобро за нејзиното дете и која очекува дека детето треба да ѝ се одолжи за тоа што таа го направила за него. Ликот на Соња е ликот на времето и општеството во кое живееме, а во кое сите сме жртви на традицијата, на лажните вредности, на малограѓанштината, која секојдневно лакомо нѐ голта.
Дали навистина мајката е таа што го држи семејството и секое скршнување од патот си го зема за срце дека потфрлила?
– Традиционалните општества како нашето не им оставаат простор на жените сами да изберат дали сакаат да се остварат како мајки, туку им наметнува дека тоа е нивна обврска, а кога жените ќе се остварат како мајки, сите очекуваат од нив тие да бидат столбот што ќе го одржува семејството. Жените не само што немаат право на избор, немаат право ни на грешки. Ако мажот или децата ,,скршнат по патот“, сите очекуваат од жената да ги врати на ,,вистинскиот пат“, во спротивно целата вина се префрла на неа, дека таа како жена/мајка потфрлила.
Оптоварени ли сме со исполнување на туѓите очекувања?
– Најголемиот дел луѓе живеат животи што другите им ги одбрале, а не тие. Постојано исполнуваат нечии очекувања од страв да не ги изгубат тие што ги сакаат и од страв да не бидат отфрлени. На многумина полесно им е да се вклопат во тој шаблон на лажни вредности и да живеат несреќно само да бидат дел од општествено прифатливите групи. Луѓето се плашат да бидат слободни.
„Не кажувам“ им ја посветувам на сите оние што ќе се пронајдат во некој од ликовите, а најмногу на оние што, откако ќе го прочитаат романот, ќе успеат да надминат некоја предрасуда.