Имам нешто да те прашам

Сузана Гавазова: Од Дедо Мраз сакам барем на еден ден да бидам на местото на Beyonce (Фото+Видео)

Таа е една од најпознатите македонски фолк пејачки. Го има отпеано можеби и најголемиот хит последниве неколку години. Зад себе нема песна која што не е позната, хитовска и потоа барана. 2023-та ќе ја памети по убави нешта, а е една од од оние на кои моменталната новогодишна еуфорија и влијае и е новогодишно расположена и возбудена. Се грижи за своите најсакани, а во принцип не сака да се расправа и некому да направи зло.

Почитувани, во новогодишниот серијал на интервја денес со една од најпознатите македонски фолк пејачки со најмногу хитови, популарната и секогаш барана Сузана Гавазова.

Уживајте!

Музика24: Кон крајот од уште една интересна година редно е да сублимираме по што ќе ја паметиме… За волја на вистината поминавме кризи, инфлации, замрзнување-одмрзнување на цени, протести, но имаше и убави моменти, музички фестивали, нови хитови, убави и интересни концерти… Што Ви остана како белег, сеќавање на 2023-та година?

Сузана Гавазова: Фала му на Господ 2023-та помина добро. Сите живи и здрави и мене тоа ми е најважно! Не некој не беше баш најдобра, некои ги погоди криза, некои војна и по тоа многумина ќе ја паметат оваа година, а најмногу тие што поминаа преку тоа. Жал ми е и се сочувствувам со тие луѓе. Јас лично не можам да се пожалам дека почувствував криза во мојата работа. Јас мислам дека криза почувствуваа некои поголеми фирми. Музиката и пејачите најмногу почувствуваа криза кога имаше корона и кога сите бевме затворени. Морам да кажам дека 2023-та ми помина многу брзо и ќе ја паметам по убавото, долго и топло лето во Дојран и на Белото море.

Музика24: За разлика од предходните неколку години, оваа година многуте музички фестивали (кои за среќа се уште постојат) понудија голем број на композиции и песни кои претендираат да бидат хитови. Која песна според Вас ја одбележа 2023-та година и го заслужува епитетот Хит на годината?

Сузана Гавазова: Ќе мора да бидам брутално искрена и да кажам дека последните три години друг хит не исплива… според мене сеуште епитетот Хит на годината го заслужува „Бум, бум”. Жал ми е што морам да го кажам тоа, но барем сум искрена. Ќе се потрудам на крајот од оваа година да средам уште еден хит 😊😲🧐

Музика24: Се приближува популарната новогодишна еуфорија кога секојдневно се случуваат забави, афтер парти, шопингувања… Во потрага сме по најубавиот подарок за најсаканите. Дали и Вас ви се случува во овој период од годината да бидете еуфорични, односно, како делува целата новогодишна еуфорија на Вас и Вашето секојдневие?

Сузана Гавазова: Јас сум периодов најеуфорична и највозбудена и видливо е дека уживам во тоа. На 21-ви декември беше мојот роденден, снимам нови песни, одам на снимање на новогодишни емисии, имам настапи насекаде низ Македонија, со децата учиме, купуваме подароци за новогодишните и божиќни празници… Иако е малку сето тоа стресно, сепак уживам и сето тоа го постигнувам со Божја помош што сум многу благодарна… затоа што сама не би го постигнала сето тоа. Секако, тука е и мојот сопруг кој ми помага во се… Господ ми го прати 😊😊😊

Музика24: Кога веќе ги споменуваме новогодишните подароци, како одбирате што да подарите, односно, според што се водите кога бирате новогодишен подарок? 

Сузана Гавазова: За подарок секогаш се водам по тоа да не мора да биде некој скап подарок, туку доволно е вниманието дека некој мисли на тебе. На пример, јас кога избирам што да купам, купувам шал, капа, чорапи… ама и да има некој натпис, да пишува на пример: „Засекогаш ќе те сакам” или „Мое се!” итн.

Музика24: Денес е вистинска реткост некој да праша дали сте среќна личност? Дали практикувате да се интересирате за блиските луѓе што ги прави среќни и колку се трудите да стимулирате убаво расположение?

Сузана Гавазова: Не сакам да се фалам, но јас сум од оние ретки луѓе кои што моите блиски ги прашувам дали се среќни и дали и што им е потребно и секогаш ако им треба стимуланс да ги стимулирам и да ги расположам и да им кажам: „Ајде се ќе помине”, само да не се откажува од својот сон.

Музика24: Сите ние правиме грешки и никој не е безгрешен. Што е она што во 2023-та да имате можност би го смениле или би посакале воопшто да не се случило?

Сузана Гавазова: Така е, никој не е безгрешен. Откако созреав и сега сум сопруга, мајка можам слободно да кажам дека станав подобар човек затоа што се водам по тоа да не мислам ништо лошо, да на зборувам лошо, да не се расправам и дури кога некој ако ме навреди да не враќам со лошо. А грешки правам кога не се водам по мојот инстикт. После си велам: „Ах Сузе, еве кога не си веруваш себе си така нека ти е!”. Криво ми е што со сопругот излеговме наивни за некои луѓе кои ни се правеа вистински пријатели, а ни забија нож во грб.

Музика24: Која песна или рефрен деновиве го потпевнувате, односно, дали денот го започнувате со песна и музика? 

Сузана Гавазова: Секогаш денот го започнувам со песна и музика и секогаш в ум ми се вртат песни. А секогаш си ја пејам „Ти земјо наша Македонијо, ти си убавица на Балканот” од Васка Илиева.

Музика24: Дали се уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?

Сузана Гавазова: Верувам во Дедо Мраз и мојата порака до него е вака: Дедо Мраз јас сум добра, но би сакала да прашам дали можеш да ме претвориш барем еден ден во Beyonce 😲🤣

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се Вашите пред се професионални планови и замисли и што би сакале да се случи ново на приватно поле во Новата 2024-та година?

Сузана Гавазова: Моите планови на професионален план во Новата 2024-та година се 10 нови песни и 10 нови спота. Тоа се мои планови, па ако даде Господ и ако се е како што треба ќе се оствари. А на приватно поле… планирам да снимаме еден албум со спотови на моите ќеркички со убави детски песни.

Музика24: Наскоро не очекува дочекот на Новата 2024-та година, па каде планирате да ја дочекате и со кого?

Сузана Гавазова: Новата година ќе ја дочекам работно на плоштадот во Скопје заедно со моите колеги од „Мерак Меана”.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз, без неговите ирваси, без даровите, но и без желбите. Кои се вашите желби за Новата 2024 година?

Сузана Гавазова: Моите желби за Новата 2024-та година се да нема војни, да нема глад и да нема болести.

Музика24: Со новогодишната порака би го завршиле овој забавен раговор, па ајде да чуеме на кој начин Вие ќе им ја честитате Новата година на вашите фанови, обожаватели, сите оние кои што ве почитуваат и сакаат и секако на читателите на единствениот музички портал во Македонија, Музика24?

Сузана Гавазова: Ви посакувам успешна година исполнета со здравје, среќа, љубов и многу среќни моменти! Среќна 2024-та година! Поздрав до читателите на единствениот музички портал во Македонија, Музика24.мк.

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: