ОД БИТОЛА ЌЕ ИМА 5 ПРАТЕНИЦИ, ОД КОИ 3 ОД ВМРО-ДПМНЕ, И ПО ЕДЕН ОД СДСМ И ЗНАМ

    ОД БИТОЛА ЌЕ ИМА 5 ПРАТЕНИЦИ, ОД КОИ 3 ОД ВМРО-ДПМНЕ, И ПО ЕДЕН ОД СДСМ И ЗНАМВо петката најмногу мандати на овие парламентарни избори, 10, освои Коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ. (Фото: СДК.МК)

    Во новиот парламентарен состав Битола ќе биде застапена со петмина пратеници, меѓу нив и политичари кои и претходно имале пратенички мандати. Во досегашниот состав, Битола ја застапуваа двајца пратеници и тоа од ВМРО-ДПМНЕ Олга Лозановска и Силвана Ангелевска, откако Бисера Костадиновска-Стојчевска од СДСМ стана министерка за култура. Во новиот состав повторно влегуваат докторката-специјалист интернист Лозановска и универзитетската професорка Ангелевска од ВМРО-ДПМНЕ, овојпат придружени и од Пеце Милевски, досегашен директор на ЈП „Водовод“ од Битола.

    СДСМ, кој во Изборната единица 5 освои освои само три мандати во новиот парламентарен состав, а претходно имаше осум, ќе има само еден пратеник од Битола, а тоа е досегашната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

    Во паралментот се враќа и Весна Бендевска, поранешна пратеничка од СДСМ, која сега беше носителка на кандидатска листа на ЗНАМ во Петта изборна единица.

    Во петката најмногу мандати, 10, на овие парламентарни избори освои Коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Коалицијата Европски фронт на чело со ДУИ освои 4 пратеници, Коалицијата за европска Македонија на чело со СДСМ има 3 мандати, а по еден освоија Левица, ВЛЕН (Вреди) и ЗНАМ.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира