Регион
Силен земјотрес ја погоди Бугарија
Земјотрес со јачина од 3,8 степени според Рихтеровата скала ја погоди Бугарија, јавува ЕМСЦ.
Земјотресот е регистриран во 8:38 часот по локално време, на четири километри од Девин, на длабочина од девет километри.
🔔#Earthquake (#земетресение) M3.8 occurred 6 km SW of #Devin (#Bulgaria) 4 min ago (local time 08:38:05). More info at:
📱https://t.co/IbUfG7TFOL
🌐https://t.co/MSdvNiasPN
🖥https://t.co/ycq6JSIzuY pic.twitter.com/jACmTRndoJ— EMSC (@LastQuake) March 29, 2024
Речиси половина час пред овој земјотрес Бугарија ја погоди потрес со јачина од 2,4 степени според Рихтеровата скала.
Забележан е во 8:09 часот по локално време.
Во 08:42 часот е регистриран и трет земјотрес со јачина од 2,2 степени според Рихтеровата скала.
Засега нема информации за повредени или материјална штета.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Бебе најдено во контејнер во близина на Загреб
Новородено бебе кое синоќа беше пронајдено во Запрешич кај Загреб завиткано во ќебе и фрлено во контејнер е надвор од животна опасност, потврдија за „Индекс“ од загрепската полиција.
Полицијата пријавата ја добила околу 23 часот. Новороденчето е пренесено во болница во Загреб.
„Новороденчето било донесено во КБСД околу полноќ. Тој е во добра физичка состојба, со редовни витални функции и без знаци на надворешни повреди“, велат од болницата.
Според првите информации, на местото каде што е пронајдено бебето имало и 15-годишно дете, кое побарало помош од минувачите, но полицијата ја демантираше оваа информација.
Полицијата се уште го истражува случајот и продолжува со утврдување на околностите и идентитетот на мајката.
Регион
На Порфириj забранет влез во Косово, Патријархот: Таа врата ќе ја отвори самиот Бог
Власта во Приштина им забрани на поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), патријархот Порфирије и на седумте владици кои го придружуваат да влезат во Косово, каде за утре е закажан состанок на советот на СПЦ во Пеќската патријаршија.
Патријархот требаше да пристигне во Косово во текот на попладневните часови, но пред да пристигне на преминот Мердаре од Приштина, стигна забрана во која се наведува дека поглаварот на СПЦ не може да влезе во Косово, соопшти Канцеларијата за Косово на Владата на Србија.
Пеќската патријаршија од средината на 14 век е историски трон на поглаварот на Српската православна црква и традиционално духовно седиште, а се наоѓа на списокот на културни добра под заштита на УНЕСКО.
Директорот на Канцеларијата Петар Петковиќ рече дека, во согласност со сите протоколи, испратиле соопштение до Приштина за плановите на поглаварот на СПЦ, но „наспроти сите договори, косовскиот премиер Албин Курти му ја ускратил можноста на патријархот да присуствува на првиот ден од Соборот на СПЦ и да биде поткрепа и потпора за својот народ и верниците“.
Порфириј во писмена изјава за медиумите најави дека „како српски патријарх, како граѓанин и како верник“ знае и порача „дека самиот Бог порано или подоцна ќе ја отвори таа врата“.
„Оние кои ги затворија вратите на молитвениот дом прават зло прво на себе, а потоа на сите луѓе“, рече Порфириј.
Регион
Милановиќ му одговори на Додик: Хрватите од Втората светска војна излегоа на вистинската страна
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ се огласи во врска со тврдењата на Милорад Додик дека хрватскиот народ е колективно виновен за усташките злосторства. „Има многу малку припадници на хрватската нација кои не се солидаризираа со злосторствата на усташкиот режим“, изјави вчера Додик од Доња Градина, каде што се одржа комеморацијата за жртвите во концентрациониот логор Јасеновац.
Додик ја повтори спорната бројка од 700.000 убиени во Јасеновац, посочувајќи дека во Хрватска „сто години ги остреле секири“ за да почнат да убиваат Срби во 1941 година. Тој најави дека во Доња Градина, Србија и Република Српска ќе градат сопствен споменик на жртвите од Јасеновац со цел „да не се ограничи“ начинот на кој во иднина ќе го одбележуваат.
„Претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, изјавите на лидерот на српскиот народ во БиХ, Милорад Додик, во Доња Градина, на комеморацијата на жртвите од усташкиот логор Јасеновац ги смета за неприфатливи и пред се невистинити.
Милорад Додик, покрај повторената невистина за бројот на жртвите во Јасеновац, рече дека „има многу малку припадници на хрватската нација кои не се солидаризирале со злосторствата на усташкиот режим“, што апсолутно не е точно и е навреда за сите хрватски антифашисти и хрватскиот народ.
Ваквите матрици само им штетат на интересите на Хрватите и Србите и во Хрватска и во БиХ. Хрватскиот народ излезе од Втората светска војна на вистинската страна на историјата, на победничката страна. Секое различно толкување на историјата, вклучувајќи го и гореспоменатото на Додик, претставува грубо фалсификување на вистината“, се наведува во одговорот на Милановиќ.