„Кенди“, победничката претстава на МОТ, на сцената на Драмски театар

Победничката претстава на фестивалот МОТ 2023, прогласена за најдобра претстава во селекција на независна продукција со награда „БИШ“ за „Кенди“ во режија и адаптација на Тамара Стојаноска, во петок(8.03) ќе биде изведена на малата сцена од Драмскиот театар Скопје, со почеток во 20 часот.

Претставата е работена по романот на Лук Дејвис и по авторски материјали од ХОПС – опции за здрав живот – Скопје, ова е продукција на независниот театар „Златен Елец“, играат актерите Лео Поповиќ и Бобан Алексоски, музиката е на Лука Тошев а дизајнот на рекламниот материјал е на Бојана Цилевска.

“Оваа претстава ја одликува големата храброст и ангажман да ги отворат современите болести на младите во време на социјална, политичка и општествена неизвесност. Автентичноста во режисерскиот и актерскиот израз зборува за застрашувачките последици од нарко зависноста, но и од тензичноста на едно време каде што семејните и социјални дисторзии се меѓу најголемите причини за исчекорувањето на младата популација од реалниот свет и нивното заминување во пеколот на наркоманијата. Кога сме кај имагинативноста, една од карактеристиките на оваа проетстава е токму широката режисерска имагинативност на Тамара Стојановска, но и длабочината на актерскиот израз на Бобан Алексоски и Лео Поповиќ, два неодминливи сегменти и конечно најважни за да се долови една ужасна појава која, за жал, сѐ уште ја има во нашата социјална и општествена стварност. Овде ќе треба да ја споменеме и пораката на ова сјајно театарско дело, која предупредува и укажува на катастрофалните последици, кои сѐ повеќе и повеќе ја разјадуваат младата популација, порака што не одминува никого и не поштедува никого од нас.“ – велат во образложението за наградата, тричленото жири на фестивалот.

Во месец мај минатата година, претставата освои и награда БРАНКО ЃОРЧЕВ на истоимениот фестивал за дуодрама во Неготино, за актерите Бобан и Лео, за најдобра партнерска игра.

Во Драмски, ќе биде осма изведба на претставата и прв пат после фестивалот МОТ, изведби ќе има и понатаму во Скопје, низ државата но и надвор од границите. – информираат од „Златен Елец“.

- Реклама -