Џафери: Геополитичката позиција и економските политики нè прават атрактивен избор за инвестиции

Џафери: Геополитичката позиција и економските политики нè прават атрактивен избор за инвестиции

пред 3 месеци

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, учествува на инвестицискиот самит за Западен Балкан на Европската банка за обнова и развој, придружуван од вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, и министерот за финансии, Фатмир Бесими.

На самитот премиерот Џафери учествуваше во дискусијата на премиерскиот панел, на кој учествуваа премиери од Западен Балкан, премиерот на Црна Гора – Милојко Спаиќ, премиерката на Република Србија – Ана Брнабиќ, претседавачот на Советот на министрите на Босна и Херцеговина – Борјана Кришто, премиерот на Република Косово – Аљбин Курти, премиерот на Албанија – Еди Рама, и домаќинот на самитот, претседателката на ЕБОР – Одил Рено-Басо.

На првиот дел од дискусијата премиерите дискутираа на темата, „Зошто странските инвеститори би инвестирале во земјите од регионот“, на што премиерот Џафери истакна:

„Сведочиме на многубројни промени, кризи, конфликти со директен ефект врз сите глобални економии. Тука произлегува првиот одговор на прашањето зошто странските инвеститори би инвестирале во Северна Македонија, а тоа е поради нарушувањето на глобалните доставувачки синџири. Поради близината до европските центри, Северна Македонија е една од дестинациите за воспоставување производство. Имаме добра локација, добри врски и пристаништа блиску до нас, како Солун и Драч, па за кратко време производот произведен кај нас може да стигне до друга земја, односно до крајната дестинација.

Вториот аргумент е стабилната состојба на макроекономски и фискален план, интензивниот процес на хармонизација на домашното со законодавството на ЕУ, поволното деловно опкружување и добро развиените програми за поддршка за инвеститорите. Тука ја вклучуваме и стимулативната даночна политика, меѓу другото, и преку склучување договори за одбегнување на двојното даночење и даночната евазија. Северна Македонија нема закони што ги дискриминираат странските инвеститори, ние ги сметаме за наши – бидејќи сите придонесуваат за иста цел – подобрување на квалитетот на животот на граѓаните.

Трет аргумент се значителните стимулации за компаниите што работат кај нас. Тие вклучуваат разни мерки, и тоа: субвенции за отворање работни места и за капитални инвестиции, субвенции до 50 % од прифатливите инвестициски трошоци за истражување и развој и поддршка на извозниците. Ниското ниво на даночење на добивките на корпоративниот сектор и доходот на физичките лица, односно 10 % стапка на корпоративниот данок и на данокот на личен доход, стимулира раст на економската активност и инвестициите. Кај нас успешно оперираат повеќе технолошки индустриски развојни зони, кои се особено атрактивни за странските инвестиции.

Нашата држава предводи во регионот со имплементирани закони и подзаконски акти, кои се целосно усогласени со Европската енергетска заедница, со кои е овозможена либерализација на енергетскиот пазар. Почнавме преговори со Европската Унија и членка сме на НАТО. Тоа нуди стабилност. Имаме склучено договори за слободна трговија со ЕУ (27 земји), ЕФТА (4 земји), ЦЕФТА (7 земји), билатерална слободна трговија со Турција, Украина и Обединетото Кралство“.

Во вториот дел од панелот премиерите ги дискутираа приоритетите на владите од регионот, како и прекуграничните соработки, на што премиерот Џафери нагласи:

„Република Северна Македонија, по донесувањето на Законот за енергетиката, практично го либерализира пазарот на енергетското поле. Во тој контекст е атрактивна за инвестиции од обновливи извори имајќи предвид дека земјата во текот на годинава има над 250 сончеви дена. И има можности за искористување на силата на ветерот за да може и тој извор да се користи. Од особено значење е електроенергетската поврзаност со соседите. Во тек е проектот за поврзување со Република Албанија и со тоа фактички се завршува процесот на електроенергетско поврзување со сите соседи.

Патната инфраструктура, со тоа и железничкиот дел од таа инфраструктура, е од особено значење имајќи предвид дека во тек се изградбите на железничката пруга Куманово – граница со Бугарија и со тоа се поврзуваме понатаму и со инфраструктурата со Бугарија. Коридорот 8 и дел од Коридорот 10 д, кој овозможува поврзување на релација Јон-Адријатик – Црно Море. Од геостратешки аспект е значењето на овој коридор, особено во однос на потребите од НАТО-контекст во потребите за движење и комуникација во логистичка смисла, а пропо состојбите во регионот на Црното Море, секако и на Блискиот Исток.

Во однос на енергетиката, секако се работи на интерконекторот, гасното поврзување со Грција, односно со Република Србија, и тоа е во контекст на внатрешната потреба за гасификација на Република Северна Македонија и во тој контекст се и проекциите за тоа поврзување.

Тоа се во главно проектите. Некои од проектите ги спомна, како што е поврзувањето со Република Косово, премиерот Курти. Во нашиот дел, значи, до половина, стои како обврска и е потпишана билатерална спогодба и делот од Коридорот за поврзување на Коридорот 8 со автопатот Арбен Џафери делницата, финансиски средства се обезбедени. Во тек е постапката за избор на изведувач и да почне доградбата на таа делница. Целиот регион се поврзува автопатски и тоа придонесува да брзината на комуникација и во економска смисла, односно на она што би биле инвестиции и во нашиот дел. Низата други, помали проекти, не е ниту место ниту потреба таксативно да се спомнуваат, но има доста проекции што се во тек и кои се интересни за присуство на странски инвеститори, кои се добредојдени“.

Текстот Џафери: Геополитичката позиција и економските политики нè прават атрактивен избор за инвестиции е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top