Претседателските избори се одржаа, се објавија резултатите, партиите и коалициите славеа, и сега почнува вистинската битка. Секако не за претседател, бидејќи разликата меѓу кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова и кандидатот Стево Пендаровски од СДСМ и коалицијата, е околу 180 илјади гласови.
Според Државната изборна комисија, од бројот на гласови во првиот круг за претседател на Северна Македонија, ова се резултатите: Гордана Силјановска Давкова 363.086, Стево Пендаровски 180.500, Бујар Османи 121.088, Арбен Таравари 83.393, Максим Димитриевски 83.856, Билјана Ванковска 41.331, Стевче Јакимовски 8.121.
Дали е можен пресврт?
На хартија може да се направи пресврт на изборите доколку се обединат албанските политички партии, (што е тешко возможно), и да го поддржат Пендаровски. Но, и тука Пендаровски треба да добие најмалку пола поддршка и од Димитриевски, што е малку веројатно.
Колку за илустрација, со 121.000 гласови на кандидатот на Европскиот фронт Бујар Османи и 83.000 гласови на коалицијата „ВЛЕН“ Арбен Таравари, можеби некој може да помисли дека оваа разлика може да се преврти, но ова е само математичка теорија, но политички невозможно, особено кога за две недели имаме парламентарни избори.
Меѓутоа и Пендаровски нагласи дека нема да бара никаков договор со никаков политички субјект за т.н. механичко префлување на гласовите.
„Тоа е туѓ концепт на моето верување. Не постојат зборови „понудени“ и „префлени“ гласови на граѓани, зад секое име и презиме се крие посебна единка, никогаш во политиката граѓаните не сум ги подразбирал како аморфна маса на која ќе им се каже дали да ги префрлаат гласовите. Ќе одбијам било каков обид за нудење на гласови на граѓани, рече Пендаровски.
Можни коалиции
Имајќи предвид дека за две недели, покрај вториот круг претседателски, имаме парламентарни избори и тука фокусот ќе биде ставен на максимизирање на гласовите за што е можно повеќе пратенички мандати, секоја поддршка за еден од кандидатите на македонските партии може да има реперкусии за можни коалиции.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, веднаш по претседателските избори изјави дека по објавувањето на резултатите стапил во контакт со албанската опозиција, поточно со претседателскиот кандидат од коалицијата „ВЛЕН“, Арбен Таравари.
„Пред да ви се обратам, разговарав со албанската опозиција, со господинот Арбен Таравар, му честитав за резултатот и му посакав успешни парламентарни избори и идна Влада во Македонија“, рече Мицкоски.
На овој директен повик за соработка одговори Таравари.
„Предлогот што дојде од Мицкоски покажува дека и ВМРО сфати каде е тежината на гласот и на пратениците Албанци. Но, нашиот фокус како коалиција и како партија е работата за изборите на 8 мај, за добивање на најголем број мандати. По изборите ќе се водиме од националниот интерес на Албанците, од итната потреба за чистење на власта од корупција и од нашата непреговарачка прозападна ориентација“.
Повиците на македонската опозиција кон албанската опозиција, како да укажуваат на тоа дека на повидок може да имаме владина коалиција помеѓу нив, тргнувајќи од тоа што на раководството на ВМРО-ДПМНЕ цели две години наративот им беше против ДУИ.
Ако ги преведеме изборните резултати од претседателските избори, излегува дека ВМРО – ДПМНЕ ќе има 53 пратеници, СДСМ – 24 пратеници, Европски фронт – 17 пратеници, ВЛЕН – 12 пратеници, ЗНАМ – 10 пратеници, ЛЕВИЦА – 4 пратеници. Според Донтовиот модел, распределбата на мандатите, во овие резултати може да има максимална грешка до 1 мандат бидејќи некои општини припаѓаат на две изборни единици, како Маврово, Дебар, Прилеп, Чаир…
Ако се случи коалиција меѓу македонската и албанската опозиција, која многу веројатно ќе добие помалку гласови за парламентарните избори, тогаш ќе се отвори друго прашање, постигнувањето на Бадентер во Собрание.
Остануваат уште 12 дена до парламентарните избори, а нејасно е како би се реализирало сценариото за влада предводена евентуално од ВМРО-ДПМНЕ откако првиот човек на ДУИ, Али Ахмети изјави дека албанските партии потпишале договор кој гарантира дека нема да влезат во влада која не поддржува уставни измени, а Таравари вели дека се работи за „џентлменски“ договор од кој нема намера да отстапи.
Назми Абдурахмани