За филмот „Burn“ (2019) – или за тоа како осаменоста може да ве изгори (и сите околу вас!)

Burn е филм режиран и снимен според сценарио на Мајк Ган (Mike Gan). Главните актери се Тилда Кобам-Херви (Tilda Cobham-Hervey), Суки Вотерхаус (Suki Waterhouse), Хари Шум Џуниор (Harry Shum Jr.) и други.

Приказна за осаменоста и што може таа да и направи на човечката психологија. Но, таа осаменост не е индивидуална, туку симбол на една цела генерација млади луѓе. Тие се од една страна поповрзани отколку кога и да е во историјата, но подалеку отсекогаш.

Хаосот во Мелинда произведува надворешен хаос

Главниот карактер Мелинда (Tilda Cobham-Hervey) е интровертна девојка која работи во трета смена на една бензинска пумпа. Нејзината колешка Шила (Suki Waterhouse) е најлош кошмар за секој интровертен и срамежлив човек – екстровертна, без влакна на јазикот, подготвена да ја измачува и искористи.

Филмот е студија на карактер, но како што споменавме на почетокот и студија за една цела категорија луѓе кои се заробени во современиот живот. Нивниот живот е како бензинска пумпа, или железничка станица, место каде што секојдневно поминуваат многу луѓе со кои ќе разменат два-три збора и тие ќе заминат од нивниот живот засекогаш.

Таа е жртва на површноста на забрзаниот свет кој нема време да посвети внимание на оние кои се желни за истото. Таа копнее по тоа да го сподели нејзиниот внатрешен свет со другите, но поради недостатокот од социјални вештини таа не знае да изгради подлабока врска со другите луѓе.

Излегува нападна, неспретна, здодевна и едноставно ги брка луѓето од себеси. Лекцијата која може да ја научи од овој филм секој интровертен човек е дека луѓето во основа се социјални суштества на кои им се потребни предизвици. Ако ги нема, тие дури и да се очајни, нема да се заинтересираат некој кој просто им се фрла во рацете заради сопствениот очај.

Burn (2019) - IMDb
Неколку случаи кои водат кон неколку катастрофи

Таков е случајот со постариот муштерија кој доаѓа на бензинската станица затоа што развил симпатија за колешката на Мелинда. Шила го откачува „по кратка постапка“, но Мелинда го сожалува и се обидува да изгради однос со него. Тој ја одбива молчешкум и Мелинда уште повеќе запаѓа во очај.

Тоа е само еден од нејзините порази кога се обидува да излезе од безизлезната ситуација во која е заглавен нејзиниот живот. Но, нејзиниот очај не е единствена причина за нејзината состојба, таа се чини безнадежна, едноставно нема доволно капацитет да разбере како функционира животот и луѓето.

Затоа прави низа сериозни грешки кои во секој нормален (Европски) филм би требало да завршат катастрофално. Се разбира, ова е Американски филм, и Шила е казнета (spoier alert! – ја убиваат), додека Мелинда и покрај тоа што е индиректно виновна за нејзиното убиство, потоа го прикрива од нејзиниот дечко и од полицијата, го врзува и сака да го силува ограбувачот на бензинската, а подоцна и да го убие, се двоуми дали да го убие полицаецот кој и е симпатија… на крај се извлекува. Поентата е: правдината победува!?

Burn - Rotten Tomatoes
Spoiler Alert!

Да објасниме? Ајде да се навратиме наназад. Во бензинската влегува ограбувач кој е во небрано. Гонет од група моторџии е приморан да најде пари набрзинка. Но, постои еден проблем, во касата нема пари. Мелинда му кажува дека во сефот има пари и му ги дава под еден услов – да ја земе со неа! И самиот ограбувач е збунет од ситуацијата.

Сонот на Мелинда некој да ја спаси се развива во интересна форма. Таа е жртва на американската филмска пропаганда која постои од времето на филмот Bonnie and Clyde (1967), преку Thelma & Louise (1991), True Romance (1993), до Мики и Мелори (Natural Born Killers, 1994) и God Bless America (2011). „Buddy criminal movie“ е дел од американската поп-култура. Нејзиниот сон е брзо уништен од агресивниот ограбувач кој насила и ги зема парите и заминува.

Но, пред да замине Шила го исмева на сите можни понижувачки начини, дека е глупав, дека е слаб, дека не е доволно машко… Ограбувачот се предомислува и ја затвора во магацин за да и го дотера умот. Тогаш се случува промена кај Мелинда.

Таа го онеспособува ограбувачот, кој во борба случајно ја убива Шила. Откако ќе се освести тој е врзан, Шила е „филмски“ спакувана во црни кеси „за ослободување од телото“, а Мелинда му соопштува дека тоа го направила затоа што тој сакал да има секс со Шила (не за да ја спаси).

Burn' Review – The Hollywood Reporter
Најзначајниот момент во филмот

Ограбувачот се обидува да се зближи со Мелинда за да го ослободи, а таа му се доверува дека работата на бензинска пумпа не е толку лоша. Тој краток момент од филмот е можеби најзначајниот и ни открива многу за нејзиниот живот и (можеби) зошто избрала да работи (баш) на бензинска станица.

Тој ја прашува:

„Дали си толку незадоволна од твојот живот? Мислам на тоа дека работиш на бензинска пумпа“.

Таа одговара:

“Нема ништо лошо во работата на бензинска пумпа. Сретнувам многу интересни луѓе. Бензинските пумпи се центри за собирање на заедницата. Има еден познат архитект по име Френк Лојд Рајт. Сите мислеле дека е гениј, а тој бил опседнат со бензински пумпи Тој дури и ја изградил онаа навистина уметничка бензинска во Минесота. Тој рече дека во иднина, бензинските пумпи ќе бидат место каде граѓаните на секој град ќе се собираат за да се дружи и да разговара и да се запознае еден со друг. Ќе ја посетам еден ден.

Тука ограбувачот почнува да ја обработува дека сака да замине со неа, но приказната не е убедлива. Повторно се борат и таа му ги лепи очите и му ја затвора устата правејќи од него „секс кукла“. Овој нејзин акт е последен очаен чин за задоволување и исполнување на празнината која значи нејзиниот живот, но и нејзината личност. Таа е изгубена и за неа нема спас.

Филмов имаше вистинска шанса да ја одбрани тезата која ја застапува цел филм. Осаменоста е лоша и нема што да се залажуваме. Освен ако си богата личност и знаеш како да ја исполниш празнината. Мелинда не е тоа. Освен тоа, опкружена е со подеднакво празни луѓе. Не постои суштинска разлика помеѓу Мелинда и Шила. Затоа „американската филмска логика“ според која силеџијата (Шила, Били) плаќа на крај, а жртвата ја наоѓа среќата – едноставно не држи вода!

In 1927, Frank Lloyd Wright designed a gas station. It was finally built in  1958 and is still operational today.
Бензинската станица на Френк Лојд Рајт
Паралела со филмовите од 1980-тите

Што можеме да научиме од филмов? Дека „добрите луѓе“ (иако направиле неколку лошички дела) на крајот од виножитото ги чека ковчег со злато, дека има светлина на крајот од тунелот?

Како што ни објаснува Квентин Тарантино, американскиот филм секоја деценија преживува трансформација. По златното доба на Холивудските во 1960-тите, следеше Нов Холивуд на 1970-тите, па слаткастите 1980-ти (кои биле ср*ње!), независните 1990-ти итн.

Каков ќе биде филмот на 2020-тите? Овој филм не е добар предвесник, зашто темите како „срамежлив интроверт е измачуван од силеџии, но на крајот ги победува“ опасно потсетуваат на 1980-тите.

Огнот кој на крајот на филмот зафаќа се (освен Мелинда), се разбира ги уништува и доказите против неа. Како што вели Мелинда:

„Огнот само ги принудува работите да се променат навистина брзо. Како кога шумата гори, се само расте уште подобро, а огнот само ја враќа на она што била првобитно“.

Наместо тоа, добар крај би бил се да отиде по ѓаволите, и силеџиите, и интровертните, и сите кои својот внатрешен хаос го пренесуваат на надворешниот свет! Преку огнот така ќе можеше да се направи вистинска катарза која ќе ги прочисти сите. Вака филмот им дава лажна надеж на интровертните и оние кои немаат доволно сила да направат вистинска промена во животот. Што и да направите, вие ќе завршите во ред, зашто вие сте праведни жртви. Мало морген!

Edward Hopper - Nighthawks, 1942 Poster | All posters in one place | 3+1  FREE
Nighthawks од Едвард Хопер, 1942 година
За крај: Френк Лојд Рајт или Едвард Хопер ?

Како што рековме, филмот реферира на Френк Лојд Рајт, но можеби подобра паралела би била со Едвард Хопер (Edward Hopper), особено неговата слика Nighthawks.

Тезата на Френк Лојд Рајт е всушност антитеза на филмов, на бензинската каде што работи Мелинда, луѓето се отуѓени и многу далеку од идеалот за центри за собирање на заедницата. Сликите на Хопер се многу подобра илустрација на вистинската состојба со животот и околината на Мелинда. Но, филмов нема сила дури ни да биде искрен со самиот себеси.

Суштинската осаменост на модерниот начин на живот, меланхолијата, отуѓеноста од која нема излез, наместо кич-залез на сонцето (или пламенот од бензинската пумпа во позадина) со пријателска насмевка на искрениот полицаецот, симпатијата на Мелинда.

Е тоа е вистинска Американа, каква што имаше потенцијал, за жал неостварен, да биде и овој филм.

Оценка: 2/5

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *