КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Балканци или чувај не Господе од нас самите

297

Каде и да се наоѓате, помеѓу илјадници луѓе, веднаш без грешка ќе препознаете Балканец. Ние сме ти еден чуден сој толку различен од сите други, со специфичен карактер и навики кои се понекогаш толку апсурдни да предизвикуваат запрепастување или смеа до солзи. Во некои ситуации предизвикуваат и запрепастување и негодување на околината, ама на нас Балканците баш ни е гајле, тоа не нè допира и не влијае на нас.

Ние сме бучни и гласни, секогаш и секаде,  толку многу да е невозможно да не забележиш дека се работи за Балканци. Преполна плажа, пуштена музика од кафиќот, луѓето тивко разговараат помеѓу себе или читаат книга, деца се играат во песок, кога наеднаш се слуша викање и гледаш како дете трча по плажа, а по него трча мајка на сиот глас извикувајќи го неговото име проследено со закани и пцости. И без да слушнеш на кој јазик зборуваат знаеш дека се работи за луѓе од Балкан затоа што зборуваат толку гласно како да се довикуваат и покрај тоа што стојат еден до друг и сите во исто време зборуваат. Испружени на лежалки маж и жена, жената полугласно му префрла нешто на мажот, а овој потстанува и што погласно може го довикува детето кое е во вода проследено со нишање на показалецот и задолжителниот повик да излезе од вода зашто ако настине ќе си го добие своето, со сигурност знаеш дека се од Балкан. Само Балканци  покрај музиката од кафиќот, на звучникот кој го довлечкале на плажа и го покриле со пешкир да не го оштети сонцето, почнуваат да пуштаат музика од која ечи цела плажа, па и таа до неа, пијат пиво и се фаќаат во коло кое го играат помеѓу лежалките, пеејќи ја песната која ечи од звучникот. Ако видиш пешкири на лежалки на плажа или на лежалките околу базенот во 7:30 знаеш дека тоа Балканци ги ставиле уште во 5 часот сабајле за да ги зафатат и се вратиле да отспијат до 11 часот.

Со сигурност знаеш дека е некој балканец ако покрај пет колони возила кои чекаат во обележана трака на граница тој поминува со кола цела колона и формира шеста трака која ниту е обележана ниту постои, а при тоа ги попречува сите автобуси да дојдат до границата затоа што им ја блокирал траката. Само Балканец на граничен премин излегува од кола и се поткачува на прагот за да види зошто се чека во колона, се симнува и седнува назад не затварајќи ја вратата за да по неколку минути пак се качи за да ја потврди веќе видената глетка и почнува да свири надевајќи се дека тоа ќе ја намали гужвата и тој побрзо ќе ја премине границата. Единствено Балканците веднаш по пристигнувањето на границата, и покрај тоа што поминале одвај стотина километри, како по команда излегуваат од кола и веднаш се упатуваат во тоалет. По враќањето од тоалет се отвораат торбите и се вади храна која е за по пат за „не дај боже” и се прави гозба додека се чека во колона. Храната за по пат е задолжителен  и препознатлив елемент за секој Балканец без оглед за кое превозно средство се работи и без оглед на должината на патот која почнува да се отпакува и консумира веднаш по тргнувањето.

Балканец лесно ќе препознаеш и во сообраќајот, тој од трака за право врти во лево попречувајќи го сообраќајот  “надитрувајќи” ги сите оние кои трпеливо чекаат на семафорот во соодветна трака. Балканецот не е трпелив и не е навикнат да почитува правила, испод чест му е да чека во редица, секогаш изигрува ” итар Пејо” мислејќи дека ги надитрил другите не сфаќајќи дека изигрува будала и ја покажува својата некултура.

Некултурата и љупопитноста се исклучително изразени кај Балканците и секогаш будно ја набљудуваат својата околина и со уживање ги оговараат и коментираат сите кои ги сретнале или виделе дента.

Промаја ги демне Балканците од сите страни, па не е ништо чудно да видиш дека штом ќе влезат некаде почнуваат да набљудуваат од каде тоа им дува во врат, на рамо, директно во половина и веднаш бараат да се затворат сите можни прозорци и врати за да не ги „убие” промаја.

Иако зборуваат различни јазици,  балканците меѓу себе се разбираат, обожаваат да зборуваат за политика и историја, секогаш докажувајќи се кој е постар, поголем јунак, кој има побогата историја, секогаш докажувајќи дека оние другите од Балканот не постојат, дека се измислени како нација и дека сите припаѓаат на нацијата на говорникот. Историските личности се присвојуваат, поразите се раскажуваат како победи, а сите други народи и нации се настанати од нив. Длабоко веруваат во заговори и секој свој неуспех го припишуваат на странците. а секогаш кога ќе биде густо се колнат во странците надевајќи се на нивната помош.

На секој Балканец му е свето семејството и фамилијата, се колне во нив, но секој Балканец  е скаран, не зборува и не контактира со две третини од својата фамилија.

Балканците одат во црква, се молат, се крштеваат, слават слави, а во секоја пцост им е спомнат Господ.

Уште многу има да се раскажува за Балканците и нивните одлики и навики, но овде ќе запрам и се што можам да кажам е Господе чувај не од нас самите.

(ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот)