Астибо утре против Деспина, Пелистер против Металург Автокоманда, Вардар со Спартак

Овој викенд ќе се одиграат натпреварите од 24. коло од женската ракометна Суперлига. Штипски Астибо на домашен терен ќе игра против Деспина во меч каде штипјанки ќе бараат три бодови и триумф за излез од длабоката резултатска криза, а пак Деспина во Штип доаѓа во победнички ритам и ќе ја бара четвртата победа во низа.

Ова ќе биде дуел на Астибо кој е на 12-тото место и на Деспина која е на 9-тото место, а ќе се одигра во спортската сала „Тошо Арсов“ во Штип.

„Фенерџијата“ Гевгелија на домашен терен ќе игра против апсолутниот фаворит Чаир, па тука и нема можност за било какво изненадување, трите бодови одат на контото на гостинот.

Вардар на домашен терен во победнички ритам го чека составот на Спартак во меч каде „вардарки“ ќе бидат апсолутни фаворити за трите бодови.

Во Свети Николе ќе се одигра дуел на две екипи кои се во голема резултатска криза, Овче Поле како домаќин нема триумф на последните пет натпревар ќе игра против Скопје, кој на последните три натпревари нанижа три порази.

Во недела екипата на Шампион ќе игра против лидерот Ѓорче Петров во меч каде „лавиците“ сосема очекувано ќе забележат голема победа, а пак Куманово како фаворит ќе го пречека составот на Стружанка. Во Битола ќе се соочат екипите на Пелистер и Метарлуг Автокоманда.

Александар Ванев, М-Нет