[Видео] „Природа на продажба“ – Институтот за комуникациски студии објави нов документарен филм

Институтот за комуникациски студии (ИКС) вчера го објави новиот документарен филм „Природа на продажба“ кој ја анализира причината за незавидната ситуација на стеноендемитот – македонската сивка, вид чие распространување е ограничено на многу тесно подрачје.

„Оваа пеперутка, прогласена за строго заштитен македонски вид во 2011 година а за критично загрозен во 2009 од страна на IUCN – бележи пад на популацијата за 30%. И покрај сето тоа, нејзини препарирани трофеи можат да се купат на интернет преку повеќе централно европски пазари за продажба“, се вели во најавата за филмот.

Последното истражување на терен, направено во 2012 година од тим на национални и меѓународни ентомолози, како што велат од ИКС, покажало намалување на популацијата на македонската сивка до 30%.

„Во студијата, 5 од 7 локации означени како дом на Сивката докажано е дека се претворени во каменоломи за мермер. Но, има уште еден, помалку видлив, непријател на оваа ретка пеперутка. За изненадување, доаѓа во форма на пријател – љубител на пеперутки. Посетителите кои на лето минуваат низ Плетвар, се воодушевуваат на природата и ја фотографираат, сепак, неретко ја ловат македонската сивка, а потоа, во форма на препариран трофеј, ја поставуваат на интернет за продажба. Во неколку европски земји има трговски друштва и веб-страници на кои може да се купи примерок од една од најретките и најзагрозените пеперутки во Европа за само околу 30 евра“, додаваат тие.