Европски фронт во Чаир: Над 30 згради во Чаир се дивоградби, ќе ги легализираме за да ги спасиме инвеститорите и граѓаните

Кандидатот за пратеник на Европскиот фронт од Првата изборна зона, Хатиџе Топали, на нејзиниот предизборен настап ја искажа загриженоста со која, како што рече, се соочуваат граѓаните на општина Чаир, вклучувајќи ги дивоградбите и имотно-правните прашања.

Граѓаните во Чаир, според Топали, немаат ниту тротоари, ниту паркинзи, ниту паркови за деца. Таа понатаму вели дека во Собранието ќе предложат Закон за легализација на објектите, а на 8 мај ќе побараат поддршка и за Европскиот фронт.

„Сведоци сме на масовни градби без дозвола и без план во нашата општина, во нашиот Чаир. Нашите маала се преполни, граѓаните немаат место за паркирање, децата немаат каде да играат, мајките немаат простор за прошетка. Над 30 висококатници во Чаир се изградени незаконски и немаат ниту тапии ниту дозволи“, рече Топали.

Сепак,  како што додаде,  за состојбата винови се челниците на општина Чаир кои ги измамиле инвеститорите и граѓаните, кои  купувале станови без имотни листови и дозволи.

„Не се виновни ниту граѓаните што купиле станови, ниту инвеститорите што ги изградиле, туку виновни се челниците на општина што ја злоупотребиле нашата доверба за лична корист и што го уништиле нашиот Чаир и квалитетот на живот. Затоа, ние како Европски фронт и пратеници во следното Собрание, од причина што граѓаните и инвеститорите не се виновни за овој урбанистички хаос во Чаир, ќе предложиме Закон за легализација на објекти изградени без дозвола за да ги спасиме граѓаните и инвеститорите, а ќе бараме правна одговорност за оние кои ја дозволија оваа состојба, челниците на општина Чаир“, рече Топали.

 

Текстот Европски фронт во Чаир: Над 30 згради во Чаир се дивоградби, ќе ги легализираме за да ги спасиме инвеститорите и граѓаните е превземен од МАКФАКС.