Посредниците Лајчак и Ескобар на средба со Вучиќ во обид за решавање на проблемотa

Таканаречениот француско-германски план е документ на ЕУ поддржан од Соединетите Американски Држави, а има цел „да ги утврди принципите на процесот на нормализација на односите меѓу Србија и Косово“. А дали некој ќе ги праша за мислење директно засегнатите страни?

Предлогот на ЕУ за нормализација на односите на релацијата Белград – Приштина ставен на маса

Продолжува интензивната дипломатска активност на САД и на Европската Унија на релацијата Белград – Приштина во обид за наоѓање решение и надминување на спорот што меѓународната заедница веќе подолго време се обидува да го реши. Таканаречениот француско-германски план е документ на ЕУ поддржан од Соединетите Американски Држави, а има цел да ги утврди принципите на процесот на нормализација на односите меѓу Србија и Косово. Планот им беше претставен на двете страни во септември и декември 2022 година, а посредниците се посветени на постигнување на овој нов договор до пролетта оваа година. Неговата содржина не е објавена во јавноста, но некои медиуми што тврдат дека имале пристап до документот укажуваат дека тој не вклучува меѓусебно признавање меѓу Косово и Србија, туку заложба на двете страни да не се попречуваат една со друга во процесот на интеграција.

Шоле го охрабрува Курти да го прифати предлогот

Токму најновата серија посети на Белград и на Приштина од страна на високи претставници на САД и на Унијата е уште еден обид да се прифати предлогот, односно да се испеглаат разликите во однос на него. Така, советникот на Стејт департментот на САД, Дерек Шоле, изјави дека го охрабрува косовскиот премиер Албин Курти да го прифати предлогот на ЕУ за нормализација на односите со Србија. Во објава на Твитер, тој вели дека разговарал со Курти за ова прашање во вторникот.
– Клучна тема беше нашето партнерство и заедничката цел за унапредување на европската и на евроатлантската интеграција на Косово – напиша Шоле, наведувајќи дека со Курти разговарал и за унапредување на дискусиите за заедницата на општините со српско мнозинство на Косово.
Договорот за создавање на оваа заедница е постигнат уште во 2013 година во рамките на дијалогот за нормализација на односите Косово – Србија, со посредство на ЕУ, но тој никогаш не е спроведен. Властите во Косово велат дека не може да се создаваат моноетнички здруженија, додека Србија инсистира на формирање на договорената заедница. Американската амбасада во Приштина за 31 јануари најави дискусија за заедницата, наведувајќи дека се поканети претставници на граѓанското општество, функционери и други политичари. Од Владата на Косово не одговорија дали Курти добил покана за оваа дискусија.
Во интервјуто дадено за Радио Слободна Европа минатата недела, Шоле рече дека конечниот договор меѓу Косово и Србија ќе бара „политичка храброст“. Курти деновиве рече дека предлогот е „добра основа за понатамошни разговори“, но не прецизираше повеќе. Во Србија, претседателот Александар Вучиќ изјави дека е подготвен да работи на планот за нормализација на односите со Косово.

Борел го поздрави напредокот во преговорите

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, во Брисел изјави дека напредокот во процесот на нормализирање на односите врз основа на предлогот на ЕУ за Косово, претставен пред Белград и Приштина, ќе донесе значителни придобивки за двете страни. По состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, Борел им рече на новинарите дека тоа е „единствениот начин да се прекине магичниот круг на кризата на терен и да се намали ризикот од натамошна ескалација“.
– Очекуваме сериозна посветеност и подготвеност (на двете страни) за конструктивен ангажман со цел да се постигне напредок врз основа на предлогот – рече Борел.
Тој исто така наведе дека ги информирал шефовите на земјите-членки на ЕУ за разговорите што специјалниот претставник за дијалог Мирослав Лајчак заедно со претставниците на САД, Германија, Франција и на Италија во петокот ги имале во Белград и во Приштина со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и со премиерот на Косово, Албин Курти. Минатонеделната посета беше со цел да се подготви следната рунда лидерски разговори во Брисел како дел од дијалогот за нормализација на односите, по можност веќе во јануари. Претседателот на Србија и премиерот на Косово минатата година се сретнаа двапати во контекст на дијалогот, во август и ноември, но ниту една средба не даде резултат.
Наедно, Борел позитивно го оцени обраќањето на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во понеделникот, 23 јануари. Оцената на Борел беше изразена во соопштението на неговиот кабинет по средбата со министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.
– Во однос на дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ, високиот претставник Борел ја повтори потребата за надминување на трајното управување со кризи и затоа очекува конструктивен ангажман за неодамнешниот предлог на ЕУ за нормализација на односите. Тој позитивно ја оцени вчерашната јавна интервенција на претседателот Вучиќ по ова прашање – се вели во соопштението од кабинетот на Борел.
Српскиот претседател Александар Вучиќ ден претходно ѝ се обрати на јавноста и предупреди дека Србија ќе се соочи со блокада на европските интеграции и инвестиции, како и со сеопфатни мерки во политичка и економска смисла, доколку не го прифати француско-германскиот план за дијалог со Косово. Тој на 20 јануари во Белград се сретна со европско-американски тим дипломати и по разговорот изјави дека Србија е подготвена да го прифати концептот и да работи на имплементација на европскиот план.
Истиот став го повтори и министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, кој на 24 јануари во Брисел имаше средби со високи претставници на ЕУ.
Во своето обраќање до јавноста вечерта на 23 јануари, Вучиќ рече дека можел да им каже на европско-американските дипломати дека нема да разговара, но, како што изјави, тогаш прашање на недели ќе било кога ќе се укине безвизниот режим на Србија со Европската Унија. Тогаш, како што рече, инвестициите би биле стопирани и повлечени. Тој порача дека Србија мора да разговара и да учествува во дијалогот и да го продолжи својот европски пат. Вучиќ изјави дека француско-германскиот план за решение на спорот меѓу Србија и Косово, кој стана план на Европската Унија, е нова преговарачка рамка за Србија.
– За нас нема напредок доколку не соработуваме по ова прашање – рече тој.

Приштина: Идејата за заедница на српски општини е мртва?!

Шефицата на косовската дипломатија, Доника Гервала, изјави дека предлогот за заедница на српски општини на Косово е „мртов“.
– Белград зборува за заедница на српски општини, но овој предлог е мртов и не може да се оживее. Уставниот суд одлучи дека не може да дојде до формирање ЗСО. Не може да се најде влада во демократскиот свет што е подготвена да спроведе нешто што го крши нејзиниот устав – кажа Гервала
За Гервала, еднонационалното здружување, кое го бара Србија, е решение од 19 век, но додаде дека Приштина е подготвена да разговара за правата на малцинствата ако официјален Белград се согласи да разговара на ист начин за албанското малцинство во Србија.
– За нас не е проблем на Србите да им ги дадеме истите права што Србија им ги дава на своите малцинства. Во моментов им гарантираме поголеми права на малцинствата отколку кој било друг во регионот – додаде таа.
За изјавата на Гервала се огласи Канцеларијата за Косово и Метохија на српската влада.
– Најновата изјава на Доника Гервала дека заедницата на српски општини е мртва ја покажува суштината на милитантната политика на Курти кон Србите. Како тоа за Курти Бриселскиот договор е мртов, а не е мртва фашистичката идеја за голема Албанија. Ваквиот пристап на Приштина е прашање исклучиво за ЕУ и за САД, бидејќи е јасно како ден дека Курти е изворот на сите проблеми во Косово, бидејќи тој е оној што кажува дека дијалогот е мртов. Приштинските политичари упорно одбиваат да сфатат дека заедницата на српски општини не е тема за реторички вежби и разгледувања, туку станува збор за јасна и недвосмислена обврска што Приштина ја презема во дијалогот со Белград – се истакнува во соопштението на Канцеларијата за КиМ.

Хил: Формирањето ЗСО е суштинскиот елемент за да се придвижи дијалогот напред!

Формирањето на заедницата на српските општини на Косово е суштински елемент за да се придвижи дијалогот напред, изјави американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил. Хил, исто така, рече дека Србија сега е на најважниот пат во својата историја – кон приклучување кон евроатлантските интеграции, вклучувајќи ги ЕУ и дека САД сакаат да ѝ помогнат на Србија да го реализира тоа.
– Сакам да бидам јасен дека ја поддржуваме иднината на Србија. Имаме најдобри односи во светот со ЕУ, а Србија е на пат да се доближи до неа, што е најдобар начин да ги зајакнеме нашите односи – изјави Хил во музејот „Никола Тесла“ по потпишувањето на меморандумот за разбирање меѓу Владата на Србија и Американската агенција за меѓународен развој за соработка за спроведување на проектот „Подобра енергија во Србија“.
На прашањето како гледа на форматот на заедницата на српските општини и дали меѓународната заедница има механизам да ја убеди Приштина да го спроведе договорот од Брисел потпишан пред речиси 10 години, тој одговори дека сите преговарачи, без разлика дали се од ЕУ или од САД, потврдиле дека ЗСО е обврска што произлегува од Бриселскиот договор.
Косово прогласи независност од Србија во 2008 година. Официјален Белград не ја признава независноста на својата поранешна јужна покраина. Сепак, под покровителство на Европската Унија, Србија од 2011 година води дијалог со Косово за нормализација на односите. Тој дијалог треба да резултира со правнообврзувачки договор.