Анализи

Херои на 2022 година: Луѓето што направија промена

БИРН им оддава почит на тие што се соочија со предизвиците во 2022 година

Во годината обележана со крвавата војна во Украина, социјални и економски маки и долготрајна неправда, некои луѓе се вложија и ги зголемија своите напори да им помогнат на оние на кои им треба помош, да донесат промени и да ги отфрлат длабоко вкоренетите предрасуди.

Како и претходните години, овие обични луѓе не штедеа напори, работеа неуморно за да инспирираат хуманост во сите нас и во нашите општества и направија промени.

Романија: Спасувачите им даваат шанса на тешко болните деца

Кармен Ускату и Оана Георгиу | Илустрација на БИРН

Здружението „Подари живот“, предводено од активистките Кармен Ускату и Оана Георгиу, е блиску до завршување на првата педијатриска болница за онкологија и радиотерапија во Романија, која ќе биде изградена исклучиво од приватни донации на граѓани и компании.

Работите на болницата почнаа во 2018 година и се кон крајот. Треба да се завршат во почетокот на 2023 година.

Здружението е основано во 2012 година, а неговата мисија е да им помогнат на децата болни од рак и од други тешки болести.

Ускату, за БИРН, вели дека над 350.000 индивидуални донатори и над 7.000 компании ги спонзорирале нивните проекти. Во последната деценија имаат собрано повеќе од 43 милиони евра од донации.

Црна Гора: Волонтерска планинска спасувачка служба

Планинска спасувачка служба на Црна Гора | Илустрација на БИРН

Планинската спасувачка служба на Црна Гора, оваа година доби пофалби од граѓаните за нејзината волонтерска работа и спасувачки мисии, и покрај малата помош што ја добиваат од државата.

Од почетокот на годината, Службата за спасување спроведе повеќе од 30 спасувачки акции. Најголемиот дел од нив се во текот на летната сезона, кога странските туристи доаѓаат и шетаат по планините на северот од земјата.

Националните паркови на планината Дурмитор и Проклетие се популарни кај планинарите, привлекувајќи голем број посетители во текот на летото.

„На планините мора да ги следите правилата, исто како и во сообраќајот. Кај 90 отсто од случаите, причините за несреќите се несериозност, невнимание и незнаење“, изјави за БИРН, шефот на планинската спасувачка служба, Жељко Лончовиќ.

Според Законот за заштита и спасување, локалните служби за заштита се задолжени за спасување во вонредни ситуации во планини и кањони, но и за справување со шумски пожари, земјотреси и поплави.

Додека тие служби се финансираат од државниот буџет, Планинската служба за спасување е волонтерска организација.

Македонија: Шампион во образованието на Ромите

Ферзије Асаноска | Илустрација на БИРН

Со волонтирањето во локална невладина организација за човекови права, Сумнал од Битола, 24-годишната Ферзије Асаноска не е многу позната во државата.

Но, нејзината неуморна работа повеќе од седум години е да ги натера децата Роми од Битола да се запишат на училиште и да го продолжат своето образование. Таа нејзина работа  не остана незабележана. Во декември ја доби градската награда за волонтер за 2022 година.

Асаноска, всушност, ја врши една од најтешките работи, која подразбира дека излегува на терен, разговара со сиромашните и маргинализирани ромски семејства, ги убедува да ги пуштат своите деца на училиште, им помага да ги добијат сите документи што им се потребни.

„Многу Роми се неписмени, сиромашни и немаат наведени точни адреси на живеење, па некои велат: ‘Зошто моето дете да оди на училиште кога немаме што да јадеме дома?’ Мојата улога е да ги мотивирам и да им објаснам дека нивните деца ќе имаат подобра шанса во животот ако посетуваат настава – дека тоа образование може да им ги отвори сите врати“, изјави Асаноска за БИРН.

Грција: Новинарите откриваат кршење на човековите права

Новинарската екипа на Inside Story | Илустрација на БИРН

Уште една година во која слободата на медиумите во Грција претрпе тешки удари. Забележани беа попречување на медиумите да си ја вршат работата, апсења и инциденти, случаи на цензура и самоцензура.

Меѓутоа, од сиот мрак се роди нешто ново, а тоа е истражувачкото новинарство, чија цел е државата и бизнисмените да бидат повикани на одговорност за своите постапки.

БИРН, оваа година го истакнува независниот новинарски тим на Inside Story, истражувачки медиум со седиште во Атина, кој не брка кликови, туку вистински приказни.

Inside Story почна со работа во 2006 година и е медиум финансиран од претплата, а без реклами. Најголемите финансиери се, всушност, неговите читатели.

„Не сме заинтересирани да служиме на ниту една линија или идеологија, туку за фактичко истражување и известување напишано на начин што читателите ќе го разберат“, изјави за БИРН, новинарката Елиза Триантафилу.

Тие пишуваа за постоењето на софтверот прислушување наречен Предатор, создаден од компанија наречена Сајтрокс во Македонија.

Поради овој текст се отворија десет истраги, кои во првите неколку месеци не беа покриени од повеќето медиуми.

„Тоа создаваше фрустрација. Некои колеги во мејнстрим медиумите се обидоа да туркаат и да пишуваат за ова прашање. Многу колеги нѐ поддржаа во нашето истражување, давајќи ни некои информации или идеи“, вели Триантафилу.

Косово: Активист на движењето за правата на жените

Аделина Тершани | Фотографија на Клара Гордон

Аделина Тершани е енергична млада жена, активистка од Косово, која оваа година неофицијално стана лице на движењето за правата на жените, организирајќи многу протести и предизвикувајќи бранувања, не само во Косово, туку и во соседна Албанија.

За време на бранот протести на кои се бараа повеќе права за жените, крај на семејното насилство и сексуалната злоупотреба, акција на институциите и отстранување на ДДВ-то за производите за менструација, таа често беше во првите редови на колоните демонстранти, држејќи разглас и извикувајќи: „Долу патријархатот“.

Нивните активности на Косово предизвикаа низа слични протести во Албанија, и тоа не само во главните градови.

„Кога првпат почнав да се занимавам со активизам, беше неопходно да бидам во Приштина за да бидам дел од феминистичкото движење. Тоа не мора да биде пречка денес. Феминистичкото движење во Косово е децентрализирано и ова е најголемото достигнување на структурите и неструктурираните групи, како и на активистите, кои денес можете да ги најдете дури и во подалечните делови на Косово“, рече таа.

Турција: Докторка казнета поради борба за човекови права

Шебнем Корур Финчанци | Илустрација на БИРН

Шебнем Корур Финчанци, претседателка на Турското лекарско друштво, отсекогаш била повеќе од лекар. Таа беше во првите редови на борбата против воените злосторства, тортурата и малтретирањето.

„Корур Финчанци е професорка по форензичка наука и нејзината експертиза е позната во светот, работејќи како експерт во многу меѓународни случаи со опсежно истражување“, изјави за БИРН, Али Ихсан Октен, заменик-претседател на Турското лекарско друштво, додавајќи дека таа, исто така, водела фондација за човекови права на Турција многу години пред нејзината функција во друштвото.

Сепак, под влијание на автократскиот режим на претседателот Реџеп Таип Ердоган, за нејзината доживотна борба за човекови права и правата на медицинските работници таа доби судска пресуда.

Во куќата на Финчанци упаднаа полицајци утрото на 26 октомври, а обвинителството побара таа да биде отстранета од функцијата во лекарското друштво.

„Нема докази дека таа треба да биде во затвор, па дури и во полициски притвор. Досието против неа е целосно празно, но антидемократските политики ја доведоа во оваа ситуација“, рече Октен.

Причината беше што Корур Финчанци претходно изјави дека независните делегации треба да спроведат истрага за тоа дали турската војска користела хемиско оружје против курдските милитанти во Ирак.

Србија: Констракта – уметнички провокатор со супстанца

Ана Ѓуриќ, позната како Констракта | Илустрација на БИРН

Настапот на Ана Ѓуриќ, позната како Констракта, со нејзината песна „In corpore sano“ („Во здраво тело“) на Изборот за песна на Евровизија 2022 година ја заинтригира домашната и меѓународната јавност.

Ѓуриќ го освои петтото место на фестивалот, но нејзиното влијание ја надминува таа бројка, бидејќи настапот привлече големо внимание во земјата и во светот.

Нејзината песна ги доведе во прашање нашите односи кон телото и здравјето, додека ги миеше рацете на сцената, јасно алудирајќи на една од мерките за спречување на ширењето на ковид-19.

Спомнувањето на косата на Меган Маркл, со кое Констракта се обиде да ги деконструира медиумските здравствени опсесии, додека во исто време милиони луѓе немаат ниту основно здравствено осигурување, ја поттикна јавноста да размислува за класните привилегии и нееднаквости.

Рефренот „Уметницата треба да биде здрава“, исто така, укажа на проблематичните односи со српската држава, но и воопшто, кон уметниците и нивниот лош статус во утилитарната капиталистичка култура ориентирана кон профитот.

Хрватска: Теолози им даваат засолниште и надеж на бездомниците

Маријана Иваниќ Вуга и Данијел Вуга | Илустрација на БИРН

Маријана Иваниќ Вуга (42) и Даниел Вуга (40) се од град оддалечен повеќе од 70 километри од Загреб и секојдневно патуваат на работа. Тие се основачи на граѓанската организација Домот на надежта, која води дневен центар за бездомници.

Двајцата млади теолози, кои се запознале за време на студиите во Евангелистичката семинарија во Осиек, сонувале за ваква работа, која станала реалност откако Даниел запознал бездомник од Загреб пред десетина години.

Нивната желба да помогнат им донесе многу искушенија, некои егзистенцијални (тие беа волонтери со години) и други лични (набргу самите добија деца на кои им требаше внимание). Но, оваа динамична двојка, чии алтруистички вредности ги одразуваат нивните христијански верувања, не се откажа и покрај предизвиците.

До минатата година, Куќата на надежта беше единственото место во Загреб, во кое десет години бездомниците можеа да се тушираат, да перат облека, но и да добијат помош за добивање лична карта и здравствено осигурување, да добијат помош за наоѓање работа, како и место каде што тие можат да добијат утеха и разбирање.

Албанија: Симбол на граѓански отпор против неконтролираната урбанизација

Мајка Лиза | Илустрација на БИРН

На прв поглед, 77-годишната Лизе Марку од главниот град на Албанија, Тирана, е само една повозрасна жена.

Но, сите во Албанија оваа година го дознаа нејзиниот прекар Мајка Лиза, кога таа се спротивстави на градските власти, протестирајќи против нивната одлука да ја урнат нејзината стара населба во Тирана, наречена „5 Мај“, за да се направи нов градежен проект.

Таа редовно протестираше против овој проект, кој многумина го сметаа за нетранспарентен и сомнителен – еден од многуте во албанскиот главен град, кој постојано се проширува. Стана позната и по снимката на која се гледа како се конфронтира со полицијата, со што стана и симбол на  таквите судири.

Марку, всушност, стана главна фигура на тие протести. Се сретна и со премиерот Еди Рама за прашањето за уривањето на куќите, но од средбата немаше резултат.

Босна: Бранител на правата на децата родени од воено силување

Ајна Јусиќ | Илустрација на БИРН

Децениската борба за правно признавање на децата родени како резултат на силување за време на војната доживеа делумна победа во Босна и Херцеговина.

Ајна Јусиќ, водечко лице на Здружението „Заборавени деца на војната“, е хероина за Босна за оваа година бидејќи го отвори патот кон нивната еднаквост.

Нејзината посветеност резултираше со измени на законот, со кои конечно се признаваат децата родени по воено силување како посебна категорија во округот Брчко, посебна административна единица во Босна и Херцеговина.

Пред оваа промена, ниту еден закон не ја признаваше оваа категорија на лица во Босна, што значи дека тие ги немаа истите права како цивилните жртви на војната.

Нема официјални податоци за бројот на деца родени од воено силување во Босна, но Обединетите нации проценија дека меѓу 20.000 и 50.000 жени биле силувани за време на војната.

Молдавија: Соочување со старите стереотипи од советската ера и ЛГБТ

Лео Збанке | Илустрација на БИРН

Позната како конзервативна земја во однос на верските слободи и родовиот идентитет, Молдавија со години се стреми да се рангира меѓу оние демократски земји што нудат права на различни сексуални заедници.

За Лео Збанке (36), ова стана голема грижа откако се врати во Молдавија, во 2021 година за да се обиде да ги разбие предрасудите и стереотипите кон ЛГБТ+ заедницата.

„Ја напуштив Молдавија во 1990-тите кога бев сè уште дете и пораснав во Русија. Почнувајќи го мојот ЛГБТ+ активизам во 2013 година, по првиот антигеј закон, видов како се затвора просторот за промени во Руската Федерација. Активизмот стана чин на отпор и храброст наместо вистинска моќ да ги промени работите“, изјави Збанча за БИРН.

Тој ја напушти Русија во 2015 година и живееше во различни европски земји, а вели дека една од движечките сили зад одлуката да се врати во Молдавија било чувството дека може да помогнам да се направи разлика во земјата.

„Со доаѓањето на новиот претседател и новата проевропска влада, оваа промена сега се чувствува повозможна од кога било“, додаде тој.

Лео си најде место во Молдавија. Од март 2022 година, тој е координатор на група за поддршка на трансродовите и родово неусогласените луѓе и спроведува обука за SOGI [Сексуална ориентација и родов идентитет.]

Бугарија: Проширување на хуманоста на бегалците

Дијана Димова | Илустрација на БИРН

Во центарот на вниманието годинава беше Дијана Димова, шефица на невладината организација Мисија Крилја од Стара Загора, која им помагаше и на бегалците од Азија и од Украина, а работеше и на зајакнување на жените и им помагаше на ранливите семејства.

Во 2022 година, Бугарија беше точка на мигрантската рута низ Балканот – имаше апсења на луѓе кои илегално влегуваа во земјата, расправии меѓу полицијата и мигранти, а неодамна и извештаи за насилство на граничната полиција.

Мисија Крилја, во 2022 година организираше добротворни настани за украинските бегалци, менторска програма во малиот град Харманли за бегалци од Југоисточна Азија и иницираше работилници за жени во проблематична финансиска состојба.

Словачка: Бранител на ЛГБТ заедницата по убиствата пред неговиот бар

Роман Самотни | Илустрација на БИРН

Роман Самотни, некогаш момче од мало словачко село, се помири со својата сексуалност и со години знае колку е важно да се охрабрат квир луѓето да не живеат во страв и да живеат со вистината. Од овие две причини го отворил Тепларен, бар кој стана безбедно засолниште за квир луѓето во главниот град Братислава. Сето тоа се смени во октомвриската ноќ, кога вооружен маж застрела двајца негови клиенти пред барот.

Скршен од веста, Самотни можеше едноставно да го затвори барот и да ги избегне медиумите. Наместо тоа, еден ден по нападот, тој реши да проговори за ужасите и омразата што квир луѓето во Словачка мора да ги поднесуваат секој ден.

„Многумина велат дека ЛГБТ е идеологија. Но, ја видов крвта на моите најблиски на тротоарот. Ги видов нивните застрелани тела. Тоа не е идеологија“, рече тој тогаш, критикувајќи ги политичарите и Католичката црква за нивните вербални напади против заедницата.

По нападот, илјадници луѓе излегоа на улиците во поддршка на ЛГБТ заедницата, а Самотни беше таму за да ги прочита барањата на заедницата за подобар живот во Словачка, земја која сè уште им дава малку права на квир луѓето.

Полска: Помагачи на украинските бегалци

Ретко кој во Полска не бил вклучен во поддршката на украинските бегалци | Илустрација на БИРН

Според УНХЦР, од почетокот на војната во февруари, околу пет милиони Украинци пристигнале во Полска, без разлика дали одлучиле да останат или да продолжат понатаму кон Запад.

Ретко кој што живее денес во Полска не бил вклучен во поддршката на украинските бегалци: без разлика дали е домаќин на бегалско семејство, помагал во собирање облека и храна или во комплетирање на документите на бегалците за да имаат пристап до здравство и до образование.

Жителите на Полска се покажаа дораснати на задачата од самиот почеток: штом почна војната и Украинците почнаа да се појавуваат на границата, луѓето спонтано почнаа да возат таму за да земат бегалци и да ги однесат дома.

Меѓу тие што понудија брза помош беа Белорусите што живеат во Полска. Користејќи го своето искуство во помагањето на сонародниците да избегаат од авторитарниот режим на Александар Лукашенко, белоруските волонтери формираа онлајн-бази на податоци што ги здружуваат домаќините и бегалците.

Унгарија: Наставничка ја жртвува работата заради својата совест

Каталин Торли | Илустрација на БИРН

Каталин Торли, професорка во средно училиште во Будимпешта, беше отпуштена во октомври поради учество во движење за граѓанска непослушност. Откако владејачката партија Фидес го ограничи правото на наставниците да штрајкуваат минатата пролет, многумина, како Торли, одлучија дека граѓанската непослушност е единствениот начин да се слушне нивниот глас.

Но, владата возврати. „Кога ми кажаа дека сум отпуштена, плачев“, изјави Торли за БИРН.

 „Бев збунетa и длабоко повреденa, но во исто време почувствував дека конечно предизвикавме реакција од владата; успеавме да го скршиме ѕидот на тишината“.

Ниските плати за наставниците и централизираниот образовен систем есента поттикнаа огромни улични протести, невидени во последната деценија на владата на Фидес.

Чешка: Пожарникарите што се бореа со најлошиот шумски пожар во историјата

Чешките пожарникари се бореа со најлошите шумски пожари во истoријата | Илустрација на БИРН

Додека многу од нивните сонародници го поминаа летото сончајќи се на далечни места за одмор, пожарникарите во Чешка се препотуваа борејќи се со најлошиот шумски пожар во историјата.

Избувна на 23 јули и бргу се рашири поради високите температури и ветрови, кои го разнесоа чадот до 90 километри до Прага. Зафатени беа околу 1.600 хектари од стара борова шуми, а вкупните штети надминаа милијарда круни или 41 милион евра.

Три недели им беа потребни на 6.300 професионални и доброволни пожарникари, војска и полиција вооружени со 400 парчиња опрема да го изгаснат пожарот. Покрај службите за итни случаи во Чешка, помош пристигна и од Италија, Полска, Словачка и од Шведска.

Премиерот Петр Фиала им додели медали на 60 претставници на противпожарната служба, војската, полицијата и локалната власт. Тој, исто така, вети дека ќе ги зголеми буџетите на итните служби.