Новинарките постојана мета на онлајн закани и говор на омраза, но сторителите ретко се казнети

 

Кога минатата година новинарката Рита Бехадини се спротистави јавно на статус на оџата од Сарај на социјалниот медиум Фејсбук, се соочи со експлицитни закани по живот кон неа и кон нејзиното семејство. Сторителот беше извесен профил на социјалната мрежа, именуван како Fisnik Hoxha.

Новинарката Мери Јордановска во 2020 година во 5 часот наутро на апликацијата „Телеграм“ почна да добива закани по нејзиниот живот и навреди од партиски активист.  За жал, ниту за Рита ниту за Мери, овие не се единствените закани и навреди во онлајн просторот со кои со соочиле во текот на својата кариера.

Напротив, многу често новинарките во Македонија се мета на напади, вознемирување, говор на омраза, закани и сексистички и мизогини коментари во онлајн просторот. Според податоците од Здружението на новинари во Македонија во 2020 и 2021 година од 19 евидентирани напади, 11 биле врз новинарки.

Во истражувањето на ПИНА – „Анализа на онлајн вознемирувањето врз новинарките во Северна Македонија“ од минатата година, дури 81,6% од 103 анкетирани новинарки во земјава се соочиле со онлајн вознемирување. Според новинарките, мотивот за вознемирувањето најчесто бил поради објава на новинарски текстови насочени кон други центри на моќ (56.6%), во 43.4% од случаите поради објава на сопствени новинарски текстови за општествени случувања кои биле критички кон властите, во 36.1% поради објавени новинарски текстови за општествени случувања кои биле критички насочени кон некоја партија. Помал дел од новинарките кажале дека биле вознемирувани како резултат на изразување на лични ставови и мислења за општествени случувања кои биле критички кон властите (24.1%) и кон некоја партија (18.1%). Речиси половина (43,7%) вознемирувањето не го пријавиле никаде, додека најголем дел од останатите (32%) го пријавиле во својата редакција. Ова не е случај само кај нас, туку глобално. Според податоците од истражување на Меѓународната федерација на новинари цитирано во публикацијата на ПИНА, 64% од новинарките се соочиле со онлајн насилство, од кои речиси половина (47%) не го пријавиле случајот.

Дискредитација на работата поради родот

Заканите кон новинарката Рита Бехадини, беа пријавени во Министерството за внатрешни работи, до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, но иако ова се случи во текот на летото, се уште нема кривична одговорност за лицето кое стои зад заканите упатени кон новинарката. Од Здружението на новинари на Македонија во својата реакција посочија дека заканата претставува директен повик за физичко насилство кон новинарката, со што се загрозува нејзината безбедност, а потенцијално и сигурноста на останатите нејзини колеги од медиумот. Оттаму велат дека активно ја следат постапката за овој случај.

„Случајот го пријавив во МВР и во Секторот за компјутерски криминал. За жал сторителот продолжува да навредува други жени со истиот профил. Не се чувствував безбедна во тој период кога ги добив заканите, но од друга страна ни не очекував полицијата да ме заштити. Кога работиш цело време со жени жртви на насилство, веќе знаеш што можеш да очекуваш од полицијата. Но сепак, МВР има одговорност за овие работи“, вели Бехадини.

Таа додава дека новинарките се изложени пред јавноста цело време, во едно општество кое се уште не е навикнато жената да биде вклучена во сите процеси, да зборува гласно, и да носи важни одлуки.

„Институциите треба да го имплементираат законот и да ги најдат сторителите. Кога сторителите ќе бидат во затвор, нема да биде толку лесно за другите да сејат омраза и да пишуваат било што. Жените никогаш не се чувствуваат сигурни во оваа земја. Барем тоа можам да го кажам од моето лично искуство. Јас како активистка и новинарка не е прв пат да се соочувам со говор на омраза, закани и навреди, но тоа не го прави целиот процес полесен за мене. Сега го пријавувам секој случај затоа што сметам дека тоа е единствениот начин на кој можеме да направиме притисок врз институциите “, вели новинарката Бехадини.

Новинарката Мери Јордановска, го пријавила исто така случајот на говор на омраза, прво во полиција, во Единицата за насилен криминал, а потоа случајот го презел Обвинителството. Лицето беше осудено на затворска казна.  Сепак, од вкупно 14 регистрирани случаи на напади и закани кон новинари во 2021 година, само за нејзиниот случај имаше судска разврска.

„Поранешен вработен во Централниот регистар и партиски активист, во 5 часот изутрина во 2020 година, без никаква причина, на комуникациската мрежа „Телеграм“ започна да ми испраќа пораки, од кои дел беа заканувачки и полни со навреди, од тоа дека сум странски платеник, до тоа дека ќе завршам зад решетки – едноставно пораки кои немаа допир со реалноста, но сепак беа доволни да ме вознемират. Не знам дали случајот ќе стигнеше дотаму до каде што стигна, ако во меѓувреме не дознаев дека неговата поранешна сопруга е жртва на семејно насилство и ако не се пријавеа и други лица кои биле предмет на слични напади од страна на истото лице. Само од тие причини решив да го пријавам случајот, бидејќи станав свесна дека долго време се молчело и му се прогледувало низ прсти на некој кој континуирано повторувал едно дело кон различни луѓе. Обвинителството го соедини мојот предмет со пријавите на неговата поранешна сопруга и лицето беше осудено на 1,8 години затворска казна и задолжително психијатриско лекување. Тој досега, колку што знам, веќе ја има издржано казната, но оттогаш не се обидел да ме исконтактира. Морам да признам дека навистина сум задоволна од пристапот на надлежните институции кон овој случај, особено од Единицата за насилен криминал при МВР и од обвинителството, кои навистина за исклучително краток период постапија по пријавата и со тоа ги решија и случаите на повеќе лица кои подолг временски период трпеле слични тортури“, раскажува Јордановска.

Лошите намери во онлајн просторот да се дискредитира работата на една новинарка секогаш тргнуваат од фактот дека таа е жена. Дополнително, новинарките се соочуваат и со испраќање на нивните лични броеви во разни групи или на социјални мрежи каде злонамерно се наведува дека се впуштаат и во нудење сексуални услуги.

„Она што со сигурност го тврдам е дека најчестото вознемирување на новинарките не е поради одредена содржина што ја објавиле, туку навредите се насочуваат во друга насока – дали била мажена или не, дали била дебела или слаба, дали била „нечија швалерка“, значи сексизмот е она што преовладува, бидејќи тоа влече публика. Уште позастрашувачка е бројноста на публиката која ја влечат тие коментари, кои имаат за цел да нè дискредитираат како жени, а со тоа целта е да нè дискредитираат и како новинарки“, вели Јордановска.

Таа додава дека не чувствува страв дека некој ќе ја нападне физички, туку стравот е насочен кон тоа колку се вознемируваат нејзините најблиски и како тоа влијае.

„Воопшто не е сеедно да се најдете во центарот на нечии фрустрации само затоа што сте ја работеле својата работа. Сето тоа си носи свои последици, сакале или не. Социјалните мрежи во голем степен придонесоа секој што сака да може да напише за некого, да го обележи, да му стави етикета, да му уништи живот, без да одговара за истото“, додава новинарката.

Злоупотреба на слободата на изразување

Од ЗНМ велат дека таргетирањето на новинарките може да ги обесхрабри жените да влезат или да останат во полето на новинарството, што придонесува за недостаток на различност во редакциите.

„Нападите насочени кон дискредитација на работата на новинарките може да го поткопаат нивниот кредибилитет и кредибилитетот на медиумските организации што тие ги претставуваат. Ова може да има застрашувачки ефект врз истражувачкото новинарство и способноста на новинарите да ги повикаат на одговорност оние кои се на власт. Стресот и анксиозноста што произлегуваат од онлајн вознемирувањето може да влијаат на нивната способност ефикасно да ги извршуваат своите работни места“, велат од ЗНМ.

Иако говорот на омраза во нашето законодавство е казниво со затвор, сепак скоро непостоечки се пресудите за злоупотреба на слободата на изразување по родова основа. Говорот на омраза според македонскиот Кривичен законик е опфатен во неколку кривични дела, меѓу кои и „Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“ од член 394-г од Кривичниот законик, но и во новите кривични дела „Полово вознемирување“ од член 190-а и „Демнење“ од 144-а од Кривичниот законик.

Според податоците од Основниот кривичен суд Скопје, од 2021 година до септември 2023, се донесени четири правосилни пресуди за говор на омраза во интернет просторот од кои три се условни осуди, а една е ослободителна пресуда. Но, оттаму нагласуваат дека во постапките водени пред Основниот кривичен суд, говорот на омраза е насочен кон лица од машки пол или група луѓе базирани на етничка, религиска или верска основа.

Од ЗНМ додаваат дека постапката за проценка на ризикот во законот не е јасно дефинирана.

„Истанбулската конвенција е ратификувана во Северна Македонија, во 2018 година, а нејзините одредби се вградени во Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство изготвен во текот на 2020 година, а усвоен во јануари 2021 година. Како ЗНМ сметаме дека е потребна позитивна судска пракса во насока на санкционирање на ваквиот тип на напади а со тоа и унапредување на заштитата на новинарките во контекст на обесхрабрување на потенцијалните заканувачи или напаѓачи кон новинарите и медиумските работници“, велат оттаму.

Според истражувањето на ПИНА, непријавувањето на случаите на вознемирување најчесто е резултат на високиот степен на недовербата во институциите, независно дали станува збор за полиција, обвинителство или судство. 41.9% од новинарките кои пријавиле онлајн вознемирување и напади биле многу незадоволни од соработката со институциите. Само 2 новинарки (6.5%) биле задоволни. Воедно, времетраењето на постапките, како и нивниот финален исход значително влијае на мотивацијата на новинарките да ги пријават случаите.

Според Советот за етика во медиумите најчестите причини за напади и закани кон новинарките е спротивставувањето на востановените конзервативни ставови за начинот на функционирање на општеството, на семејството или други заедница.

„На социјалните мрежи „напаѓачите“ се сметаат безбедни затоа што можат и да се скријат зад лажно име или фотографија. Комисијата за жалби ги разгледува и носи одлуки или мислења за сите пријави, кои се однесуваат на текстови објавени во медиумите. Добар дел од пријавите се однесуваат на злонамерни коментари што следат под објавата на медиумска содржина на социјалните мрежи. Многу често медиумите не водат сметка за навредливите коментари, со образложение дека немаат доволно кадар ниту време за нивно отстранување. Но тоа е една од нивните обврски. Не можам да издвојам пријави за говор на омраза токму против новинарки. Можеби се работи за она што го објаснува и колешката Бехадини – сите се навикнаа на тоа, наместо да вреват и да пријавуваат!“, вели Билјана Георгиевска, извршна директорка во СЕММ.

Георгиевска додава дека потребна е координирана акција во целото општество, за подобрување на медиумската писменост на населението, но и за подигање на свесноста за она што се нарекува „политичка коректност“ , односно толеранција и почитување на разликите во секоја сфера, не само во политиката. СЕММ е и координатор на Мрежата против говор на омраза, која наскоро треба да почне со работа.

Од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација велат дека во 2022 и 2023 година до Комисијата не се поднесени претставки во врска со утврдување на дискриминација врз новинарки.

Мери Јордановска смета дека има напредок во однос на мерките кои се преземаат и од новинарските организации и од институциите.

„Обединети и гласни сме во ставот дека онлајн заканите и вознемирувањата се сериозна закана по слободата на говорот. Говорот на омраза е средство кое често се користи за да се замолчи некој. И за жал, често и успева. Но, и покрај сите напори, интернетот не може да се стави под контрола. Тоа е глобален систем, ете, и самите сме сведоци на портали регистрирани надвор на државата на кој буквално никој не им може ништо“, објаснува Јордановска.

Дигиталното родово-базирано насилство врз новинарките може да има сериозно влијание врз нивната работа и нивниот живот. Заплашувањето, несигурноста, стравот за сопствената безбедност и безбедноста на своите блиски како и непријателската средина водат кон самоцензура на новинарките поради последиците со кои би можеле да се соочат.

Ова е директниот начин на кој дигиталното родово-базирано насилство се прелева надвор од екранот. Стравот од закани и заплашување поради објавен текст исто така има големо влијание и врз истражувачкото новинарство. Токму поради ова е важна правилната имплементација на законите,  ефективната заштита од институциите и изведување на сторителите пред лицето на правдата.

Марта Стевковска

Извор: Портрет

Back to top button
Close