Мојсова-Чепишевска: Афирмацијата и развојот на македонистиката во странство треба да е државен приоритет

– Афирмацијата и развојот на македонистиката во странство треба да е државен приоритет, истакна директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), Весна Мојсова-Чепишевска, во интервју за „Локално“.

Таа напоменува дека процесот на отворање лекторати по македонски јазик, литература и култура во странство е комплексен – не е потребно само залагање од УКИМ, туку и интерес од странските универзитети и клучно, дипломатски залагања и финансиска поддршка. Како што вели, потребна е национална стратегија во која секој ќе го заврши својот дел од обврските за афирмацијата и развојот на македонистиката во светот.

– Ние, во нашите професионални релации со странските универзитети и поттикнуваме на тоа, но клучна улога треба да одиграат и нашите амбасади. Тие треба да бидат посилни и погласни за тоа каде може да се отвори лекторат по македонски јазик, литература и култура во странство и да се залагаат тоа да се случи онаму каде што се препознава можност и каде што има интерес. И во исто време да ги поддржуваат постојните лекторати, како и воопшто универзитетските центри на кои веќе има македонистика во светот. Секако, ние сме тука за она што е наша задача и за прикажување на нашите визии, со сета академска компетентност, ама во процесот, секој треба да го заврши својот дел од работата, напоменува професорката Мојсова-Чепишевска.

Во однос на финансиската поддршка за македонистиката во странство, нагласува дека мора да е поголема.

– Не може да очекуваме лекторот по македонски јазик со плата од 500 евра да да живее во Париз, Москва или Анкара. Иако има ентузијасти со верба во македонистиката, за среќа. Прво, со таа плата, тој не може да ја оствари основната егзистенција, односно да ги подмири дневните трошоци, а не и да најде сместување итн. Стандардот во голем дел од земјите во кои имаме лекторати е многу повисок од нашиот, платите се многу поголеми отколку кај нас, во Македонија. И таму, цените и севкупната економија се прилагодени на тие плати. Така што секако дека треба да се размислува на кој начин да им се овозможат подобри услови на нашите лектори во странство, нагласува директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Мојсова-Чепишевска.

Според неа, сето ова упатува кон тоа дека е потребна национална стратегија за поддршка на македонистиката, со залагања и конкретни задачи на сите повикани институции, секој да го оствари својот влог за македонистиката.

Осврнувајќи се на конкретни примери каде треба да се демонстрираат визија и дипломатски вложувања, Мојсова-Чепишевска ја посочува Тирана, запрашувајќи се зошто на неодамнешната меѓувладина седница на владите на двете држави, не беше опфатено прашањето за изучување на македонскиот јазик во Тирана.

– Сега имаше навистина добра прилика и требаше покрај големите разговори за многу битни работи од економската сфера и други прашања за добрососедските односи, да се отвори и „малото“ прашање за изучувањето на македонистиката во Тирана. Зашто, во Тирана воопшто не се изучува македонистика! Мора да се има свест дека во билатерлани средби кои властите ги остваруваат на највисоко ниво мора да се опфаќаат и вакви прашања, порачува Мојсова-Чепишевска.

Таа напоменува дека искрено се надева дека можеби ќе дочекаме да се отвори и лекторат по македонски јазик и во Бугарија, па и во Грција, иако засега нема некакви најави за подготвеност во соседните држави.

– Сакам да верувам дека ќе дојде тоа време, ама треба малку да се ослободиме од политизирање на некои работи и да ги гледаме вистинските потреби на народите. Зашто идејата со лекторат во Тирана не се однесува на тоа тој да биде наменет само за Македонците таму, туку за да се овозможи сите студенти што студираат филологија таму да може да го изучуваат и македонскиот јазик. На Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ има одделна студиска програма Преведување од албански на македонски и од македонски на албански јазик, на која се запишуваат и Македонци кои сакаат да го научат албанскиот јазик и да бидат добри преведувачи од едниот на другиот јазик. Зошто тоа да не можеме да го направиме и во Тирана, со македонскиот јазик? – нагласува Мојсова-Чепишевска.

27.11.2022 - 10:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега