Сè поголем број работници работат по две-три работи за да преживеат

Ние, кога се договаравме со синдикатите и со Министерството за труд и социјална политика, баравме да може работникот да работи кај друг работодавец доколку сака. Работата на повеќе работни места е нормална работа на Запад, кај нас Законот за работни односи, член 121, ја ограничува таа дополнителна работа на најмногу 8 часа неделно. Ние сметаме дека тие 8 часа неделно треба да се зголемат за да има ефект од таа дополнителна работа. Исто така, треба да се дозволи пензионерите слободно да работат без да им се крати пензијата како што е во Западна Европа – изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи

1162

Во државава, сè поголем број работници работат дополнителна работа, односно по две-три работи, за да преживеат. Поради ниските плати и зголемените трошоци за живот, кои месечно достигнуваат и до 1.000 евра, платите не им се доволни на работниците за да го истуркаат месецот. Поради тоа, а и поради константниот недостиг на работна сила во одредени дејности, последниве години, сè поголем број работници работат по две-три работи.

– Ние, кога се договаравме со синдикатите и со Министерството за труд и социјална политика, баравме да може работникот да работи кај друг работодавец доколку сака. Работата на повеќе работни места е нормална работа на Запад, кај нас Законот за работни односи, член 121, ја ограничува таа дополнителна работа на најмногу 8 часа неделно. Ние сметаме дека тие 8 часа неделно треба да се зголемат за да има ефект од таа дополнителна работа. Исто така, треба да се дозволи пензионерите слободно да работат без да им се крати пензијата како што е во Западна Европа – изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

Според него, нашите закони се правени во друго време, кога имало 35 отсто невработеност и сите одредби биле носени со цел да се отворат повеќе работни места и да се вработат повеќе луѓе, но сега имаме поинаква ситуација.

– Сега имаме голем недостиг на работна сила и треба да се тргнат овие ограничувања од законите. Да се дозволи работниците да работат со скратено работно време и да имаат повеќе слободни часови за да можат да работат кај друг работодавец. Оние работодавци што не им дозволуваат на своите работници да работат повеќе работи, им ги намалуваат правата – вели Димитров.

Сличен став за ова прашање имаат и од Сојузот на синдикатите на Македонија, од каде што за весникот ВЕЧЕР велат дека треба да им се дозволи на работниците да работат повеќе часови дополнителна работа, бидејќи редовната плата не им стига во месецот да ги покријат трошоците.

– Редовното работно време, согласно со Законот, е 40 часа неделно и тој дозволува дополнителна работа од 8 часа неделно, односно 190 часа годишно. Со последните измени на Законот за работи од национален интерес со стратешки партнер, се дозволи да се работи 12 часа дневно, односно 72 часа неделно за редовно работно време, поради што работниците немаа време за дополнителна работа. Оние што бараат дополнителна работа е исклучиво од економска причина, односно поради тоа што редовната плата не им стига во месецот да ги покријат трошоците – изјави за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски, потпретседател во ССМ.

Тој додава дека има многу пензионери што работат и покрај тоа што Законот не дозволува да работат. Голем дел од нив работат со договор на дело или на црно, а целта, исто така, е да помогнат во домашниот буџет.

– На пензионерите треба со закон да им се дозволи да работат дополнителна работа. Има многу работници од трудоинтензивните дејности што заминуваат во пензија со многу ниски пензии, поради ниските плати во работниот век. Исто така, голем дел од вработените во МВР и во Министерството за одбрана имаат бенефициран стаж, многу млади се пензионираат и продолжуваат да работат – објаснува Пешевски.

Од Синдикатот додаваат дека пораката на протестите и штрајковите на работниците и на пензионерите до власта е токму таа: да имаат достоинствени плати и пензии за да не мора да работат дополнителна работа за да преживеат.

(А.С.) 

.