Производителот на топловалани лимови Макстил објави дека минатата 2023 година остварил приходи од продажба од 134,5 што е за 25% повеќе во споредба со приходите од продажба остварени во 2022 година. Намалените приходи воглавно се должат на намалувањето на продажните цени на нашиот готов производ како и соодносот помеѓу директната продажба на Макстил и договорите за преработка, објаснуваат од Макстил.

Неревидираните и неконсолидирани финансиски извештаи на компанијата објавени на Македонската берза покажуваат дека речиси 90% од приходите од продажба се остварени од извоз, односно од продажба на странски пазари. Вредноста на извозот на Макстил во 2023 година бележи пад од 26% во споредба со 2022 година и изнесувал 120 милиони евра.

Приходите од продажба на домашниот пазар, пак, изнесувале 14 милиони евра и се поголеми за 18% во споредба со 2022 година.

Од објавените извештаи може да се види дека оперативните расходи на Макстил во 2023 година бележат исто така пад од 23%, пред се заради намалените трошоците за суровини и материјали. Но, компанијата имала големо зголемување на останатите трошоци во работењето од 223%, нно и голем пад од 58% на финансиските приходи.

Макстил, кој е осми по големина извозник од Македонија, според последното рангирање во едицијата ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ бил четврт најголем извозник од земјава во 2022 година, информира дека лани работел со нето добивка од околу 5,8 милиони евра. Нето добивката на Mакстил во 2023 година е трикратно намалена во споредба со нето добивката остварена во 2022 година.
Намалувањето на добивката во голема мера се должи на извршената задолжителна исплата на солидарниот данок во износ од 257 милиони денари, којшто беше пресметан во септември 2023 и кој не произлегува од оперативното работење на компанијата. Дополнително, намалувањето на добивката во текот на овој пресметковен период во однос на остварената во текот на истиот период од минатата година се должи и на пониските продажни цени на готовиот производ во однос на цените во 2022 година”, објаснуваат од компанијата.

Од Макстил објаснуваат дека изминатата 2023 била година на опоравување на глобалната челична индустрија. Иако побарувачката на челик повторно започна да бележи раст во Турција, Европа, САД и Бразил, како главни предизвици и понатаму останаа  регионалните конфликти, инфлацијата како и финансиските барања за транзицијата кон ниско јаглеродната економија.

Макстил, како многу значаен регионален производител на толовалани дебели лимови постојано ги следи глобалните текови и во континуитет врши прилагодување на своите деловни функции и успева навремено да одговори на тековната побарувачка на челик”, велат од компанијата.

Во текот на 2023, објаснуваат од Макстил, се реализирани инвестициони активности за одржување во кондиционата спремност на инсталираната опрема и производните линии, како и за подобрување на безбедноста при работа во износ од 232,7 милиони денари.

За наредниот период од компанијата очекуваат пораст на побарувачката на челик, пропратена со стабилност на цените на готовиот производ, намалување на постојното ниво на инфлацијата, намалување на кредитниот притисок од страна на банките, особено во втората половина на 2024 како и опоравување на потрошувачката.

На нашиот најголем пазар Европската Унија и понатаму се очекува да продолжи да се чувствува влијанието на војната во Украина, кризата на Блискиот Исток, конфликтот во Јемен, кој влијае на зголемување на трошоците врзани со поморскиот транспорт. На пазарот во Турција се очекува зголемување на побарувачката за челични производи. Макстил и понатаму ќе продолжи со реализација на поставените цели, особено во сегментот на осовременување на опремата, за што склучи и договор за набавка на нова кружна странична ножица за сечење лим, која се очекува да внесе значајни промени во делот на унапредувањето на производниот процес. Подобрувањето на здравјето, безбедноста и благосостојбата на сите вработени е исто така сегмент на кој компанијата посветува значително внимание”, информираат од Макстил.

https://izvoz.mk/%d0%bc%d0%b0%d0%ba%d1%81%d1%82%d0%b8%d0%bb-%d1%81%d0%be-%d0%b8%d0%bd%d0%b2%d0%b5%d1%81%d1%82%d0%b8%d1%86%d0%b8%d1%98%d0%b0-%d0%be%d0%b4-9-%d0%bc%d0%b8%d0%bb%d0%b8%d0%be%d0%bd%d0%b8-2/