Нов албум на Добрила Грашеска и Дориан Јовановиќ „Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“

Скопскиот џез фестивал организира промоција на второто албумско издание на тандемот Добрила Грашеска / Дориан Јовановиќ под наслов „Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“. Промоцијата ќе биде збогатена со мини-концерт, а влезот е слободен.

Сабота, 18 март, 13:00 во Макка Бар (бул. Св. Климент Охридски 60)

Добрила Грашеска – вокал, лупови
Дориан Јовановиќ – ут, лупови, електроника

„Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“ е ново автентично истражување на македонското музичко наследство, на еден свој, чудесен, начин поинакво од првенецот „Апокриф“ (2021), кој едновремено и едногласно ја освои публиката и музичката критика.

Овојпат со осум мелодии, небаре разгледници од минатото со подизбришан штембил, Добрила и Дориан раскажуваат ту весели, ту тажни приказни обоени со аритмија, со темна готика или весела динамичност, но со различен пристап кон ткаењето на звукот на утот и вокалот. Имено, соочени со прашањето како понатаму, тие најдоа одговор во збогатувањето на едноставноста со помош на електронски модификатори – лупери и процесори кои на утот му додадоа уште еден куп шумови, тонови и звуци, а од вокалот извадија и радио бранови и хорови.

Од познати до непознати песни од нашево поднебје, со поинакви аранжмани и изрази, „Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“ е албум кој има задача да отвори ново поглавје, да покаже различен дискурс на нешто колку познато, толку и непознато, да испраша и да израдува. Како пиле. Шарено.

Албумот содржи 8 традиционални македонски композиции, во аранжман и изведба на двоецот Грашеска/Јовановиќ. Дизајнот на обвивката е дело на Ника Гавровска. „Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“ е 49. издание на SJF Records, спремно за уживање на CD, а ќе биде достапно и за даунлоуд и стриминг.

You May Also Like