Денеска под слоганот „Приказна се чита“ почнува 36. издание на Саемот на книга што ќе трае до 24 април во Арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Организаторите најавија присутво на 60 издавачи од Македонија и од регионот, триесетина промоции на нови книги, панел-дискусии, како и гости од пет земји.

„Слоганот ‘Приказна се чита’, е посветен на младата публика која е повеќе фокусирана на социјалните мрежи, а ние сакаме да ја насочиме да чита“, изјави Бојан Саздов, претседател на Македонската асоцијација на издавачи.

Саемот на книга се отвора од 12 часот, а веќе од петок па до 24 април љубителите на книгата ќе можат да го посетат од 10 до 20 часот. Сите активности најавено е годинава да се одвиваат во Промотивниот центар постaвен во средина на салата, а ќе има и богата програма за деца и млади. В сабота и в недела ќе има неколку промоции на детски книги, како и забава за најмладите со маскоти на популарни ликови. Влезот ќе чини 100 денари, за учениците 50 денари, а ќе има и билет за три влеза кој ќе чини 250 денари. Како што посочија организаторите, 15 денари од билетите ќе се донираат за Детското СОС село. Посетителите до арената „Борис Трајковски“ ќе можат да стигнат и со автобусите со број 100 и 200 на ЈСП, кои ќе возат од Ѓорче Петров и од Лисиче.

Што се однесува до активностите кои ќе ги реализираат дел од македонските издавачи кои ќе бидат присутни на Саемот на книга, тие за читателите на весникот ВЕЧЕР ја претставија својата програма.

„Антолог“ – избор за сите вкусови и џебови

Книжевниот центар „Антолог“ за овој Саем на книга, особено ги истакнува 12. нови наслови кои излегуваат на првиот саемски ден, како и специјалната понуда која вклучува повеќе од 50 наслови по цена од само 150 денари. Тука се и попустите до 60%, пакетите – плати 5 одбери 6 и бесплатната достава за сметки над 1.200 денари за сите оние кои не се во можност да го посетат Саемот. „Во чест на нашата 25-годишнина, со повеќе од 350 наслови, вклучувајќи ги и најновите книги на вашите омилени автори, нашиот штанд на Саемот ќе биде место каде што ќе ги задоволите сите ваши книжевни апетити“ велат од „Антолог“.

Притоа се издвојува ексклузивниот настан со шведскиот автор Андерс Рослунд кој ќе биде присутен на штандот на „Антолог“ на 20 април во 12 часот. Исто така, најавени се промоции на седум нови книги од македонски автори, меѓу кои и книгата за деца и млади од Александар Кујунџиски со наслов „Со големо Д“. На четирите романи се потпишуваат: Мери Арсова – „Коски, пепел, чад“, Јордан Коцевски – „Тајни“, продолжение на „Тегли“, Анде Јанков – „Кобајаши Мару“ и Јован Илиески со продолжението на „Татко ми Босфор“, насловено како „Седум часот и педесет минути“. Од поетските збирки ќе бидат претставени Софија Добревска со нејзината поезија „Небо од стихови“ и Милчо Мисоски со „Зборови од хартија“. Сите домашни автори-ексклузивци на „Антолог“ ќе потпишуваат заедно примероци и ќе се дружат со читателите на штандот на „Антолог“, на 24 април со почеток од 13 часот. За најмладите книгољупци од пет до седумгодишна возраст предвидена е креативна работилница инспирирана од книгата „Големата фабрика за зборови“ во склоп на проектот „Создадено во Европа“, која ќе ја води Ана Голејшка-Џикова. Покрај овие настани, „Антолог“ организира и неколку-панел дискусии и тоа на многу важни теми за литературата и издаваштвото: Новата македонска-жанровска литература (18 април од 17 ч.), Што (да) читаат нашите деца? Нови теми и приказни во книжевноста за деца (23 април од 12 ч.) и Преводи, преведувачи, преведувачки дилеми и награди (23 април од 17 ч.). Од бестселерите и книжевните класици кои излегуваат специјално за саемот се и: „Магла и месечевина“ од Меша Селимовиќ, „Куќа на духови“ од Изабел Аљенде, „Плен“ од Ирса Сигурдардотир, „Само таа остана“ од Рајли Сејгер и „Верувај ми“ од Андерс Рослунд.

 „Три“ – Саемот на книга е најголемиот читачки настан во нашата земја

Издавачкиот центар „Три“, како што велат оттаму, годинава подготвува поинакво саемско искуство за сите посетители, а на нивниот штанд ќе понудат над 600 наслови.

Изјавуваат дека овогодишниот Саем го посветуваат домашните писатели и автори од регионот и затоа на нивниот штанд читателите ќе имаат можност да се сретнат со славниот српски режисер Срѓан Драгојевиќ, кој на 20 април, ќе ја промовира својата книга „Чат-пат е добро да се читне некоја книга за да не се испадне глупав во друштво“. Викендот, пак, ќе биде исполнет со средби со домашните автори – Лидија Димковска, која заедно со други добитници и членови на комисијата за Роман на годината, во Промотивниот центар ќе учествува на настан наречен „Роман на годината – вчера, денес, утре“. Венко Андоновски, пак, со новото издание на неговите прочуени „Фрески и гротески“ и „Азбука за непослушните“ ќе има промоција во недела, а Румена Бужаровска ќе потпишува примероци од новата патописно-есеистичка книга „Господ, па Америка“. Една од повозбудливите вести за домашните читатели е дека ќе пристигнат и илустрираното издание на „Писмо до внуката“ од Горан Стефановски и неговите неверојатни есеи „Пофалба на обратноста и други есеи“. Маја Волк, уште една позната српска писателка и поборничка на здравиот живот, ќе биде гостин во вторник од 17 до 20 часот.

„Полица“ – Семеен неделен ручек со писателот Петар Андоновски

„Полица“ своите настани наменети за читателите ќе ги почне в петок, на својот штанд, од 17 часот, со потпишување на книгата „Ловство. Зооекологија, биономија и етологија на дивечот“ од страна на авторот Владимир Малетиќ. В сабота, од 12 часот, во Промо центарот на Саемот е промоција на книгата „Дијалози“ од Коса Бојчески, чиј промотор е Виктор Јовановски, а истиот ден од 17 часот, пак, потпишувањето на книгата „Птици во аквариум; надреализам 1924-2024“ од страна на авторите Лидија Капушевска-Дракулевска и Влада Урошевиќ, што ќе се одржи на штандот на „Полица“. В недела, од 12 до 14 часот, повторно на штандот на „Полица“ ќе се одржи настанот Семеен неделен ручек со писателот Петар Андоновски. Во 12 часот, пак, во Промо-центарот ќе има промоција на книгата „Ајде уште еднаш“ од Бојан Станиќ, чиј промотор ќе биде Моника Стојановска.

„Арс Ламина“- богата програма за деца и млади

Со промоција на третиот дел на книгата „Солунска 28“ на легендарниот музичар и автор д-р Неле Карајлиќ, на 18 април (18 часот), издавачката куќа „Арс Ламина“ ќе го почне своето претставување на 36. Саем на книгата.

Ова е четврта книга на Карајлиќ во издание на „Арс Ламина“, по „Фајронт во Сараево“ и првите две продолженија на „Солунска 28“. Промотор ќе биде уредничката Татјана Димовска-Атанасова. По промоцијата следува потпишување на книгата и дружба со авторот. Оваа година „Арс Ламина“ на посетителите ќе им понуди над 1.000 изданија, попусти до 80 % на најбараните наслови, книги за 60, 100, 150 и 200 денари, како и многу саемски новитети – интернационални бестселери, сликовници и книги за деца. На програмата се промоции на книги, потпишување и дружба со авторите, како и работилници за деца. На првиот саемски ден (18.04), во 11 часот, на штандот на „Арс Ламина“ ќе се одржи работилница за деца „Нацртај ми бајка“, инспирирана од „Нови бајки од Македонија“ и „Си беше еднаш“, на која ментор ќе биде илустраторот Орце Нинески. Во петок, во 11 часот, ќе се одржи работилница за деца „Како се прават списанија?“ – инспирирана од списанијата „Прв детски клик“ и „Детски клик“. На 20 април, дружбата со читателите почнува во 11 часот со работилницата за деца „Мојата прва библиотека“, инспирирана од истоимената публикација со 31 книга за почетно читање. Во 13 часот, под наслов „Џабе си у Скопје, ако не цепаш на Саем“, ќе се одржи потпишување книги и дружба со Зоран Спасов-Ѕоф, авторот на хит-изданијата „Цепај сине“, „Џабе живиш у Скопје“, „Торонто експрес“, „Тито, мојот претпоследен херој“. Во 18 часот на програмата е промоцијата на книгата „Подоцна“ од Маријан Бошевски, чии промотори ќе бидат Ана Мартиноска и Татјана Димовска-Атанасова. Еден час подоцна, на саемскиот Промо-центар, ќе се одржи промоција на книгата „Скарбо“ со сите раскази за возрасни на Јадранка Владова. Промотори на изданието ќе бидат Оливера Ќорвезироска, Татјана Б. Ефтимоска и Александар Прокопиев. Во недела (21.4), во 11 часот, на штандот на „Арс Ламина“ ќе има работилница насловена „Магијата на Мирабела и Исидора Мун“, а во 12 часот, ќе почне костимираниот настан „Волшебниот свет на Хари Потер“, поттикнат од популарните книги на Џ. К. Роулинг. Во саемскиот Промо-центар, во 14 часот е закажана промоцијата на книгата „Прирачник за солиден живот“ од српската авторка Оливера Зуловиќ. Книгата е добитник на наградата на „Политикин забавник“. Во 15 часот, на штандот на „Арс Ламина“ ќе се одржи настанот „На кафе со авторите“, на кој книги ќе потпишуваат авторите: Јована Матевска Атанасова – „Риба во(н) мрежа“ и „Шарени ириси“, Срѓан Ивановиќ – „Писма од лудница“ и Андреа Мирческа – „Девојката што ја наслика смртта“. Популарниот стендап-комичар Марјан Георгиевски ќе ја промовира својата прва книга „Железно небо“, во 18 часот, на штандот на „Арс Ламина“. Со работилницата за деца „Како се прави џиновска сликовница?“, во 11 часот, ќе почне програмата на 22 април. Во 17 часот е закажано потпишувањето на поетските книги на Катица Ќулавкова („На врв на јазикот“) и Зоран Анчевски („Коњски житија“) на штандот на „Арс Ламина“, а во 18 часот ќе се одржи промоција на книгата „Страшни приказни“ од Сузана Камберова. Во чест на Светскиот ден на книгата, 23 април, во 11 часот, на штандот на „Арс Ламина“ ќе се одржи работилница за деца инспирирана од кампањата за поттикнување на читачките навики кај децата „Читањето е супермоќ“, а во 17 часот познатиот поет Никола Маџиров ќе ја потпишува својата прва книга за деца – „Рокчето“. Во 18 часот, во Промо-центарот, „Арс Ламина“ организира панел во чест на Светскиот ден на книгата, „Светската книжевност објавена на кирилица“, на кој ќе учествуваат Никола Маџиров, Владимир Јанковски, Оливера Ќорвезироска и Бисера Бендевска.

„Матица македонска“ и „Македоника литера“ – со онлајн продажба

Оние македонски издавачки куќи, пак, кои годинава, но и неколку години претходно, нема да бидат присутни со штанд на Саемот на книга, како „Матица македонска“ и „Македоника литера“, своите изданија со попусти овој период ги нудат на читателите – онлајн на нивните веб-страници или во книжарниците.

Под наслов „Пролетен фестивал на книгата“, „Матица македонска“, од 15 до 30 април, за читателите нуди над 650 наслови со попусти до 70%. И издавачката куќа „Македоника литера“ до 20 април своите изданија на читателите ги нуди со попусти од 25 до 30%. И двете издавачки куќи за нарачки над 1.000 денари на читателите им даваат бесплатна достава.

Како што посочува Нове Цветаноски, од „Македоника литера“ овој начин на продажба на книгите им е поисплатлив отколку да учествуваат на Саемот. „Но најважно е што е поисплатливо за читателите. За е-нарачка на наши изданија на веб или ФБ-страницата од над 1.000 денари читателите имаат бесплатна достава на книгите до нивните домови низ цела Македонија“, додава тој.

Наташа Илиевска-Таневски