МОН: Исплатени се студентските стипендии за старите и новите корисници заклучно со март

Министерството за образование и наука (МОН) информира дека се исплатени студентските стипендии за сите стари и нови корисници заклучно со месец март.

„Во меѓувреме, исплатена е и втората рата на сите студенти кои имаат потпишано анекс кон договорот за стипендија и навремено доставиле спогодба за користење на зголемен износ на стипендија. Со оваа исплата се надоместува разликата помеѓу стариот и новиот зголемен износ на стипендијата што ја користат, за 5 месеци“, велат од МОН.

Оттаму соопштуваат и дека етапно се реализира исплатата на средства за субвенционирање на патните трошоци за сите студенти кои студираат надвор од местото на живеење и го оствариле правото за користење на оваа антикризна мерка која предвидува месечен надомест до 1200 денари за период од 7 месеци.