Треската за електричниот автомобил на „Xiaomi“ ги одложува датумите на испорака

Кинеската технолошка компанија „Xiaomi“ ги предупредува потенцијалните купувачи на електричниот седан „SU7“ дека можеби ќе треба да чекаат четири до седум месеци за нивниот автомобил поради големата побарувачка.

Производителот на паметни телефони и друга електроника за широка потрошувачка почна да прима нарачки за својот модел на електричен автомобил кој се појави на пазарот во четвртокот и објави дека пред-нарачките достигнале 88.898 во првите 24 часа.

Според статусот на апликацијата за нарачки автомобили на „Xiaomi“, испораките за стандардниот модел „SU7“, по цена од 215.900 јуани или 29.870 америкаснки долари, би можеле да траат меѓу 18 и 21 седмица.

Чекањето за испорака на моделот „SU7 Pro“ би можело да трае од 18 до 21 седмица, додека за најскапиот модел чија цена е 299.900 јуани или 41.500 долари може да се протегне меѓу 27 и 30 седмици.

Моделот „SU7“, чиј дизајн потсетува на моделите на спортски автомобили на „Porsche“ – „Taycan“ и „Panamera“, беше лансиран во услови на жестока ценовна војна на светскиот пазар на автомобили каде повеќе од 40 марки се натпреваруваат за вниманието на потрошувачите.

Притоа „Xiaomi“ не е без адути и тоа силни, забележуваат аналитичарите, кои истакнуваат дека има подлабоки џебови од многу стартапи за електрични возила и дека стручнаста на овој технолошпки гигант стекната во бизнисот со паметни телефони му дава предност во развојот на системи за електронски надзор, карактеристика што ја ценат кинеските потрошувачи.