Србија е во светскиот врв на земји во кои влегува кинески капитал

EPA-EFE/KOCA SULEJMANOVIC

Ако се сметаат податоците од последните две години, Србија е светски шампион според задолжувањето и според приливот на капитал од Кина, објави неодамна српскиот неделник „Недељник“.

Во овие две години, во Србија влегле вкупно 8,03 милијарди долари од Кина, вклучувајќи ги и кинеските инвестиции, со што земјата се искачила на светскиот врв, се наведува во истражувањето „China Global Investment Tracker“ на Американскиот институт за претприемништво и фондацијата Херитиџ. Од 2005 до 2022, во Србија биле инвестирани над 17 милијарди долари од Кина.

За споредба, според истото истражување, во Македонија во периодот од 2005 до 2022 година влегле само 650 милиони долари од Кина.

Податоците што ги пренесува „Недељник“ говорат дека само од 2016 до 2021 година од Кина во Србија биле инвестирани 3,03 милијарди долари од страна на кинеските компании, првенствено преку купувањето на рудникот „Бор“ во Бор и Железарата во Смедерево.

Покрај ова, од 2010 година до лани српските власти се задолжиле кај Кина со кредити во висина од речиси 14 милијарди американски долари, при што овие средства се користеле за изградба на сообраќајна и комунална инфраструктура.

На светската листа на земји кои најмногу се задолжиле кај Кина или привлекле кинески капитал во изминативе две години, после Србија на второто место се наоѓа Туркменистан, додека трета е Саудиска Арабија. По нив следат Индонезија, Холандија, Колумбија, Унгарија и Ирак.

Опсежната анализа на „Недељник“ покажува дека Србија првиот кинески кредит го земала во 2010 година, но по доаѓањето на власт на српскиот претседател Александар Вучиќ и Српската напредна партија всушност се случува драстичниот пресврт на државното раководство кон Кина.

До 2012 година за Србија најзначаен извор за капитал биле Европската Унија и Соединетите Американски Држави, од каде покрај донации, пристигнувале и кредити преку ЕУ и европските развојни банки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот