Приватните специјализанти од денес во генерален штрајк: Ќе трае сè до исполнување на нашите барања

Приватните специјализанти од денес (15 април) стапуваат во генерален штрајк откако протестот на 27 март и средбата со министерот за здравство Илир Демири не ги исполнија нивните барања за повисок надоместок, здравствено осигурување и решавање на нивниот статус на невработени лица.

„На средбата со Министерот за Здравство, од негова страна ни беше ветено дека нашите барања ќе бидат изнесени на следната седница на Влада. После остварената средба со министерот се одржани две седници на Влада и тоа на ден 03.04 и 09.04.2024, на кои според јавно достапните информации на Влада, во ни една од нив не е разговарано за нашите барања“, соопштуваат приватните специјализанти.

Тие бараат покачување на надоместокот кој во моментов е 26.000 денари, да биде на ниво на просечна плата на доктор во јавна здравствена установа, здравствено осигурување и третото барање е решавање на статусот на невработени лица без пензиско и здравствено осигурување.

Велат дека од денес штрајкуваат 400 приватни специјализанти и дека штрајкот ќе трае сè до исполнување на нивните барања.

Приватните специјализанти го најавија штрајкот на 11 април, кога пристигна и одговор од Министерството за здравство кое вели дека барањата ќе се разгледаат на некоја од седниците.

„Ве информираме дека по средбата со нив, е изготвен извештај и доставен на Влада, кадешто на некоја од седниците ќе дојде на разгледување со цел да се видат нивните барања и можните решенија во овој предизборен период“, се вели во дописот на Министерството.

Од таму додаваат дека со истиот пристап со кој, како што велат, во изминативе години платите на здравствените работници се покачија неколку пати и им се подобрија условите за работа, тоа ќе се случи и за приватните специјализанти.

Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС) изрази поддршка за приватните специјализанти и побара поддршка од поискусните колеги, ментори, професори, раководители на Клиниките да помогнат во одвивањето на работниот процес додека колегите на специјализација не се изборат за своите права.

„Ги охрабруваме сите приватни специјализанти кои ќе подлежат на притисоци или уцени од било која форма да се појават на работното место, истото ВЕДНАШ да го пријават во ЗЛС јавно или анонимно. Даваме ветување дека имињата на сите пријавени вршители на мобинг ќе бидат јавно објавени како алатка за заштита на ранливата позиција на приватните специјализанти. Однапред го осудуваме ваквото однесување“, порачаа од ЗЛС.

Ангела Бошкоска