Германија поради европското фудбалско првенство воведува контроли на сите граници


Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер донесе одлука за суспендирање на Шенген системот и воведување гранични контроли на сите граници во пресрет на Европското првенство во фудбал, објавија германските медиуми. Првенството ќе се одржи од 14 јуни до 14 јули годинава.

Минатата година министерката се колебаше со месеци за носење ваква одлука, иако беше забележан поголем број илегални миграции. Дури во октомври федералната полиција почна да ги проверува границите со Полска, Чешка, Австрија и Швајцарија, пишува Феникс.

Фезер сега воведува контроли на сите надворешни граници на Германија за Европското првенство на кое Германија е домаќин. Таа го соопшти ова при посетата на станицата за гранична контрола на А6 кај Вајдхаус во сојузната покраина Баварија.

„Ќе наредам гранични контрола на сите внатрешни граници што ги има Германија со соседните земји навреме, пред Европското фудбалско првенство“, рече таа.

„Идентификувавме околу 6.000 нелегални влезови од средината на октомври 2023 година, фативме 130 шверцери и спречивме 1.900 луѓе да влезат илегално во земјата“, додаде таа.

Целосната контрола на германските граници треба да трае до крајот на Европското првенство. Тогаш ќе истечат и роковите за граничните контроли со Полска, Чешка и Швајцарија.

Фезер подоцна ќе одлучи за евентуално  продолжување на граничните контроли и по Првенството во фудбал. Контролите на австриската граница веќе се продолжени до ноември, јавуваат германските медиуми.